Судири во Исламабад
1 септември 2014Околу илјада демонстранти денеска (1.9.) ги зеле како заложници вработените во државната телевизија ПТВ, изјави пакистанскиот министер за одбрана Каваја Асиф. Армијата беше повикана да ги исфрли демонстрантите од објектот и во меѓувреме, како што јавува агенцијата Ројтерс, телевизијата повторно продолжила со програма, под армиска заштита.
Полицијата во Исламабад соопшти дека на околу еден километар оддалеченост од резиденцијата на премиерот Наваз Шариф има судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили. Демонстрантите, околу 3000 на број, се вооружени со стапови и камења.
Во текот на викендот во судирите животот го загубија најмалку три лица, а повредени се стотици. Судирите избија кога демонстрантите се обидоа да навлезат во резиденцијата на премиерот Шариф.
На протестите се бара оставка на владата и премиерот. Протестите ги предводат поранешната крикет-ѕвезда Имран Кан и клерикот Тахир ул-Квадри. Тие го обвинуваат Шариф дека на минатогодишните избори во Пакистан победил со фалсификати. Шариф тоа го отфрла. Пакистанската армија, која има голема моќ во земјата, вчеравечер повика на политичко решение на кофликтот, „без да се губи време и без насилство“. Во соопштението на војската натаму се вели: Армијата останува обврзана кон својата улога - да обезбеди сигурност во државата.“ Ескалацијата на насилството предизвика загриженост дека е можно вмешување на армијата, која во минатото неколку пати има извршено пуч во Пакистан.