Текстилната индустрија во грч
28 ноември 2015Минатиот месец министерот за економија Беким Незири имаше остварено средба со претставниците на седум најдоминантни извозно насочени текстилни компании, поттикнат од, како што самиот образложи, „алармантниот податок за драстичниот пад на извозот на облека во 7 земји“: Велика Британија, Холандија, Бугарија, Германија, Чешка, Италија и Грција. Тие спаѓаат во првите 20 земји, со кои Македонија има најголем обем на трговска размена. ДВ побара информација од Кластерот за текстил при Трговско-текстилната асоцијација на Македонија, чиј дел се споменатите седум компании, што се случува со производствено-извозните активности на овие фирми, но и во севкупната текстилна индустрија во земјата.
Наташа Сивевска, извршна директорка на овој стопански кластер (групација на компании), истакнува: „Се бележи и пад на индустриското производство, што е резултат на намалената конкурентност на компаниите. Излез од оваа ситуација е зголемување на продуктивноста, квалитетот и инвестирање во производство на готов производ, или ’чист’ извоз. Ова ќе се постигне со решавање на сите претходно образложени проблеми, при што ќе се запре падот на индустриското производство. За санација на штетите ќе биде потребен подолг период и дополнителни интервенции, за што предлагаме да се направи ревизија на ’Стратегијата за текстилната индустрија’ усвоена од страна на Владата во 2007 година.“
Стопанската комора на Македонија изнесува нешто поразлични податоци: „Вкупниот извоз на текстилната индустрија во 2014 година изнесува 748,4 милиони американски долари. Во првите 7 месеци од 2015 година извозот на текстилни производи изнесува 357,5 милиони долари. Тоа претставува намалување за 20,5 отсто во однос за истиот период од 2014 година, кога изнесувал околу 449 милиони долари, што во просек претставува околу 16-18 проценти од вкупниот извоз на државата. За седум месеци од 2015 година во споредба со истиот период од 2014 година кај производството на текстилни ткаенини има зголемување за 10,5%, а кај производството на облека зголемувањето е за 1,8 отсто.“
ДВ побара изјава и од Министерството за економија, но одговори на упатените прашања не доби. На официјалната веб-страница на Министерството, во една информација во врска со споменатата средба на министерот Незири со претставниците на седумте текстилни компании од минатиот месец, се наведува: „Текстилната индустрија има големо значење во македонската економија, бидејќи апсорбира над 35 отсто од вработените. Еден од проблемите со кои се соочува текстилната индустрија е заминувањето на кадри од текстилниот сектор од домашните компании кај странските инвеститори од текстилниот сектор, кои се позиционирани во индустриските зони. Кон ова се надоврзува и проблемот со недоволен број на образован кадар во средното образование и на техонолошките факултети, кој би одговорил на потребите на текстилната индустрија.“
Добрите кадри „бегаат“ кај странците
Како да се сопре сопре „бегањето“ на носечките инженерски кадри од текстилните фабрики во новоформираните странски фабрики во индустриските зони? Текстилниот кластер напоменува: „Во однос на проблемот со преземање на кадарот од домашните компании во странските инвестиции, предлогот на Текстилниот кластер е во странските инвестиции да може да биде вработен кадар којшто претходно е пријавен во Агенцијата за вработување најмалку шест месеци. Во поглед на развојот на човечките ресурси во текстилната индустрија, Текстилниот кластер предлага: владина промоција на секторот и обезбедување кадар потребен за индустријата преку едукација, доедукација, преквалификација и.т.н; во однос на високообразованите кадри компаниите се подготвени да стипендираат по 50 студенти годишно, но, стипендиите треба да бидат ослободени од персонален данок; потребно е и доопремување на високообразовните институции со потребната опрема за практична настава во функција на обезбедување квалитетни студии и добро подготвен инженерски кадар.“
Стопанската комора на Македонија го изнесува следниот став: „Се случува дел од вработените во текстилните фабрики за малку повисок паричен износ да се преземаат од страна на странските фабрики во индустриските зони, а знаеме колку време, знаење и труд треба за да се оспособи стручно еден добар работник во текстилот. Но, сепак, имаме слободен пазар на труд и самите работници одлучуваат за своето работно место. Затоа, неопходно е да се изнајде начин и да се реши проблемот со недостиг на стручен кадар за работа во текстилната индустрија, како и да се воведат дополнителни стимулативни мерки од страна на државата, за да се зголеми бројот на обучени текстилни работници.“.
