Тече гласањето на десеттите парламeнтарни избори
15 јули 2020Навреме и без проблеми почна гласањето на десеттите парламентарни избори на 3.480 избирачки места во шест изборни единици во земјата. Право на глас имаат 1.814.263 граѓани кои ќе избираат меѓу 15 партии и коалиции, со вкупно 1.578 кандидати. Заради заштита во време на пандемија, односно дистанца меѓу избирачите, за првпат гласањето ќе трае од 7 до 21 часот, наместо до 19 часот како што беше во сите досегашни изборни циклуси.
Дел од граѓаните веќе го искористија правото на глас во изминатите два дена. Во понеделникот во домашни услови први гласаа позитивните на Ковид-19 и лицата во изолација, а вчера болните, немоќните, раселените, затворениците и лицата во притвор. Со тоа, околу 10.000 граѓани веќе го направија нивниот избор, во услови кои ги задоволуваат и изборните стандарди и здравствените протоколи.
Гласање со мерки на заштита
Денешниот ден, кога се очекува најголемиот број граѓани да го искористат правото на глас, е прогласен за неработен. Ќе се гласа во согласност со Упатството на ДИК и протоколите на Комисијата за заразни болести, кои предвидуваат мерки на заштита на гласачите, за членовите на избирачките одбори и за набљудувачите. Во дел од избирачките места каде не можеше да се задоволат потребните барања и стандарди за здравствена заштита на гласачите, Државната изборна комисија направи промена на локациите за гласање.
Повеќе:
Неславен почеток на изборниот молк
Партиите замолчаа, сега гласачите држат збор
На овие избори нема да гласаат македонските државјани во дијаспората, бидејќи бројот на прифатени пријави за нивно гласање бил помал од бројот на гласови со кој е избран пратеник во Собранието на изборите во 2016 година. Поради тоа ДИК одлучи да не се гласа во дипломатско-конзуларните претставништва, а граѓаните од дијаспората правото на глас ќе можат да го остварат само ако гласаат во избирачките места во земјава.
Сите партии учесници во изборниот процес се обврзаа на фер и демократски избори, а начинот на кој ќе тече гласањето ќе го следат голем број домашни и странски набљудувачи, како и акредитирани странски новинари.
Да се пријави повреда на избирачко право
Со цел да се обезбеди непречено остварување на правото на глас, во канцеларијата на Народниoт правобранител денеска од 7 до 21 часот ќе функционира беслатната телефонска линија 0800-54321, на која граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право. За граѓаните ќе бидат отворени и сите седум канцеларии на Народниот правобранител - во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права. Покрај на бесплатната линија, граѓаните ќе можат за заштита на своите права да се јават и на следните телефонски броеви: во Тетово - 044 344-082, во Струмица 034 329- 996, во Кичево 045 228-586, во Битола 047 242-310, во Штип 032 389-701 и во Куманово: 031 431-488.
„Народниот правобранител, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање на итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права“, соопштија од прес-службата.
Народниот правобранител потенцира дека избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање, никој не смее да биде повикан на одговорност поради остварување на ова право, а повредата на слободата на определување на избирачите и другите повреди на избирачкото право - се казниви дела.
И Хелсиншкиот комитет за човекови права ги извести граѓаните дека имаат можност да пријават евентуални прекршувања на нивното избирачко право во Комитетот, на телефонските броеви (0)2 3119 073 и 072 278 436, или на helkom@mhc.org.mk.