Текстилците ја губат конкурентноста
30 октомври 2014Крајот на годината носи нова неизвесност за текстилната индустрија во Македонија. Работа се‘ уште има, но влошениот амбиент во ЕУ и знаците за рецесија во Германија влеваат несигурност. Нарачките се довршуваат, нови допрва треба да се склучуваат. Интерес има, но какви и колкави ќе бидат новите зделки засега никој не може и не сака да прогнозира. Нервозата на терен е веќе присутна, посебно откако некои фирми веќе сигнализираа проблеми во работењето:
„На Тетекс ова не му се случило никогаш. Околу 220 работници сме испратени на неплатен одмор. Секоја година во овој преоден период од летна во зимска сезона имаме проблеми со извозот, но овојпат раководството не успеа да обезбеди работа за пополнување на вакуумот. Бизнисот со традиционалните партнери од Србија и Босна овојпат се покажаа несиплатливи, така што се случи тоа што се случи. Најавите и ветувањата се дека ќе се вратиме на работа на крајот на ноември. Сигналите од Германија се дека ќе има нарачки, но ќе видиме. Ние се надеваме и сме оптимисти, но сепак останува да видиме. Проблем е што ни прекина стажот. Мораше да се одјават сите работници, иако инсистиравме на друго решение, но тоа е, законите не дозволуваат, а казните се ригорозни“, коментира за Дојче веле Љупчо Радевски, претседател на синдикат на Тетекс од Тетово.
Конкуренција од Бугарија и Романија
Кризата во ЕУ, според текстилците, е само дел од проблемите. Примарниот, како што велат, е односот генерално кон текстилната индустрија. Застарената технологија, недостигот на работна сила, отсуството на конкретна поддршка се проблемите што влијаат на конкурентноста. Без конкретни промени и поддршка овој тренд дополнително ќе се влоши, предупредува Маријана Перковска, претседател на Кластерот за текстил:
„Засега немаме индиции за откажување на аранжамни, но никој не може ништо да прогнозира со сигурност. Допрва ќе треба да видиме како е следниот период, каква ќе бидат понудата на колекциите. Евентуалната криза во Германија, во комбинација со постојните проблеми, само ќе не‘ направи уште понеконкурнтни. Проблем е и работната сила, младите се иселија, тешко е да се најдат квалитетни и образовани работници и тоа е врзано коло, немате продуктивност. Треба потемелно и подлабински да се разоткријат работите. Најголем проблем ни е Бугарија, Романија, каде веќе се отвораат фабрики со висока технологија и модерна автоматизација, што е олеснето со средства од ЕУ фондовите. Кај нас на тоа се обрнува малку внимание. Како кластер ние постојано апелираме на поддршка. Најприоритетна ни е во делот на технолошката модернизација која може да се постигне со поволно кредитирање. Потребни ни се поволни грантови за опрема, автоматизација која ќе не направи поконкурентни. Иницираме и засилена контрола и санкции за неквалитетниот увоз кој според пресметките годишно чини околу 50 милиони евра. Основно е поддршка, не во пари, туку вистинска поддршка во опрема, да се има ефект и резултати“, коментира Перковска.
„Способните во криза заработуваат најмногу“
Со сличен став се и останатите инволвирани во оваа дејност. Венцо Филипов, менаџер на текстилна компанија од Штип смета дека приоритените проблеми што треба да се решат се на домашен терен:
„Ако не ги решиме домашните проблеми тогаш не сме направиле ништо. Германија има 80 милиони луѓе, по едно парче да купуваат цел Балкан ќе треба да работи за нив и нема да може да постигне. Факт е дека има одредени проблеми, но факт е дека ние од година на година заостануваме кадровски и технолошки. Сите зборуваме за криза, но способните во криза заработуваат најмногу. Но треба да се седне на маса и да се разговара за реалните проблеми. Ако една фела од 40 илјади вработени не е интерес за општеството, што можам јас да направам? Само да плачам и толку. Проблемите само се констатираат, а не се решаваат. Како може да очекуваме иднина ако само 20% од кадарот што излегува од школите е за потребите на индустријата. Сите сакаат да работат во администрација. И нормално, кога немате квалитетен нов кадар и застарена технологија, тогаш имате и мал профит, што на крајот на денот влијае и врз платите. Предлагаме и некој вид субвенции за оваа гранка која е втора по број на вработени. Да имаме барем дел од привилегиите што ги добиваат странците што отвораат фирми во зоните. Па тие добиваат секакви поволности и за исти или помали плати, ни ги земаат работниците во кои ние сме инвестирале со години. А ние, уште К-15 ни натоварија што треба задолжително да го плаќаме“, реагира Венцо Филипов, менаџер на текстилна компанија од Штип.
Од текстилниот бизнис во Македонија егзистираат најмалку 600 фирми. Тие вработуваат повеќе од 40 илјади лица. Платите во овој сектор се движат од шест до дванаесет илјади денари месечно. Дури 90% од извозот на оваа гранка е од лон-производство, а вкупниот извоз во ланската година изнесува 512 милиони евра, или 16,7% во вкупниот извоз.