Сепак, уште е позначајно прашањето дали се бележи опаѓање и на бројот на работната сила во текстилната индустрија, имајќи предвид дека во 2007 година во оваа дејност биле вработени околу 44 илјади лица. Стопанската комора на Македонија вели: „Ние немаме информација за помасовни отпуштања на вработените во оваа гранка. Според Државниот завод за статистика, во производството на текстил и текстилни производи во 2013 година имало 35.348 вработени, а во 2014 година овој број е зголемен и изнесува 37.841 вработени во оваа дејност.“
Милева Ѓуровска, експерт за социоекомија предупредува: „Кризата во текстилната индустрија во Македонија започна со кризата во ЕУ во 2008 година, бидејќи главно во Македонија се работи според ’LOAN системот’ (порачки од странски модни куќи). Оттогаш до денес оваа индустриска гранка ја следат големи турбуленции. Станува збор за специфична гранка на производство, која вработува голем број работници. Со оглед на фактот дека во Македонија во оваа гранка се вработени приближно 10 проценти од вкупно вработените, секое масовно отпуштање ќе ја влоши сликата за пазарот на трудот, но и стабилноста на целокупната економија. Реално е да се очекува намалување на бројот на вработените во овааа гранка со оглед на веќе постојната тенденција од 2008 година, но и со оглед на неповолните економски циклуси на националната економија. Овде е особено значаен националниот правен контекст и времето на уживање на бенефициите за странски директни инвестиции. Насекаде странскиот капитал реагира на истиот начин, односно откако ќе помине периодот со разновидни поволности, кои државата ги дава за да привлече странски директни ивестиции, следи периодот на напуштање на економската активност и отпуштање голем број на работници.“
Работодавачите во криза прво отпуштаат работници
Здравко Савески, експерт за социополитика, се надоврзува: „Работодавачите во Македонија од сите сектори секогаш кога ќе се најдат во потешка економска ситуација прибегнуваат кон отпуштање на работници како прва мерка за решавање на потешката ситуација на своето претпријатие, притоа изложувајќи ги работниците кои ќе ги задржат на дополнителен работен ангажман, односно, ако претходно работеле за двајца работници, сега да работат за тројца. За очекување е тоа да се случи и во текстилната индустрија. Ако се намали драстично искористеноста на капацитетите, тогаш ќе се зголеми бројот на невработени лица, особено во региони каде што токму поради работењето во текстилните фабрики како-така се држеше проблемот со невработеноста во ’подносливи’ размери и каде што платата на лицето вработено во текстилна фабрика е единствен извор на приходи за голем број семејства. Во таква ситуација и без доволно дополнителни можности за вработување, за очекување е драстично да се влоши нивото на сиромаштија кај тие семејства. Можната криза, па дури и крахирање на текстилната индустрија во Македонија, поради големиот број луѓе кои моментално ги вработува, би довело до значително зголемување на невработеноста во Македонија. Со сите последици што тоа би можело да ги донесе: од зголемување на бројот на сиромашни во Македонија и зголемување на нивото на сиромаштија кај тие луѓе кои едвај крпат крај со крај, па до дополнително иселување од земјата, поради неможност да се обезбеди дури и каква-таква живеачка.“
Недоволната конкурентност со странските фирми е една од причините за ситуацијата во која се наоѓа македонската текстилна гранка. Текстилниот кластер бара инвестирање во модернизација и подобра пристапност кон користењето средства (од кои 50 отсто во облик на грант) од новоформираниот Фонд за иновации и технолошки развој, или од други слични фондови. Стопанската комора на Македонија заклучува: „За да имаме позитивни тенденции во македонската текстилна индустрија, неопходна е соодветна помош, односно преземање соодветни мерки од страна на државата. Како позначајни би се издвоиле: обезбедување на финанскиска поддршка во процесот на автоматизација и модернизација на опремата наменета за производство; намалување на царинските давачки за увоз на репроматеријали од земјите надвор од ЕУ, кои сега се 10 проценти, или тие да се изедначат со стапките на ЕУ за увоз на репроматеријали на 7,5% со што би се зголемила конкурентноста на македонските производи во Унијата; обезбедување државна подршка за да се изврши пренамена од ’лон’ – производство во класично производство, односно, заради формирање сопствен бренд наменет за извоз.“